[Став] Економскиот аспект на декриминализација на дрогата

Обединетите нации сакаат земјите членки да ја декриминализираат дрогата, а Ричард Бренсон мисли дека тоа е одлично. Сепак, случајот е многу посложен, пишува Hamish McCrae во текстот за Independent.

Документите кои ги објави Бренсон, а кои повикуваат на „декриминализација на користењето и поседувањето на дрога за лична употреба“, биле изготвени на конференција за намалување на штетата која дрогата во Куала Лумпур, од докторката Моника Бег, од Канцеларијата за дрога и криминал на ОН во Виена. Потоа документот беше повлечен, и како што можете да забележите според негодувањата, моментално е ќор-сокак за секој политичар, па затоа и го одбегнуваат.

Всушност, идејата дека личната употреба на дрога не треба да биде кривичен прекршок е поддржувано од други агенции на ОН, меѓу кои и Светската здравствена организација и UNAIDS, а кавгата е всушност за рамнотежата на штета, наместо за било кој висок принцип. Дали е подобро да се легализира користењето на дрога, а поради и да се оданочи и регулира, или пак тоа може да охрабри консумирање на повеќе дроги? Ова ќе биде централниот проблем на претстојната конференција за светскиот проблем со дрогата на Генералното собрание на ОН, идниот април.

Пристапот кон употребата на дрога е проблем за здравството, јавната безбедност и човековите права. Но е и економски проблем. Би бил ли светот побогат, помирен и посреќен ако овие проблеми се третираат поразлично? Што знаеме?

Не сме сосема слепи при справувањето со овој проблем, бидејќи можеме да ги пресметаме трошоците за легислативата против дрога, кои се огромни. Документот на UNODC го разработува овој случај.

Можеме да видиме и дека има постепено омекнување на озаконувањето против дрогите, особено за канабисот и пред се во САД. Сето ова се случи истовремено со зацрврстувањето на законите против пушењето, речиси секаде, што води до идејата дека би било поефективно општеството да се насочи против користење на дрога, како што се насочува против пушењето, наместо сосема да ја забрани.

Има еден куп студии за трговијата со дрога, но покорисно е да се гледа на два вистински примери на резултатите од промена во политиката: легализацијата на канабисот во неколку земји во САД, особено Колорадо, и „де факто“ декриминализацијата на употребата на хероин во Цирих.

Досега имаме повеќе од 18 месеци искуство од експериментот Колорадо, кој започна на почетокот на 2014, кога беше дозволена рекреативната употреба(претходно смееше да се користи само за медицински цели). Во таа прва година, вработувањето во индустријата на канабис порасна од 6500 на 16000, а приходите на државата стигнаа до 33 милиони долари. Оваа година се претпоставува дека ќе изнесуваат околу 125 милиони долари.

Новата индустрија се разви, а продавачите повеќе личат на трговци со скапо вино кога ги опишуваат различните брендови на „трева“ како видови со имаат силен крај или цветни ноти, иако за разлика од алкохолот, дистрибуцијата е цврсто контролирана.

Негативните страни сé уште не можат да се видат. Се троши повеќе марихуана и има јавувања за сообраќајни несреќи поврзани со употребата на дрога. Има и повеќе случаи на хоспитализирање поради користење дрога. Сепак, најзагрижувачки се статистиките кои кажуваат дека сé повеќе луѓе ја користат (и ја злоупотребуваат) марихуаната.

Но, кога станува збор за јавната перцепција, експериментот е оценет како успех, со тоа што промената во законите е одобрена од 58 посто од гласачите на анкета извршена минатиот февруари. Сам 38 отсто сметаат дека легализацијата е неправилна.

Сепак, без оглед на мислењето на луѓето, легализацијата се шири. Државите Вашингтон и Алјаска тргнаа по стапките на Колорадо. Ако се земат предвид земјите во кои е легална медицинската употреба на марихуаната, сега во 23 американски држави канабисот е легален.

Швајцарскиот пример е постар, и затоа полесно е да се процени. Проблемот во Цирих беше што до 1990-тите, стариот буржоаски град имаше најголем проблем со дрога во цела Европа. Презаситен со дрогата која се продавала по уличните агли, властите решија дека продавањето на дрога ќе биде ограничено на една област, во парк на местото каде се среќаваат двете реки во градот, Platzspitz. Резултатот беше вистинска катастрофа: паркот стана магнет за корисниците на дрога од сите страни на Европа. Повеќе од 2000 од нив таму се собираа секој ден. Иглите расфрлени низ паркот му го донесоа новото име – „Парк на иглите“.

Граѓаните, кои на почетокот го поддржуваа проектот, беа во шок. Наместо да го сочуваат проблемот ограничен на една локација, социјалните проблеми поврзани со дрогата се зголемија дури побрзо и од бројот на корисници. Паркот беше затворен, а корисниците на дрога пак се раширија низ другите краеви на градот, со што проблемот само се влоши. Корисниците беа апсени, и во одреден период 60 посто од луѓето во затворите беа затворени поради прекршоци поврзани со дрога. Швајцарија трошела повеќе пари по жител за закон и ред дури и од САД.

Потоа следуваше промена во политиката. Хероинот стана легален. Центрите за лечење имаа соби за инјектирање хероин. Пациентите можеа да си одберат доктор, и третманот беше бесплатен. Имаше и голем проект со метадон, кој како и секаде е најчесто користената алтернатива на хероин. Проектот беше прогласен за успех, и во рок од 10 години стапката на смртни случаи поради предозирање двојно се намали, и имаше пад од 80 посто во стапките на инфекции од ХИВ. Поранешните корисници беа рехабилитирани: после третманот, две третини од нив успеале да најдат работа, да ги отплаќаат долговите и се откажаа од криминалот.

Циришкиот експеримент имаше неколку имитации низ светот, иако исходот не секогаш беше совршен. Швајцарската употреба на други дроги, како канабис, кокаин, екстази и амфетамини порасна. Понудата порасна за да се сретне со побарувачката, и Швајцарија стана најголемиот производител на коноп во Европа.

Ова се само два примери за тоа што може да се случи кога доаѓа до промена на политиката. Балансирана оценка на доказите, наместо на идеологијата, е секако најдобар начин да се одреди политиката. За мене, омекнувањето на законите за користењето на дрога (секако во комбинација со медицинскиот третман), комбиниран со зацврстувањето на социјалните ставови, се чини дека е најплоден пат за да се оди напред.