[Став] Граѓаните на улица ќе го победат политичкиот криминал

Образовниот процес не ги подготвува учениците да станат активни граѓани во општеството – напротив, ги учи да молчат, да трпат и да не се солидаризираат со другите. Училишните клупи постепено уништија генерации на граѓани, пишува граѓанската активистка Сандра Анастасовска во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Зачудувачки е како после толку голема медиумска пропаганда која трае веќе деценија, со задушување на изворите на критичката мисла, со секојдневни закани кон граѓанскиот сектор и кон активистите, секој ден има сè повеќе луѓе на улица. Веќе цел месец граѓаните неуморно протестираат, ја црпат енергијата од неправдата, од сиромаштијата, одземеното право слободно да се изразуваат, одземената слобода, од нечистиот воздух кој го дишат на улиците.

Оваа година професори ги пуштаат своите ученици порано дома, поради тоа што мораат да стигнат на контра-протест. Во суштина, автопротест, протестираат против себе, против своето достоинство.
Како дојдовме до тука? Зошто требаше да чекаме аболицијата да дојде – нели требаше човечкото достоинство да го одбраниме многу порано, црвената линија да ја повлечеме многу пред ова се да се случи?

Многу јасно, причините, пред сè, се во образованието. Години наназад тонеме во образовен мрак, без анализа за соодветни реформи. Погрешни причини за имплементирање на одредена новина во образовниот процес, несоодветен кадар вработен со партиска книшка, училиштен менаџмент директно управуван од партијата на власт. Минатата година слободата на здружување на средношколците беше задушена со затворени врати, постери каде малолетници се обвинувани дека земаат пари за организирање на протести, закани и игнорирање од страна на институциите, пред чии врати кампуваа на дожд и отворено, против екстерното тестирање. Оваа година професори ги пуштаат своите ученици порано дома, поради тоа што мораат да стигнат на контра-протест. Во суштина, автопротест, протестираат против себе, против своето достоинство, своето право на заслужена плата за која со знаење и посветеност кон студентите треба да се докажат, а не според бројот на имиња кои ќе ги достават до партијата.

Во училиштата нема простор за дебата, креирање на критична мисла, учење од минатото преку објективен неселективен пристап. Нема соодветни функционални механизми кои ќе ги заштитат учениците од булингот, насилството и дискриминацијата и ќе ги научат да ги почитуваат човековите права. Образовниот процес не ги подготвува учениците да станат активни граѓани во општеството, напротив ги учи да молчат, да трпат и да не се солидаризираат со другите. Училишните клупи постепено уништија генерации на граѓани.

Со методите на девалвирачката релативизација, пропагандата допира до граѓаните, ги прави инфериорни и несолидарни, сакајќи да ја намали тежината на неправдата, на корупцијата, на дискриминацијата. Па така, многу често слушаме „сите се исти“, „Ромите во Македонија имаат повеќе права од другите во регионот“, „жените се застапени во политиката“, „бегалците се терористи“, „активистите се хулигани и платеници“ и граѓаните решаваат да останат дома, со своите егзистенцијални проблеми заробени во секојдневното живеење. Медиумската пропаганда и гласноговорните релативизатори ја завршуваат својата задача, градејќи редици на неутралци, неполитички битија, мижачи пред злосторствата.

Но, борбата за правда и правичност отсекогаш постоела, таа пркосела на секој режим, таа е основа на природното право и на разумот. Во таа насока, правните принципи се посилни од која било правна норма, така што еден закон, кој им противречи ним, е празен во својата важност – како што за граѓаните е празна хартија аболицијата.

Токму затоа, трагајќи по правдата и по своите права кои постепено чекор по чекор беа газени во изминатиот период, граѓаните своето право го наоѓаат на улица, во боите, во чувството на циничност и исмејување на власта, во барањата за кои се произнесуваат.

Јазот помеѓу институциите и граѓаните никогаш не бил поголем, тој е одраз на двојниот стандард со кој политичарите се претставуваат пред народот, невистинит и лажен, кој доколку помине неказнето засекогаш ќе го помести моралот во Македонија. Доколку граѓаните дозволат ова да помине, никогаш нема да можеме да ја вратиме довербата во семејството, пријателите, општеството. Засекогаш лошото ќе го победи доброто, правдата ќе изгуби.

Затоа, повеќе од јасно дека времето да излеземе на улица е сега, градејќи критична маса која се спротивставува на бездната во која се движиме. Како што кажал Рузвелт, „Демократијата не може да успее ако оние кои го изразуваат нивниот избор не се подготвени да изберат мудро. Вистинскиот чувар на демократијата е образованието“. На улиците учиме, се образуваме едни со други, градиме пријателство и избираме правичност, владеење на правото и слобода.

Граѓаните не се плашат повеќе да се спротивстават, иако знаат дека заканите чекаат зад вратите. На улиците не се сами, напротив заедно со своите соборци и соборки го предизвикуваат режимот .

Граѓаните го менуваат правецот на демократијата, правејќи ја силна, нерушлива, трајна. Градат нов начин на граѓанско учество со цел да создадат одново демократско општество.

Политичките партии никогаш нема повторно да бидат исти, поради тоа што ни граѓаните никогаш нема да дозволат ова да се повтори. Оваа борба ќе остане во наследство, ќе ја одвои партијата од државата и ќе ја плаши секоја идна можност за корупција и злоупотреба. Граѓаните на улица, мора сега да се изборат за својата слобода, да го сузбијат криминалот, засекогаш да го променат политичкиот систем и партиското делување, ова е последната црвена линија. Нема правда нема мир.