[Став] Еко-свест: Почнуваат еколошките пости!

По повод одбележување на првиот ден од пролета и меѓународниот ден на шумите, Еко-свест денес го започнува првиот еколошки пост и ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат. Во последните неколку години нашата земја е погодена од екстремни временски услови- поплави, суши и поројни дождови со зачестени електрични празнења. Јавниот простор во нашите градови е речиси непостоечки, а квалитетот на живот во градот значително намален. Нашата земја губи 3000 човечки животи годишно поради загадениот воздух!, стои во соопштението на Еко-свест.

Ставот на Еко-свест ви го пренесуваме во целост:

Промената во сезоните и климатските услови влијае на биодиверзитетот во земјата кој е под дополнителен притисок од инфраструктурни проекти. Нашата храна е под закана од уништениот биодиверзитет и пренамена на првокласното земјоделско земјиште и најплодната почва во земјата за индустриски зони.

Граѓаните на нашата земја немаат повеќе време за меѓусебно обвинување, ниту имаат време да чекаат некој друг да ни ги поправи работите. Затоа започнуваме со дваесет дена еколошки пости. За време на еко-постите ќе се пости од користење автомобил, од купување производи во пластика и многу амбалажа, од шопинг со пластични ќесиња. За време на 20-дневниот пост ќе одиме пеш и со велосипед, ќе одиме во шопинг со платнени торби, ќе си го носиме со нас реупотребливото шише или термос за вода, ќе штедиме струја, ќе садиме многу медоносни растенија и зеленило на балконите и во нашите дворни површини, ќе штедиме вода, ќе јадеме сезонска храна која е одгледана во нашата земја и креативно ќе го реупотребуваме пластичниот, стаклен и текстилен отпад.

На еколошкиот пост се поканети и нашите политички лидери, законодавниот дом, судиите, министрите и градоначалниците – нека ги употребат еколошките пости да преземат активности за носење и спроведување на правилни политики со кои ќе ни овозможат чиста животна средина и безбедна иднина.

Ве повикуваме сите да ни се приклучите на еколошките пости и вашето постење да го објавувате на социјалните мрежи со цел да потикнеме повеќе граѓани да се приклучат. За време на велигденските пости сите знаеме да се пофалиме со нашата креативност во послужување на посна храна на својата трпеза и со нејзините декорации – овие 20 дена да се пофалиме и дека имаме еколошка свест. Оние кои се подготвени за вистински еко-предизвик, ги покануваме да го продолжат еко-постот до крајот на Велигденските пости! Еко-свест ќе обезбеди и симболични награди за најпосветените и за најкреативните постови.

Да бидеме генерациите што ќе ја зачуваат иднината!
#ПостамЗаЗеленаИднина сега зошто утре е веќе предоцна.
#ДаЗборувамеЗаКлима