[Став] И јас имам право на третман и хуман однос

Слика во центарот на Скопје

Деца на возраст од едвај пет години се шетаат низ Паркот „Жена-борец“, држат некоја кеса во раката и повремено ја доближуваат до лицето вдишувајќи. Околу нив многу луѓе поминуваат и ги одминуваат, брзајќи, не обѕрнувајќи се кон децата како тоа да е највообичаено и очекувано.

Оваа слика ја гледаме повеќе од 10 години, а децата сè уште се на улица, сè уште инхалираат лепак, а некои веќе и инјектираат хероин. Во нашата работа досега сме сретнале 76 од тие деца. Најмалото дете кое сме го сретнале, а инјектира хероин, имаше осум години, а најмалото кое инхалираше лепак само три години.

Истражувањето спроведено за потребите на трудот „Преглед на системот за третман на деца под 18 години кои употребуваат дроги“ во 2012 година покажа дека во Воспитно-поправниот дом во Тетово во 2011 година имало 7 деца кои употребуваат дроги, во Заводот за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ до 2012 година имало 15 деца кои употребуваат дроги, а според податоците на Министерството за труд и социјална политика во 2011 во Скопје имало 20 деца кои употребуваат дроги.

Според истражувањата на ЕСПАД во 2012 година 8,7 % од испитаните деца користеле марихуана во текот на животот; 3,75 % употребувале екстази; 2,18 % имаат користено инхаланти; хероин 0,6 %; а дроги инјектирале 0,6 %. Оваа година во тек е ново истражување на ЕСПАД кое треба да ни ја претстави сегашната состојба.

Дополнително податоците од Клиниката за токсикологија покажуваат дека 42,2% од интервенциите за опијатно предозирање во периодот 2001‒2005 се однесуваат на малолетни лица.

Во земјава не постои систем на следење на состојбата со децата кои употребуваат дроги, па затоа и нема целосна слика за нивниот број. Податоците се парцијални, некои и застарени, и доаѓаат или од работата на терен или од истражувања. Но, и покрај тоа овие податоци се доволни да ни посочат на сериозноста на проблемот.

Наспроти оваа слика од теренот, во Македонија сè уште нема програми за третман на деца кои употребуваат дроги, односно нема соодветен одговор на надлежните институции преку отворање интегрални програми кои, покрај третманот, ќе вклучуваат и програми за ресоцијализација и за рехабилитација, а во кои ќе биде вклучен кадар со обука и со образование соодветен на потребите на овие деца.

Министерството за здравство работи на подготовка на протокол за третман на деца кои употребуваат дроги, кој е во изработка од 2012 година и сè уште не е усвоен.

Во постоечките центри за превенција и за третман на лица кои употребуваат дроги според постоечкиот Протокол за третман со супституциска терапија (метадон и бупренорфин) има можност за вклучување третман на деца над 16 години, но во пракса според податоците добиени од овие центри во периодот 2012‒2014 година нема ниедно дете под 18 години кое е на третман со метадон и со бупренорфин.

Поради недостатокот на програми за третман, четири од децата кои тимот на ХОПС ги сретна во својата работа се починати како последица на употребата на дрога. Дополнително ХОПС има документирано 3 случаи на деца кои употребуваат дроги, а во неколку од нив се преземани конкретни дејствија за овозможување пристап до третман кој на крај не е добиен. Во првиот случај во 2009 година (11-годишно дете кое инјектира хероин 2 години) клиниките на почеток одбиваа да го примат поради тоа што не се сметаа за надлежни за на крај кога е примено во Клиниката за детски болести поради „однесувањето“ на детето бараа да се однесе дома. Поради недоволна мотивираност и страв на родителите, детето се врати дома. Во другиот случај (2011 и 2012 година,11–годишно дете, кое првично е контактирано на 8–годишна возраст кога и започнало да инјектира хероин) поради несоодветно добиената нега детето е со отежнато движење во количка.

Некои од клиниките прифаќаат ад хок случаи и преземаат потребни мерки за надминување на зависноста, но тоа се индивидуални постапки кои не се според протокол и медицина базирана на докази.

Често се поставува прашањето како овие деца доаѓаат до хероин (заборавајќи дека дел од нив инхалираат и лепак кој е многу лесно достапен), од каде им се парите, како го купуваат и притоа се заборава да се постави вистинското прашање ‒ како да им помогнеме на овие деца, во овој момент, без одлагање зашто по 10 години сликата може да биде уште полоша.

Она што треба да направат надлежните институции со цел да се надминат проблемите со кои се соочуваат децата кои употребуваат дроги е следново:

– да се формира мултисекторска работна група која ќе подготви протокол и сеопфатна програма за третман на децата кои употребуваат дроги, како и план за транзицискиот период (од сега до моментот на отворање на програмите);

– да се воспостави систем за следење на состојбата со децата кои употребуваат дроги;

– да се овозможи третман на зависност од дроги базиран на медицина на докази за сите деца, независно од нивната возраст;

– да се отворат центри за рехабилитација и за ресоцијализација на децата кои употребуваат дроги;

– да се отворат програми за работа со семејства кои имаат деца кои употребуваат дроги.

Во светот постојат повеќе примери на добри практики за третман на деца кои употребуваат дроги, кои можат да служат како пример и за Македонија, меѓу кои е и Виена во Австрија. Во Виена организацијата „Дијалог“ овозможува сеопфатни услуги на едно место за третман на деца кои употребуваат различни видови психоактивни супстанции, вклучувајќи и психосоцијални услуги. Организацијата овозможува супституциска терапија со метадон за деца до 14 години. Возрасната граница е поставена поради тоа што најмалото дете кое го сретнале кое употребува дрога има 14 години. „Дијалог“ има развиено многу добар систем на препраќање и соработка со центрите за социјална грижа, како и со другите организации кои имаат програми за деца кои употребуваат дроги.

Состојбата со децата кои употребуваат дроги е загрижувачка и треба да се дејствува овде и сега. Уште колку деца треба да починат додека чекаме да се отворат програмите за третман?

Воскре Наумоска – Илиева

Извор: ХОПС