[Став] Како да ни се врати тишината?

Стојам на ритче во Тирингија. Околу мене ливада, десно и лево прво проретчени, па потоа густо засадени дрвја на кои уште не никнале листови. Пролетта тукушто дојде, птиците ја поздравуваат со песна. Погоре на ритчето, кај шумата, се слуша поточе.

Иако последните куќи од селото се оддалечени само неколку метри, не слушам ништо освен звуците на природата: птици, ветер и поточе.

Но, наеднаш почнува нешто да татни. Звукот се спушта преку ритчето и иритира. Гледам наоколу и конечно откривам дека е авион. Сакам да се нервирам, но истовремено се прашувам зошто би го правел тоа.

Во Берлин не би го ни забележала авионот на небото. Звукот би се изгубил во какофонијата на големиот град. Таму веројатно би носела слушалки и би го игнорирала и звукот на авионот. Но, тука во природата поинаку одлучив. Ако ставам слушалки не би ги чула ни птиците, ни потокот, ни ветерот. Заради нив, одлучив да живеам и со звукот од авионот.

Мора ли да се живее со сета бучава?

Изминатите недели научив многу за бучавата. Разговарав со научник кој секој ден може да го живее она што јас во Тирингија го доживеав тие неколку минути: вистински звуци на природата без каков било звук предизвикан од човекот. Научив дека бучава на копно и под вода се сосем различни работи и пред сѐ дека бучавата како за луѓето, така и за животните може да биде многу проблематична.

Кога се вратив во Берлин почнав да се прашувам дали во денешно време едноставно мораме да живееме со фактот дека сѐ е многу гласно околу нас? Кои можности ги имаме да обезбедиме повеќе мир, за да ги заштитиме и луѓето и животните, на копно и во вода.

Доброто просторно планирање ги прави градовите потивки

„Најголемиот предизвикувач на бучава во градовите секако е сообраќајот”, вели Томас Пројс. Дипломираниот инженер работи на Германскиот институт за урбанизам на прашањето како може да се избегне бучавата предизвикана од човечки фактор. Прагматично, тоа е можно со мерки во градежништвото и паметно просторно планирање. Покрај возилата, бучава прават и компаниите, кафеаните, спортските сали, стадиони и градилиштата.

Принципиелно се разграничува меѓу временски ограничена бучава, како авионот во Тирингија, и постојана бучава. За вториот тип помагаат проактивни мерки за намалување на бучавата, вели научникот.

„Притоа, напорите се насочени кон тоа да се намали волуменот на сообраќај, односно да се дозволува само на намален број возила пристап до градот или пак да се ограничи брзината на возење”, вели Пројс. Големата уметност на посторното планирање на градовите се состои во тоа да се врати улицата како место за престојување.

Тоа не е можно без компромиси, вели тој.

Ако човек сака да ја поттикне употребата на велосипеди, автоматски мора да ја намали фреквенцијата на автомобили. Не може да се сака едното, а да не се ограничи другото”.

Подводна зона

Тоа може да се пренесе како принцип и за подводниот свет. Битната разлика е во тоа што звукот под вода се пренесува побрзо отколку на копно. Ако градилиште на копно се слуша само ако сте во близина, под вода би се слушало на повеќе километри, објаснува Александар Либшнер од Сојузната служба за заштита на природата.

Тука се повикани оние кои ја предизвикуваат бучавата, да преземат мерки. На пример, индустријата која гради ветерници на крајбрежјата со огромни темели во морското дно. Правилата и ограничувањата мора да бидат општоважечки и почитувани. Во Германија такви веќе постојат за заштита на еден вид китови кои живеат во Северното море, вели Либшнер. Таа регулатива е производ на соработката меѓу министерството, индустријата за офшор-ветерници, здруженијата за заштита на средината и засегнатите сојузни покраини. Ваквата соработка треба да служи како пример.

Индустријата развива и иновативни технологии за да го намали ширењето на звукот под вода за време на градежните работи.

Соработката води до целта

Друг извор на подводна бучава се моторните чамци. Нивното влијание на еколошкиот систем на Great Barrier Reef го истражува Енди Редфорд од универзитетот во Бристол.

Тој смета дека не е реалистично да се размислува за забрана на чамци во целиот заштитен предел од морето. „Но, апсолутно е можно да се редизајнираат моторите на чамците за да не предизвикуваат толкава бучава.“ Тој смета дека се покажало корисно наместо на двотактни да се премине на четиритактни мотори. Тоа го покажале првичните резултати од студијата објавена неодамна.

Редфорд смета дека би било корисно и одредени области да подлежат на посебна заштита во точно определени временски периоди за да се намали оптоварувањето со бучавата врз подводниот свет.

Нема ехо кое би се слушало и по децении

Од разговорите заклучив дека успехот на ова поле е поврзан со многу компрмиси и дека сигурно не може да се постигне согласност преку ноќ. Мора да се спроведат студии и да се добијат разултати од кои ќе произлезат правила и прописи, кои мора да се почитуваат и надгледуваат, регионално и на меѓународно ниво, на микро и макро план.

Добрата вест е: ако навистина се дојде до единствен став, бучавата прилично брзо би ја снемало. „Ако ги погледнеме загадувањата со хемикалии, тие остануваат долго време во водата. Тоа важи и тогаш кога изворот на загадувањето е веќе неутрализиран”, вели Енди Редфорд. Со звукот немаме таков проблем. „Нема ехо кое би се слушало со недели или месеци, или пак децении”.

Тоа секако важи и за Берлин и за моето ритче во Тирингија. По неколку минути авионот прелета и со него замина и звукот. Остана само песната на птиците, шумолењето на ветрот и жуборењето на поточето.

Пишува Клаус Естерлус за „Дојче Веле“