[Став] Кога мораш да се бориш за она што го заслужуваш

Не е лесно да си млад човек во Македонија – оваа фраза, повторувана со различен интензитет низ годините, иако сведена на не повеќе од излижана флоскула, не престанува да биде точна – денес можеби најмногу од кога било досега.

[Став] Кога мораш да се бориш за она што го заслужувашДа си млад во Македонија значи да не чувствуваш ништо освен страв и безнадежност кога мислиш на својата иднина овде. Надежта да можеш да ја врзеш само за сонот дека ќе заминеш далеку, во некоја подобра средина, каде ќе ти дозволат вистински да живееш и да сонуваш некои поголеми, поубави соништа. Печалбари можеби имало отсекогаш, но олку луѓе цврсто решени да одат и да не се вратат, немало никогаш. Збунети и немоќни, го следиме најголемиот егзодус на млади (и не толку млади) луѓе во модерната историја на земјава.

Да си млад во Македонија значи да се обидуваш да дојдеш до знаење во искривено, празно и вештачко образование, каде од исплашените и згазени професори се очекува да го пренесуваат своето знаење на студентите. Ако си студент, лесно може да се случи да завршиш заглавен во мувлата на распаднатите студентски домови.

Да си млад во Македонија значи да немаш работа и да чекаш дедо ти да земе пензија. Или да имаш „работа“, онаква-никаква, тешка но неисплатлива, робовска. Да мораш да работиш за некој подобен газда, кој е врзан со оние „горе“, па му дале дозвола тебе да те држи секогаш долу.

Додека влегувам во години во кои себеси не би можел да се наречам „млад“ и почнувам за младите да размислувам како за „нив“ наместо за „нас“, се потсетувам на една важна вистина –  и „тие“ и „ние“ заслужуваме подобро.

Но, за она што го заслужуваме ќе мораме да се избориме. Некој ќе треба одново да ја гради оваа држава – нејзините институции, нејзините системи и вредности. Наши сограѓани веќе ја почнаа таа борба. Да им се придружиме, уште денеска.

Жарко Настоски