[Став] Екстерното тестирање како експеримент за девалвација на знаењата

На крајот од оваа учебна година, средношколците и основците ќе полагаат екстерен тест, со што повторно се актуелизира прашањето за оправданоста од ваков вид на проверка на нивното знаење. Постоечкиот концепт во Македонија содржи дефект во својата суштина поради повеќе моменти.

Екстерното или националното тестирање промовира погрешен систем на вреднување на постигнувањата на учениците, наставниците и училиштата, а резултатите се невалидни поради тоа што преку тестот се мерат само одредени знаења. Екстерната проверка е во контрадикторност со законите за основно, средно и високо образование, и не е усогласена со насоките за оценување на учениците определени од Бирото за развој на образованието. Спроведувањето на екстерното е проблематично и поради тоа што прашањата од тестот се објавуваат три дена пред тестирањето, а електронскиот систем е често нефункционален во повеќе училишта.

Екстерното тестирање во европските земји и во Македонија

Стандардизираните национални тестови се спроведуваат во најголем дел од земјите на Европска унија (ЕУ) и се користат за проверка на севкупните постигнувања на учениците кои вклучуваат знаења, способности и вештини потребни за живот и работа. Резултатите од националните тестирања служат како показатели за квалитетот и за исполнетоста на стандардите на еден образовен систем. Доколку учениците покажуваат слаби резултати, се проверува квалитетот на наставата, бројот на предмети и обемот на наставните содржини, поддршката што ја добиваат учениците во училиштата, во какви услови се изведува наставата, но и како училиштето соработува со семејството и со центрите за социјална грижа.

Утврдувањето на недостатоците во образовниот систем помага да се развијат нови образовни стратегии за негово јакнење. Тоа подразбира усогласување на насоките дадени од органите на министерствата за образование и на тоа што ќе се вреднува во интерните или екстерните тестови. Притоа, во земјите на ЕУ, националното тестирање не се спроведува секоја година, туку периодично и само во одредени одделенија. А во некои земји, како Финска, која последните две децении е меѓу првите места на меѓународните тестирања, учениците се тестираат само по еден предмет на крајот на учебната година.

До пред една деценија, наставните планови и програми се темелеа на знаење, што значи дека се оценуваше само знаењето на ученикот. Денес, ЕУ акцентот го става на способностите со кои ученикот се стекнува за време на своето задолжително образование. Затоа националните тестови се насочени кон мерење на вештините и способноста за примена на знаењата, особено по предметите мајчин јазик, математика, а во многу помала мера по природни науки, странски јазици, социјални и граѓански компетенции.

Слабите резултати на учениците од Македонија на меѓународните тестирања по предметите мајчин јазик (читање со разбирање) и математика (PISА, 2000/2015) беа причина за воведување на екстерно тестирање во македонскиот образовен систем во учебната 2010/2011 година, меѓутоа секоја година и за сите степени на образование. Оценката од екстерниот тест се запишува во свидетелство и влијае врз пресметувањето на крајниот успех на ученикот, а врз основа на резултатите од екстерното не се вреднува само ученикот, туку и наставникот, училиштето и целиот образовен систем.

Противречности и неусогласеност на екстерното со постојниот образовен систем

Постојат повеќе проблематични моменти при вреднувањето и оценувањето на постигнувањата на учениците со екстерниот тест.

Во законите за основно и за средно образование пишува дека сите оценки се преодни, освен оценката недоволен (1). Доколку ученикот на крајот од учебната година има слаба оценка по одреден предмет, ученикот се упатува на поправен испит. И покрај тоа што законите јасно укажуваат на непреодноста на недоволен (1), Министерството за образование и наука (МОН) им издава свидетелства на учениците кои на екстерен тест по одреден предмет добиле непреодна оценка. На овој начин, МОН постапува во спротивност со законите за образование и на овие ученици им дозволува да го продолжат своето образование без да полагаат поправен испит и да добијат преодна оценка. Ова, пак, отвора проблеми при аплицирање на матурантите на факултети во странство бидејќи ги одбиваат поради непреодните оценки во нивните свидетелства.

Бирото за развој на образованието (БРО) предвидува совладување на содржини и задачи по нивоа. Тоа значи дека ученикот може да има највисока оценка само доколку ги исполнува сите нивоа на знаења: помнење, разбирање, примена, анализа, синтеза, вреднување и творештво. Притоа, БРО дава насоки како да се прават интерните тестови во училиштата кои треба да содржат задачи по нивоа на сложеност и овие препораки се прифатени од наставниците. Речиси една деценија се применува начинот на следење, мерење и оценување на учениците кој е усогласен со степенот на исполнетост на стандардите за соодветен предмет. За разлика од ова, екстерниот тест составен од 30 прашања е само на ниво на помнење, што значи е доволен само за преодна оценка.

Друга сериозна слабост на екстерното оценување е што целата настава се насочува кон тоа што ќе се проверува на екстерниот тест, а при тоа се намалува квалитетот на наставата и учениците не ги стекнуваат потребните способности за примена на наученото и за творештво. Препораките за образование на Европската комисија кои се однесуваат на националните тестови не се насочени само кон проверка на знаењата на учениците, туку и кон проверка на способностите и вештините да се применат стекнатите знаења. А токму суштината на процесот на поучување и учење се способноста да се применат знаењата, писменоста на ученикот, ораторските вештини и творештвото. Од овие причини, екстерниот тест не би требало да влијае врз успехот на ученикот.

Дополнително, објавувањето на прашањата за екстерно оценување на веб-страницата на Држаниот испитен центар три дена пред тестирањето кај учениците остава можност тогаш да ги научат прашањата, наместо да учат во текот на целата година, и на екстерниот тест да добијат висока оценка. На овој начин, учениците кои се исполнителни и покажуваат континуиран одличен успех во текот на годината се изедначуваат со оние кои учат само за екстерниот тест. Ова е уште еден аргумент за необјективноста на оценката од екстерното тестирање.

Неретко, надворешното тестирање е пропратено со технички проблеми, како што се пад на електронскиот систем и непостоење на услови за тестирање во руралните средини.

Иако екстерното тестирање како пилот проект е воведено пред шест години, сепак до сега нема ниту една сериозна анализа која би укажала на позитивните ефекти или слабостите од ваквиот начин на дополнително оценување на учениците од страна на државата. И покрај тоа, последиците од екстерното тестирање се сериозни за наставниците, ако се земе предвид дека тие можат да добијат и отказ во зависност од резултатите од тестот. Системот на награди и казни врз основа на резултатите од екстерниот тест и уривањето на авторитетот на наставникот се дополнителни причини сериозно да се пријде кон ревидирање на концептот на екстерна проверка на постигнувањата на учениците.

Што да се прави?

Креирањето на новата национална стратегија за развој на образованието е сериозен предизвик за градење на силен образовен систем во Македонија. Тоа подразбира анализа на состојбите во училиштата, јакнење на образовните стандарди и поставување на воспитно-образовни цели во согласност со потребите на новото време. Токму националното тестирање може да помогне за ревизија на наставните планови и програми и за јакнење на потребните ученички компетенции за живот и работа.

Меѓутоа, националните тестови треба да се спроведуваат периодично, само во завршните години, зашто пречестите тестирања водат кон нарушување на училишната клима, зголемен стрес кај учениците, демотивираност на наставниците и нарушување на квалитетот на наставата. Оценката од екстерното тестирање, пак, треба да има формативен карактер. Тоа значи дека таа нема да влијае врз крајниот успех на ученикот, а ќе укаже на недостатоците во одредено подрачје од наставниот процес. Причини за слабостите може да бидат обемните планови и програми, лошите услови за работа, слабата поддршка на учениците од стручните тимови во училиштата, како и лошата социјална положба на семејствата.

И да се исполнети сите овие предуслови за солидни резултати, концептот на прашањата во екстерниот тест не е мерило за степенот на постигнувањата кај учениците. Екстерниот тест не треба да го вреднува и оценува само селективното знаење, односно само објективно мерливото, туку треба да може да ги измери и способностите за изразување, говорништво, лидерство, творештво, иновативност… А тоа не се мери преку тест од 30 прашања со по четири понудени одговори.

Матурантите не треба да полагаат екстерен тест бидејќи полагаат државна матура, а некои и меѓународна, што исто така претставува проверка на нивните постигнувања. Во високото образование, пак, не смее да има екстерно тестирање затоа што испитот е начин на проверка на постигнувањата на студентот.

Имајќи ја предвид поврзаноста на основното со средното и средното со високото образование, особено во делот на уписните политики, во време кога се подготвува нов закон за високо образование, постои историска шанса да се направи длабока анализа на воспитно-образовниот процес. Дури тогаш може да се пријде кон осмислување на нови стратегии за јакнење на образовниот систем.

До тогаш, најдобро е вака осмислениот концепт на екстерно тестирање да се стави во мирување сė додека не се донесат нови закони за основно, средно и високо образование кои ќе понудат квалитет во училницата.

м-р Билјана Димковска

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.