[Став] Еднаквост преку пристапност

Пишува Марко Панковски, македонски студент во Упсала, Шведска, за Шведската амбасада во Македонија

Пристапноста е значаен чекор кон еднаквост. Како општество со силна рамноправност, во Шведска леснотијата и разбирањето за пристапноста се сметаат за голем приоритет. Бидејќи доаѓам од држава која е на почетокот од тој процес и каде свесноста за овој проблем иако расте е релативно ниска, сметам дека приоретизирањето на пристапноста е еден од уникатните квалитети на Шведска.

Иако пристапноста не е нешто што ми влијае мене како индивидуа, сметам дека е важен елемент и значаен прекурсор во социјалната посветеност да се постигне сеопфатна еднаквост. Би сакал да ја искористам оваа можност да дискутирам и споделам неколку позитивни примери на пристапност во Шведска, кои ги претставуваат претежно аспектите за мобилност и севкупниот пристап за луѓето со инвалидитет.

Прво, кога станува збор за јавен транспорт и попреченост во движењето, уредите кои помагаат во пристапот се задолжителни за секој автобус или воз. Не е важно дали станува збор за автобус или воз во урбана или рурална средина, во преполн град или во далечно село, сите се опремени со лифтови и додатоци со цел луѓето со посебни потреби полесно да влезат. Кога се зборува за автобуските и железничките станици, во нив има лифтови (ако има потреба), рампи, пристапни тротоари и знаци и информации напишани со тактилна азбука. Дополнително, сите крстосници имаат уреди за звучни сигнали, а повеќето тротоари имаат текстура дизајнирана да им помогне на луѓето кои имаат проблем со видот да се движат полесно низ станиците и градот воопшто.

Второ, повеќето од зградите, а особено јавните згради, се опремени со лифтови, автоматски врати, нивелирани тротоари и специјализирани тоалети. На пример, низ сите кампуси во мојот универзитет, освен стандардните тоалети, има најмалку еден тоалет за луѓе со попреченост во движењето. Вака е во тоалетите во општинските згради, јавните транспортни станици, аеродромите, трговските центри и рекреационалните паркови. Освен тоа, во многу од јавните институции има опција да побарате асистенција за луѓето со попреченост и за постарите лица.

Трето, високото ниво на дигитализација на шведското општество е дополнителна предност за идејата за зголемена пристапност. Многу од услугите и производите во Шведска се достапни на интернет, што прави да биде многу полесно за луѓето со инвалидитет да ги завршуваат своите секојдневни обврски. На пример, сите сметки може да се платат онлајн, нивото на електронско банкарство е напредно и пригодно, а водењето на секојдневна комуникација со владините и општинските служби најчесто не бараат физичко присуство. Она што според мене е особено охрабрувачко и е тренд кој треба да се земе предвид во современата дигитална ера, е дизајнот на многу веб страници со алатки како превод, транскрипција, „текст во говор“ можности и многу други корисни алатки направени за поголема пристапност. Ова ја покажува посветеноста и свесноста на луѓето зад веб страниците за важноста да стигнат и до луѓето со поразлични потреби и приоритети.

За крај, она што за мене е особено охрабрувачко е флексибилноста на универзитетите да комуницираат со луѓето со попреченост и да им овозможат да бидат еднаков дел од образовниот процес. На пример, во водичите за студирање на мојот универзутет секогаш има и упатства за студенти со попреченост. Универзитетот има координатор за овие студенти, кои ги снабдува со литература за курсевите, со аудио книги, им помага да фаќаат забелешки. Им помага со читање и интерпретација на знаковен јазик. Кога станува збор за полагање, студентите со одредени проблеми имаат повеќе време да решат писмен испит, а можат и да побараат да одат во посебна просторија во внатрешноста на универзитетските центри за тестирање.

Процесот на создавање и зголемување на пристапноста во инфраструктурата е непрестан труд и бара време, многу работа и паметна алокација на ресурсите. Иако секогаш има простор за напредок и поголема експанзија, особено во предградијата и руралните области, јас сметам дека пристапноста за луѓето со попреченост во шведска е многу напредна и внимателно смислена. За мене лично, свесноста е еден од најважните аспекти за тоа, бидејќи свесноста е предуслов да ја направиме нашата средина попристапна и поинклузивна. Преку споделување на примери, пракси и лични искуства можеме сите да се ангажираме постепено да го зголемиме нивото на пристапност, и како последица на тоа, да ја зголемиме сеопштата инклузија и еднакост во нашите општества.