[Став] Како Ердоган ја задушува слободата на медиумите во Турција

Оваа недела, специјалната полиција упадна во зграда на медиум во центарот на Истанбул, потсетувајќи го светот уште еднаш со каква опасна ситуација се соочуваат новинарите во Турција, каде слободата на медиумите постојано еродира.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган се обидува да го пригуши слободното изразување. Неговата влада во неколку наврати го блокираше Твитер, Фејсбук и Јутјуб во Турција, а во еден момент Ердоган вети и дека ќе го „уништи” Твитер.

Голем број луѓе, обвинети дека го „навредиле” Ердоган беа гонети, а работите би можеле наскоро да тргнат кон полошо. Ако неговата партија победи на изборите во недела (1 ноември), набљудувачите веруваат дека Ердоган ќе бара дури и поголема извршна власт.

Апсењата на новинарите, исто така, стануваат се почести.

Земете го на пример случајот на Хидајет Караџа, поранешен претседател на Здружението на телевизиите кој се наоѓа во затворска ќелија речиси една година. Караџа беше уапсен за време на една поширока акција против медиумите на 14 декември – речиси точно една година откако започна огромна истрага за корумпираната влада на Ердоган.

Овие истраги беа критична пресвртница за Ердоган, кој вети дека ќе го замолчи секој новинар или ќе ја притисне секоја организација што дава значење на наводите за корупција. Радиодифуззната група Самониолу, со која претседаваше Караџа, беше независна мрежа која не потклекна на притисокот од власта и наместо тоа се емитуваа деталите на истрагата за корупција. Владата ја казни телевизијата безброј пати, како дел од кампањата за заплашување и полека помогна да ги намали нејзините приходи од рекламите.

Потоа на 14 декември, Караџа беше уапсен заедно со повеќе од дваесетина истакнати новинари и медиумски уредници, како и 63 полицајци кои беа инструмент во водењето на истрагата за обвиненијата за корупција.

Причината за апсењето на Караџа беше едноставно срамна.

Пет години порано, Саманиолу емитуваше серија на еден од каналите, за радикалната група наречена Ташијекилер, и обвинителот тврдеше дека Караџа прави сценарио против Ташијекилер со емитување на измислениот серијал.

Земјата беше шокирана. Како може радиодифузер да биде притворен поради серија? Зошто обвинителот беше толку загрижен за заштита на Ташијекилер и нејзините водачи, кои биле поврзани со Ал Каеда?

Затворањето на Караџа се чинеше одмаздољубиво и панично, и светот реагираше веднаш. Европскиот парламент, американските законодавци, Репортери без граници, Хјуман рајтс воч и бескрајна листа на граѓански организации го осудија казнување на медиумите.

Истанбулскиот суд пресуди во април дека Караџа и полицајците треба да бидат ослободени. Но, Ердоган нареди дека одлуката на судот не треба да се спроведува. Одлуката на Ердоган беше голем удар врз владеењето на правото во Турција, и многумина почувствувааа дека тоа беше еден од најтешките денови во модерната судска историја на земјата.

Додека ги пишувам овие редови, Караџа се уште е во својата ќелија во Истанбул, во затворот Силиври, а медиумите се уште се под напад – на директен и индиректен начин.

Владата на Ердоган разви сложен систем на контрола на медиумите. Бидејќи повеќето турски медиумски сопственици, исто така, се вклучени во други бизниси, како што се банкарство и индустрија, тие се под постојана закана дека средствата ќе им се одземат, ако тие не се покорат на наредбите на Ердоган.

Секојдневно владата остварува контрола со тоа што има поставено де факто владин контролор во секоја телевизиска мрежа за да го надгледува начинот на кој медиумот работи. Контролорите поднесуваат извештај секојдневно во канцеларијата на претседателот.

Новинарите се обидуваат да продолжат да работат најдобро што можат во оваа клима на постојан притисок, мобинг и страв. Стотици новинари како мене беа отпуштени од своите работни места во последните неколку години, бидејќи, доколку некој новинар не се покорува на комесарот, тој добива отказ.

Мојата приказна е пример. Веднаш по медиумската потера на 14 декември, објавив твит за притворените новинари. Во тоа време бев во Њујорк за да снимам сегменти за мојата емисија Панорама за НТВ телевизијата. Но, за кратко, мојот е-мејл беше деактивиран без претходно известување и бев отпуштена од медиумот по наредба на владата, соопшти комесарот на НТВ.

Оваа недела, видовме што се случува со сопствениците на медиумите кои ги одбиваат владините комесари, како што се Акин Ипек на Коза Ипек групата. Специјалната полиција насилно влезе во неговиот медиум, користеше солзавец, спроведувајќи ја волјата на владата.

Ова е мрачната позадина што ја предводи Турција на парламентарните избори во недела. Ердоган сака да се промени уставот за тој да може да добие повеќе извршна власт. Застрашувачки е да се замисли што би значело тоа за слободата на медиумите.

Автор: Суна Видинли, турска телевизиска новинарка

Извор: Mashable