[Став] Една година по поплавата во Скопје

Беше околу 18 часот, 6 август, 2016 година. Бев горе на ,,Ритчето“ во Ченто и ги видов црните облаци како се надвиснуваат над населбава. Изгледаше како филмовине за торнада, па бидејќи бев без кола, го повикав татко ми да дојде со колата да ме земе ( моите ми беа на гости, да се поздравиме бидјеќи требаше да одиме на одмор утредента, а и да ми помогнат додека се спремам, бидејќи маж ми беше со колата втора смена на работа). Кога дојде по мене, додека да стигнеме до кај мене дома, веќе почнаа крупни капки дожд да паѓаат.

За кратко време почна многу силно и обилно да врне, ама си мислевме дожд ко дожд, како и секој летен дожд, брзо ќе преврне. Затоа и не ни обрнувавме многу внимание. Додека јас горе ги пакував куферите, го пратив татко ми од шупа да ми донесе нешто, и кога се врати горе ми рече дека дворот се полни со вода, што не беше случај откако пред 5 години направивме систем за дренажа. Водата и при најсилен дожд без проблем се одлеваше во одводот.  На лицето му се гледаше дека е загрижен поради тоа, ама јас си имав друга работа и многу не му обратив внимание. Дождот врнеше се појако и појако, па за половина час откако завршив со спремањето, се поздравив со родителите кои тргнаа да си одат дома. Тогаш веќе во дворот имаше сигурно вода околу 20 цм.

Тука веќе настаните се одвиваа во минути и секунди. Само што заминаа моите, јас погледнав од прозор и видов дека сосед до мене, кој живее во подрумски простории црпи вода и веднаш се загрижив за свекрва ми која исто така живее долу ( пред тоа кога ја видовме водата во дворот, кај неа се уште немаше влезено вода). Веднаш и се јавив на телефон, да не излегува надвор зашто бев сама со децата горе. Таа рече дека долу кај нас се e во ред, нема влезено вода, бидејќи кога реновиравме ставивме нови цевки и дупли вентил и некако се смирив, па продолжив со правењето палачинки за вечера на децата.

Меѓутоа за кратко време, откако се потсмирив малку, снема струја и тогаш децата почнаа да паничат, особено син ми кој беше само 3 годинки почна да плаче. И јас пак се подисплашив, ама се уверував себеси дека е само обично летно невреме и дека за кратко време се ќе заврши. Тогаш од горе приметив дека дворот се полни се повеќе и повеќе со вода. Се симнав на приземје да видам од поблиску каква е ситуацијата, и во исто време разговарав со маж ми по телефон. Од  детската соба која гледа кон задниот двор и арачиновски пат, видов дека водата стигнала до прагот на шупата кој е за 30 цм повисок од нивото на дворот и тогаш му реков на маж ми ,,Леле, Мики ќе ни влезе вода во шупата, ќе ни се навлажнат дрвата“.

Се уште не претпоставував дека може да очекуваме поплава од такви размери како што ни се случии, само неколку секунди после тоа. Откако му го реков тоа на маж ми, се свртев пак накај прозорот и накај дворот и видов дека водата е повеќе од еден метар, водата беше до пола шупа рамно со горната улица ( Арачиновски пат, бидејќи нашата куѓа е околу 1 метар под тој пат). Тогаш ме стрефи ужасот кој не снајде, ме фати паника за свекрва ми која се уште беше доле, се исплашив да не се удавила. Веднаш го фрлив телефонот и истрчав кон влезната врата, и имаше што да видам, водата ми беше до горната скала. Децата беа позади мене и вриштеа, а јас вриштев по свекрва ми. Во тој момент не знаев што е најпаметно да направам – ако тргнам во водата по неа, се плашев да не тргнат децата по мене. Таков ужас немам почувствувано во животот, да треба да мериш еден живот со друг.

Во тие секунди кога викав по неа, таа се огласи дека е жива и дека стои горе, на скалите, но не може вратата да ја отвори. Откако успеала некако да ја отвори вратата, дојде до скалите а јас ја потфатив и успеа да се качи горе. Долу подрумот се поплавил до плафон. Сите вриштевме од страв и паника, а вриштеше и комшивката спроти мене, чија ќерка ( другарка на ќерка ми) беше кај мене. Кога ќе се сетам на тие моменти и ден денес добивам вртоглавица, ми се лоши и срцето почнува забрзано да ми чука. Тоа беше вистински ужас, кога гледаш дека немаш контрола над ситуацијата и дека ситуацијата и понатаму ексалира. Дождот продолжуваше да врне многу силно, а водата да се качува погоре. Се исплашив дека ќе се поплавиме и ние на првиот спрат ( високо приземје). Откако и помогнав на свекрва ми да се измие и да се пресоблече, заедно ги качивме куферите спремни за на одмор и уште некои работи ( постелина, пасоши документи и сл.) и се качивме горе на спрат.

Родителите на девојчето што беше кај мене, веќе беа во паника бидејќи имаа дома уште две мали деца и една баба тешко подвижна, а тие имаат само еден спрат и водата им беше веќе пред врата. Во тој момент ми беше јасно дека мора да бараме помош. Почнав да вртам во полиција, но беше нон стоп зафатено. Тогаш не знаев од каде да барам помош, и и се јавив на мојата колешка Симона и му пишав  на колегата Ивица да ѕвонат и преку Фејсбук да алармираат, да почнат да бараат помош, бидејќи тука ситуацијата е многу загрижувачка и не се подобрува. Во тој момент не ни знаев што се случило во Стајковци и дека всушност нас ни се случило ,,цунами на суво“!.

По улицата „Тодор Чопов“ ( улицата пред нашата куќа) сите возила беа зафатени од поплавата, се вртеа во круг, се удираа едни од други или во оградите и дрвјата, глетката беше многу страшна. Маж ми рече дека ќе затвори и ќе тргне накај дома, но му реков дека не смее да доаѓа наваму со возилото, оти ќе го зафати стихијата и може да се удави. Му реков да оди кај моите и да чека таму додека да спадне водата!

Околу десет часот отприлика дождот престана, и водата почна полека да истекува, носејќи се со себе што сме имале во дворовите, дрва за огрев, градежни материјали, велосипедите на децата, маси столчиња, се…..

Ние само гледавме од горе и побеспомошна во животот не сум се чувствувала. Среќа што дома бев опремена со лед светилки на батерии и свеќи, па малку од малку осветливме за да не паничат децата. Со свекрва ми додека се тресевме од страв и ужас, глумевме смиренот и им раскажувавме приказни на децата за да не се плашат. Меѓутоа од страв не сакаа да си легнат да спијат. Околу 12-1 часот по полноќ водата веќе скоро и да истече ( имаше околу 20-тина цм) и мажите почнаа да излегуваат од домовите, таткото на девојчето дојде да си го земе, иако јас им реков сите да дојдат кај нас. Не знаевме од каде дојде таа вода и дали не дај Боже може пак нешто такво да се случи.

Тогаш некој извика дека на улица има мртов маж закачен на една од оградите. Веднаш се јавија во Брза помош, но таа не дојде. Околу 3 часот дојде еден полициски џип, кои само рекоа да го покриеме со чаршав телото, а Брзата помош дојде дури утрото околу 5 часот и го земаа  телото со нив.

Децата го слушнаа сето тоа ( кога кажаа за телото, уште не беа заспани) и тие трауми до ден денес не можат да си ги извадат од главата.

Ни беше повеќе од јасно дека институциите затаија и дека сме сами на себе, дека ќе треба да се снаоѓаме како знаеме и умееме. Утредента беше недела и освен полиција ништо друго не работеше и немавме кај да се јавиме. Маж ми си дојде одма откако спадна водата и само што зазори. Пројде еден комшија кој се разбира во електрика да ги извади осигурачите од струјата оти си мислевме дека ако дојде струја наеднаш да не настане поголема беља. Во меѓувреме, преку интернет се организирале луѓето и почнале да известуваат, да се јавуваат кај надлежните кои беа изгубени во свемирот и не знаеја што да прават.

Кога излеговме надвор глетката беше поразителна и ужасна, се што си правел, создавал, уредувал, беше уништено и однесено! Кај свекрва ми долу подрумот беше до плафон полн со вода. Веднаш го викнавме зет му  и братучед му на маж ми кои имаа пумпа за вода, и кога дојдоа одма почнавме да ја исфрламе водата од подрумот кај свекрва ми. Другите комшии само чекаа беспомошно помош, кој можеше да се снајде за пумпа како нас почнаа да чистат, но најголем дел од луќето беа без помош. Институции се уште ги немаше никаде!

Татко ми дојде утрото и ги однесе децата ( од кај Арачиновски улицата беше проодна) и среќа што дојде рано, оти околу десет часот веќе полицијата од последна 45 го затвори пристапот надолу.

Јас се качив горе на автобуската да купам плинско и вода за пиење, и одејќи по патот го гледав ужасот што не снајде сите. Од лепливата содржина ( не беше само кал туку и фекалии и други нечистотоии) одвај ги одлепував чизмите.

Кога стигнав горе на автобуска, видов неколку полициски коли, екипа на „Канал 5“ како снима само горе на автобуската и им реков да се симнат долу да видат како е надолу, само ме погледнаа и се свртеа. На полицајците им пријдов и им реков дека имавме мртов човек на улица, рекоа дека знаат и дека не можат тие ништо да направат ( истото го рекоа и за сопружниците што загинаа на подолната улица).

Тоа чувство на напуштеност не можам да го опишам во тие први моменти.

Се симнав (купив вода, леб, цигари за нас и комшиите) и продолживме со сизифовската работа. Ние црпевме вода од подрумот кај свекрва ми, ама бидејќи шахтите беа преполни со вода, водата пак се враќаше назад во подрумот. Одвај до вечерта (07 август) успеавме да извадиме половина и повеќе од водата, останаа околу 40-50 цм вода во подрумот, ама не беше само вода туку и леплива тиња .

Луѓето работеа, по папучи, боси, со патики, целите се раскрвареа и повредија затоа што во тињата имаше стакло од искршени чаши, вазни, чинии, телевизори и слични остри и опасни предмети. Имавме дома само еден пар чизми кои во гужвата не ни можевме да ги најдеме. Првиот ден сите работевме во калта, боси или по папучи.

Вечерта отидов кај моите да спијам таму со децата за да ги потсмирам малку. На телевизија тоа што го кажуваше пропагандата немаше врска со реалноста. Ги видов снимките на „Канал 5“ и не ми се веруваше како известуваа. На враќање утредента ( понеделник, веќе работен ден) од „Бриколаж“ купив чизми за нас дома и се вратив за да продолжиме да чистиме.

Најјако беше што по пат всушност гледав дека животот за сите други си продолжува најнормално да тече, а кај нас се беше извадено од конртола. Кога стигнав назад, пробав да се јавам во општина, но од таму ми спуштаа телефон цело време. Тотално игнорирање од страна на Општина Гази Баба! Ѕвонев и во Дирекција за заштита и спасување, зафатено беше цело време. Ги замолив сите мои колешки, колеги и пријатели да ја вршат таа работа за нас, да ѕвонат, да бараат помош во наше име за да може ние да продолжиме со чистењето.

До крајот на првиот ден веќе дознав дека почнале и граѓаните во Скопје да се организизраат за да ни помогнат и тоа ми даде малку надеж дека не сме сами во цела ситуација. Истиот ден, (понеделник, осми август) отидов да земам вода од училиштето „25 Мај“ и таму видов две чети или одреди не знам што се, околу 20-30 војници делат вода, наместо да помагаат на граѓаните. Ги прашав зошто не дојдат да ни помогнат, рекоа дека немаат таква наредба. Им се развикав нешто ( иако знам дека они лично не се виновни за тоа и дека постапуваат исклучио по наредба) и си отидов.

Среќа во понеделникот еден пријател кој работи во Комунална хигиена помина тука по горна улица и го замоливме ако може да ни донесат контејнери да го фрламе ѓубрето. Два дена ни носеа контејнери и најголем дел од нашето ѓубре и ѓубрето на соседите околу нас го исфрлавме во тие контејнери и така се спасивме да не ни се собираат купишта губре отпосле. Меѓутоа, во меѓувреме, помеѓу комшиите проструи информација дека од општина рекле да не се фрла ништо, ќе дошле проценители за да ни исплатат штета и луѓето престанаа да фрлаат, а и пријателов рече дека му забраниле да носи од контејнери наваму.

И така ѓубрето започна да си се трупа. Од тука веќе почна вистинскиот хаос и излезе на површина целата неспособност и неможност за организација на надлежните. На пример, кај Шабан Салиу агенцијата, дојдоа манекени дури  третиот ден, дотерани со гумени чизми и бели маички ( додека луѓето веќе трет ден боси и раскрварени сами се обидуваа да чистат, и се шетаа по улица кај мене фаќајќи си сеир ( буквално им се гледаше потсмевот во очи) и кога ги прашав зошто не земат лопата да ни помогнат, потсмешливо ми рекоа дека они не знаеле што да прават! Па им реков најдобро ќе биде да си одат дома барем да не ги гледаме тука.

Тие денови веќе почна на големо да пристигнува помошта од граѓаните и волонтерите, како материјална помош во храна, средства за чистење и вода, така и во физичка помош од волонтери кои физички помагаа да се сработи. Третиот ден кај војниците во школото најдов еден познаник, на зет ми другар кој кога ме виде веднаш ми прати 6 војника за да ни помогнат тињата и калта да ја извадиме од дома. Колегите од ХОПС, колегите адвокати и сите други роднини познати и пријатели се трудеа да ни помогнат најдобро како можат (со донации, со физичка работа) така што ние благодарение на сите добри луѓе кои ги имаме во нашиот живот навистина добро напредувавеме со чистењето дома, што секако, не можеше да се каже за чистењето на улиците и другите јавни простори, а и кај некои од соседите.

Колку и да се трудеа волонтерите да помогнат, кога институцииите беа хаотични и неорганизирани, не можеше да се види напредок. На пример, камиони пуштија два дена да поминат, стигнаа до пола улица ( на почетокот на улица живеат некои партиски активисти и вработени во општина кои си исчистија до кај нив и после не ги интересираше за останатите). Јас секоја вечер кога одев кај моите да ги видам децата активно по интернет споделував и известував каква помош ни треба, каде треба. Поминаа 4-5 дена и после не знам колку апели од поплавнените и воловнтерите да се пуштат медицински екипи. Моите колешки од ХОСП на мојата улица волонтерски правеа преврски на повредените граѓани и донираа медицински материјали (завој, бетадине газа и сл.) за да не се влошат раните дополнитлено.

Ситуацијата накај селото Синѓелиќ и Стајковци беше исто така ужасна. Се организиравме преку Фејсбук за да може луѓе со дијабетес и други хронични болести да ги добијат потребните лекови и здравствена помош. И сето тоа пак волонтерски, од совесни медицински лица и граѓани, институциите пак никаде ги немаше. Почна појава на дијареа, температури, нечистотија, фекалии на сите страни, ѓубришта планини се натрупаа, во 21 век ќе фатевме колера!

Цели десет дена поминавме во таква нечистотија. Од градот Скопје се појавија повторно манекени, со бели маички испечатени (Град Скопје нешто…) и само се расправаа со нас, никој од општината не дојде да се фати за лопата и да помогне. Да не беа војниците и волонтерите и чичковците од комуналните претпријатија од другите градовии ( кај нас конкретно од Лозово) немаше да се исчистиме со месеци. Луѓето од други градови  и војниците беа по цел ден без храна, ако не им дадевме ние да јадат ќе поцркаа луѓето за вода и храна. Исто така, беа пуштени практично без никаква опрема, без ракавици, без чизми, од волонтерите што носеа им дававме и нив да чистат. Лопатите ги разграбуваа некои со врски, а на улица немаше со што да се чисти. Криминалите кои се случуваа и кои беа во најава беа повеќе од очигледни. Тогашниот премиер Дмитриев најави бомбастично дека ќе сме биле 100отсто обештетени. Епа само информативно, не бевме ни 25 отсто обештетени за материјалната штета, а 10о отсто обештетување подразбира и надомет на штета за претпрен страв, стрес, односно нематеријална штета.

Но, да се вратиме на проценителите. На наша улица дојдоа дури во вторник (09 август, поминаа првите 5-6 куќи и си отидоа ( до 14 им било работно време). Утреденента исто така, дојдоа до наша куќа и до пола и си отидоа (односно тој за предметите направи записник, а вештакот за градба не сакаше да вештачи). Потпиша маж ми записник, и кога му побарав примерок и за нас, рече дека дополнително ќе сме добиеле. Никогаш не успеав да добијам ниту примерок од записникот, ниту примерок од извршеното вештачење, ниту пак се донесе некакво решение за исплата.

Исплатата на обештетувањето беше спроведено целосно противправно, значи ние како оштетени немавме увид во извршените вештачења, а од кои се определуваше проценка колку била штетата. Не беше донесен никаков правен акт ( управна одлука, Решение) за исплата, па доколку сме незадоволни да може да се жалиме.

Од списоците за исплата можеше да се види дека на тие списоци има луѓе од улици каде  поплавата од „цунамито“ во Стајковци и Сингелиќ не ни допре, а истите земаа пари и обештетување. Па, така имаше адреси како ул. „Палмиро Таљати“ воЧенто која е 2-3 километри оддалечена од  поплавата, „Сречко Пужаљка“ која е на ритчето исто како и „Фуштанска“, (на ридот) ул. „Брсјачка Буна“ во Шуто оризари, која е во Центарот на Шутка и нема шанси таа поплава да ги зафатила. Тотално без ред и без почитување на позитивните правни прописи се вршеше обештетувањето. Не се знаеше кој е надлежен.

Кога се обраќавме во Општина Гази Баба се оградуваа како ненадлежни, не праќаа во Влада, во Влада не упатуваа во Министерство за винансии, Министерство за финансии во Биро за вештачење, од Биро за вештачење во Општина. Сите се оградуваа како ненадлежни!

Ни зборуваа за некаква Комисија при Влада која беше во тотоална тајност, не се знаеше нејзиниот состав, седиште и надлежности. Владата донесе некоја одлука која до ден денес не успеавме да ја видиме со свои очи ниту пак да ја најдеме. Во приватни пораки на фејсбук добивав предупредувања помалку да зборувам ако сакам обештетување. Исто така, ми се јавуваа непознати партиски послушници по телефон да ме предупредат да замолчам.

Тежок криминал е направен од страна на тогашната власт во врска со обештетувањето и тоа мора новава Влада да го испита и да направи ревизија на целосната исплата, бидејќи  теркот на ДПМНЕ со исплатата беше нетранспарентент и незаконски начин.  Исто така, мора да се истражат криминалите и за причините за поплавата, криминалите околу непостапувањето и несоодветното постапување на ЦУК, Дирекција за спасување и заштита на Салиу, полицијата, војската, Комуналната хигиена, Општина Гази Баба…..

Кога сме кај Комунална хигиена, Градот Скопје и Општина Гази Баба, да се навратиме на нечистотијата и гјубриштето. Десетиот ден откако се потсобра калта и ѓубрето од улиците, од Општина Гази Баба рекоа ѓубрето да продолжи да се фрла во рушевината Житиште, и тоа ѓубре само еднш го собраа, но никогаш не дадоа наредба да се престане со фрлање ѓубре таму, ниту пак најдоа решение што праваат луѓето што не стигнаа да исчистат во тие две недели додека траеше главната акција. Некои беа на одмор, некои во странство, па покасно почнаа со чистење, некои едноставно немаа пари да продолжат со средување и реновирање и ги чекаа парите од обештетувањето, па почнаа со рушење дури после 7-8 месеци од поплавата и шутот го фрлаа или на улица или во Житиште.

Тоа е непсособноста на градоначалникот и вработените во општината, Комунална хигиена и Град Скопје. Само кај мене околу ул. „Тодор Чопов“ има три активни депонии, каде веќе луѓето почнаа да си фрлаат и комунално ѓубре ( остатоци од храна, и сл.). Улиците ги измијасамо еднаш! На десетиот ден! И толку во цела една година, ниту еднаш не помина Комунална хигина да измете и да потсоберат некое ѓубре и да ги измијат улиците барем уште неколкиу пати. Во оваа една година, само јас 5-6 пати се разболев од гнојна ангина, син ми и маж ми три пати фаќаа инфекција на очите, а девојчето дијареа и стомачни вирус.

Три работи како барања од целава приказна:

  • Да се истражи темелно одговорноста за настанување на поплавата,
  • Да се направи ревизија на исплатата на обештетувањето и донациите, и на секој од оштетените да се донесе решение согласно ревизијата, па да се види дали некои ќе треба да враќаат пари и дали некои неправедно не биле обештетени согласно претрпената штета
  • Да се исчистат сите диви депонии како резултат на поплавата (да се казнат сите кои несовеесно фрлаат, а да се најде начин за тие кои како резултат на поплавата се уште средуваат и имаат за фрлање на крупно ѓубре, мебел, шут и сл.)
  • Дисциплинска, кривична и материјална одговорност за сите кои потфрлија или придонесоа за настанување на поплавите и хаосот после поплавите.

И за крај, прво еве точно после една година уште еднаш да изразам огромна благодарност до сите граѓани кои да не беа не знам што ќе беше со нас, и второ, никогаш повеќе никој да не го снајде таква несреќа!

Посебна посвета:

Марјан, Даре, Боби за борбата со водата првиот ден и вадењето на работите и мебелот. Вториот ден, Мики од Комунална хигиена за контејнерите, Васко и војниците за борбата со водата и калта. Третиот ден, адвокатките Наташа Бошкова, Пале Зефиќ и Рената Миладиносвска за логистиката по инсититуции и помошта што ни ја праќаа,  ХОПСОВЦИ ( посебно Симона, Марија, Марга, Сика, Бица, Кики, Ивица, Ана, Александра и сите други), мама и тато и сестра ми и зет ми за поддршката и финансиката помош, колешката Кате и маж и Коста и братучетка ми Весна за поддршката и финансиската помош. Биле Настовска за поддршката и материјалната помош на поплавените, Павле Пајо Богоевски за физичката и материјална помош, Јасмина Дуриќ, Млади правници и Хелсиншки за правната помош, сите други роднини и пријатели кои ни помагаа и не поддржаа и до сите добри и несебични  граѓани кои се најдоа во тие тешки моменти!

Пишува: Хајди Штерјова Симоновиќ