[Став] Информирај се, и одлучи!

На 20-21 септември во Собранието на Република Македонија се одржа  Регионалната младинска конференција на парламентите и младинските организации на земјите од Западен Балкан. Овие два дена се зборуваше за тоа колку е важно младите да учествуваат во креирањето политики, се зборуваше за невработеноста и одливот на мозоци, за лажните вести и дезинформацијата и за помирување и наследството од минатото. На оваа конференција младите имаа шанса да споделат нивни мислења, и заеднички со пратеници од земјите од Западен Балкан (или едноставно Балкан, затоа што кај е источен Балкан, нели?) и Европскиот парламент да најдат решенија. Но, дали секогаш разговорите во затворени кругови на луѓе доведуваат до промeни и дали вредностите за кои овие млади разговараа овие два дена ќе можат утре да ги пренесат надвор, меѓу нивните врсници?

Всушност, не е многу тешко да се “продаде“ идејата за подобар живот, идејата за ЕУ и сите придобивки што Eвропската унија и ги нуди на младите. Млади, како мене, кои сакаат да се движат слободно низ Европа, кои сакаат да имаат повеќе можности за студирање, подобар стандард на живот и некој да го вреднува нивниот труд соодветно. Затоа и последниве години над 70% од населението го поддржуваат процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Но, што точно поддржуваат? Дали оваа поддршка е само поради материјалните придобивки и подобриот стандард на живот? Најпосле, и покрај сите придобивки од ЕУ, нели како млади треба да сме подготвени да ги прифатиме и вредностите на ЕУ? Вредности како почитување на човековите права, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на право. Овие вредности ги обединуваат земјите членки – а дали земја која не ги препознава и прифаќа овие вредности може да биде дел од ЕУ?

Колку што не е тешко да се “продаде“ идејата за ЕУ, толку е тешко да се “продаде“ идејата на вредности кои изгледа со текот на годините се изгубија и не го најдоа патот до Македонија. Во 2018 година, според Извештајот за проценка на корупција на МЦМС, 69% од младите се изјасниле дека немаат проблем да даваат пари за да завршат некоја работа. 69% од најмладата популација, која треба да биде двигател на промените паѓа во канџите на корупцијата, која воедно е и најголемиот проблем со кој се соочуваат земјите на Балканот (Западниот).

И како што почнав од почеток на колумната, следното прашањето е, дали кога сето ова ќе заврши, и ќе се разбудиме на 1 октомври, нема да биде исто важно, колку што е и сега да градиме вредности кои се по теркот на партиципативната демократија, еднаквоста и владеењето на правото.

За да се градат овие вредности треба да се почне со работа… реално, требало да се почне со работа години наназад. Требало да се работи на тоа младите да се информирани и свесни за нивните права. За нивното право на глас, глас секој ден, но и глас на избори.

Концептот на универзално право на глас, познат и како општо право на глас се состои од право на глас на сите возрасни граѓани, без оглед на сопственоста, приходот, расата или етничката припадност, предмет на мали исклучоци. Во првобитното користење на политичките реформатори од 19-тиот век, универзалното право на глас значело само универзално машко гласање; гласањето беше проширено на жените подоцна, за време на движењето за право на глас на жените. А во светот има движења кои застапуваат намалување на возрасната граница на гласање од 18 години на 16 години. Има и држави во Европа во кои гласањето е задолжително.

Додека историски низ целиот свет ги имало и се уште ги има овие борби за право на глас, на втората анкета за Референдумот од ТВ Телма, МЦМС, и ИДСЦС, 29% од граѓаните се изјасниле дека нема да гласаат, додека 11% дека се уште немаат одлучено. 29% се околу една четвртина на населението на Македонија со право на глас. Помеѓу нив, и млади.

Европската Унија дефинитивно нуди подобар живот за младите и целото општество. Но што и нудиме ние на Европската Унија? Млади подложни на корупција и неподготвени да носат одлука. Затоа, на овој референдум, како и на сите други избори и шанси да се учествува во процесот на носење одлуки (и креирање политики), не е важно како ќе гласате, туку е важно да гласате. Свесно и информирано.

Во 2016, политичките партии во нивните програми на младите ни ветија нови студентски домови, подобро образование, револуција во културно-социјалниот живот за младите и мерки за намалување на невработеноста… Сите политички партии ни ветија промена, но промената во општеството е како прашањето на кокошката и јајцето. Дали прво треба институциите да се реформираат, или граѓаните да го сменат начинот на размислување. И секогаш овој маѓепсан круг ме доведува до еден одговор – Треба одговорни институции и граѓани кои активно ќе ги потсетат да бидат тоа. Во делот на политиките за младите, младите се тие кои треба да го кренат гласот, како што тоа го направија со Студентски пленум.  Историјата ни докажува повторно и повторно дека младите се подготвени да се борат за вредностите во кои веруваат, а дали младите во Македонија веруваат во вредностите што ги нуди ЕУ?

Додека размислуваат за тоа и поради тоа што сметам дека секогаш е подобро да се информираме сами, и поради тоа што со технологија само еден клик не дели од информација – http://izlezi.mk/wp-content/uploads/2018/08/Makedonsko-Grchkiot_Dogovor.pdf

Информирај се, и одлучи!

Влора Речица

* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.