[Став] Има ли живот вон екранот?

Пишува: Проф. Д-р Лејла Турчило, Факултет за политички науки во Сараево

Анегдоти од сараевскиот јавен превоз, приказна прва: „Што има ново“? – „Па ете, се разведов“. -„Да? Не сум видела на Фејсбук“. – „Па ете, уште не ми е променето презимето, а не му направив ни анфренд, не сакам да ми се ситат душманите“.

Анегдоти од сараевскиот јавен превоз, приказна втора: „Каде ќе одите оваа година на море?“ -„Не одиме на море, не сме при пари“. – „Па ајде, што ти е гајле, секогаш можеш да ги ставиш минатогодишните слики на Фејсбук“.

Магнет за лајкови и коментари

На еден од своите концерти, актерот и музичар Hugh Laurie на пола песна ги запре колегите музичари и замоли за малку внимание, затоа што би сакал да упати порака кон двете дами во првиот ред, кои од самиот почеток френетично го снимале концертот со своите мобилни телефони, како секој детал би бил забележан и споделен со нивните пријатели на Фејсбук.

„Имам порака за двете драги госпоѓи кои ме гледаат низ екраните на своите смартфони: драги мои, ве молам придружете ми се во сегашниот момент“, рекол популарниот Доктор Хаус, поставувајќи ја така една од сериозните дијагнози на 21-от век – зависноста од социјалните мрежи како медиум на самопромоцијата и личниот ПР, кој се користи за да се објави мажачката, но, ете, не и разводот. Непостоечкото летување се користи за да им даде на другите привид на добриот помин и лагодниот живот, а концертите, претставите, раѓањето на деца или што било друго мора да биде снимено за подоцна да послужи како магнет за лајкови и коментари.

Значи, ако првата грижа на истражувачите на психологијата и социологијата на онлајн-медиумите беше тоа како социјалните мрежи ќе влијаат врз нашиот вистински свет, односно дали тие ќе бидат своевиден простор за бегство од секојдневието, а виртуелната реалност ќе стане замена за вистинскиот живот, таа денеска е преиначена во прашањето: како дојдовме до тоа нашето секојдневие внимателно да се бележи со цел да се создаде што подобра слика за себе на социјалните мрежи? Како дојдовме до потребата, дури и кога „вистинската реалност“ не е толку убава, возбудлива и интересна, на Фејсбук да се прикажува нејзина ретуширана верзија, како би се фасцинирале пријателите, кои често и не се пријатели, и да се привлече вниманието на не толку малиот број луѓе кои, да ја нема оваа социјална мрежа, тешко би можеле и да се сетат кои сме и од каде не познаваат.

Виртуелната стварност, всушност, ни стана разубавена верзија на „вистинската стварност“, а не замена за неа, како што се очекуваше. „Големиот брат“ не гледа, но ние сами така одлучивме. Фејсбук е сцена за нашите мали, приватни риалити шоуа, во кои самите одлучивме да бидеме главни протагонисти, не само согласувајќи се на стрим во живо, туку и создавајќи го тој стрим. Животот не е живот ако тој нема своја рефлекција на екранот, а почесто и кога животот не е живот, рефлексијата на екранот дава привид дека е. Наместо аплауз, тука е опцијата „лајк“. А публиката никогаш не било полесно да се обезбеди: ако се запрашаме од каде ни се воопшто илјада и повеќе онлајн френдови, а само 200 и нешто контакти во телефонскиот именик (од кои добар дел поврзани со работата) и од каде ни е потребата пасионирано да ја споделуваме нашминканата верзија на својот живот со оние кои во даден момент немаат други обврски, па се онлајн (или, дури, додека здивнуваат од осмислувањето на своето Фејсбук постоење и на личниот онлајн ПР, го разгледуваат нашиот)? Или, да го парафразирам статусот на еден наш уметник – има ли лајф без лајк?

Анегдоти од сараевскиот јавен превоз

Анегдотите од сараевскиот јавен превоз, кои ги забележав во поминување, ги споделив на својот профил на Фејсбук. Преку него комуницирам со 585 пријатели, а иако имам повеќе од 300 барања за пријателство, одлучив да не ги прифаќам за пријатели луѓето кои не ги познавам во вистинскиот живот, ниту студентите на кои им предавам (го сметам тоа за преоѓање на границата наставник-студент, која подоцна се рефлектира и на нашиот однос на факултетот; еден од нив еднаш ми рече: „ние за вас ништо не знаеме, на Фејсбук не нè прифаќате, а тоа што ќе го изгугламе е здодевно“, што исто така зборува за новиот начин на кој денеска се дознава за луѓето – или ќе ги изгуглаш или ќе ги најдеш на Фејсбук). Значи, ни самата не сум вакцинирана против оваа болест која од сцената на половина концерт ја дијагностицираше Доктор Хаус.

Затоа, немам никаков смислен совет за тоа како да се најде баланс во пренесувањето на своите мисли, идеи, анегдоти и случувања онлајн, а и ми се чини дека поучувањето за тоа како и колку да се биде присутен на Фејсбук би било прилично лицемерно, со оглед на тоа што и самата секојдневно објавувам три-четири поста. Она што го научив во тој процес е дека клучните зборови се: мера и добра намера. Добриот вкус и чувството за „кога е доста“ исто така може да помогне. И, придужете им се на драгите луѓе во сегашниот момент, како што рече Hugh Laurie. Животот се живее, тој не е само за да се гледа низ екранот на мобилниот телефон. Секојдневието не е само потенцијален материјал за статуси на Фејсбук, тоа е многу, многу повеќе од тоа. И ако го нема во Facebook memories, ништо – сопственото сеќавање и онака е поважно. Сè уште.