[Став] Кери Фишер беше херој за сите жени, пример како да се биде бестрашен до самиот крај

Киното изгуби вистинска икона со Кери Фишер – таа секогаш ќе биде принцезата со коса како ролат со цимет, која се бореше во Star Wars филмовите како да и гори под нозете.

Во Леиа, Фишер ни го даде апсолутниот преживеан. Оваа принцеза изгуби сѐ: своето семејство, својот дом, секој спомен од нејзиниот претходен живот. Подоцна (во The Force Awakens), го изгуби својот син поради злото, својот брат поради непозната судбина, па дури и својата најголема љубов.

Сѐ и беше одземено и сепак, беше силна и бунтовна. Никогаш не се покори на стравот, жалењето или безнадежноста. Леиа е искрата која ја носи вечната борба.

За тоа, Фишер ќе биде секогаш запаметена, а улогата заработи и некој вид на бесмртност. Но, за жените, се чувствува дека сме изгубиле нешто многу поголемо, бидејќи сѐ што Леиа претставуваше на екранот, Кери Фишер го реализираше во својот живот.

Таа беше од оние жени кои успеваат сите да ги сплотат, бидејќи беше пример за човечките напори, покажувајќи и дека не треба да се предадеме.

Животот на Фишер не беше лесен, не може тивко да се избегнува тој факт. Без разлика колку чест и посветеност јавноста ѝ упатуваше, таа сепак беше жена која патеше од ментална болест и која во одреден период од животот беше зависна од кокаин и седативи.

Но, нејзината реална моќ, и прекрасниот дар кој му го даде на светот, е што одби да биде тивка за овие проблеми. Таа одби да се затвори себеси во холивудскиот идеализам за тивка, услужна жена која ужива во својот гламур како порцеланска кукла.

Таа пишуваше и зборуваше за своите проблеми со револуционерна храброст и тешко е да се каже дека нејзините зборови не беа вредни за намалување на стигмата за менталните болести, особено за тоа како се перцепира кај жените.

Во нејзиниот роман Wishful Drinking (таа беше и филмска ѕвезда и неверојатно талентирана писателка), Фишер ги запиша овие зборови: „Понекогаш, да се биде биполарен е предизвик кој сосема те одзема, кој бара многу издржливост и уште повеќе храброст, па ако живеете со оваа болест и воопшто функционирате, тоа е нешто со што треба да се гордеете, а не да се срамите“.

За било кој кој пати од ментална болест, таа реченица се чини дека го отвора цел универзум: тоа е мисла до која луѓето можат да се држат во потешките денови, да знаат само дека секој ден од неговиот живот, некој со ментална болест прави искрен акт на храброст. Фишер го виде тоа, иако остатокот од светот одбива да го направи истото.

Бидејќи Фишер, баш како и Леиа, се бунтуваше. Зборуваше гласно: како жена, и помлада и во поодмината возраст, и како некој со биполарно пореметување. Секогаш се чинеше дека им држи лекција на жените насекаде, што е една од најважните лекции кои може да се научат – да се прифатиш себеси. Да се прифатиш себеси искрено и целосно. Само тогаш може да најдеш слобода.

И без оглед на тоа колку Холивуд сакаше да го продава нејзиното тело, облечена во озлогласеното метално бикини, Фишер не ги изгуби тие карактеристики на младоста и убавината кои го окупираа нејзиниот ум и го определија нејзиниот дух.

Друг вид на бестрашност покажа кога се врати во улогата на Леиа во The Force Awakens, сега како генерал, а не принцеза, како лидер и борец против оние кои се осудиле да ја потценат поради неважни нешта.

Кога светот се обиде да ја навреди потенцирајќи дека нејзиното постаро лице не изгледа убаво, соодветно возврати на Твитер: „Ве молам престанете да дебатирате за тоа дали сум остарела убаво или не. За жал, ги повредува сите мои три чувства. Моето тело не остаре доволно добро како што остарев јас“.

Тој „твит“ е зошто ќе ја паметам Фишер со убаво. Можеби беше мултиталентирана сила: актерка, писателка и една од најбараните сценаристки во Холивуд. Многумина би ги носеле тие таленти како тежок товар, но магијата на Кери Фишер беше што го третираше сето тоа како една прекрасна, забавна шега.

Таа беше една од најголемите инспирации, едноставно затоа што им кажа на жените да живеат. Да живеат бестрашно и живо, како нивниот дух да зависи од тоа.

Кларис Лоури за Independent