[Став] Една година на работа во Германија, со 24 години и билет во еден правец

„Добив многу , но платив висока цена. Се уште не сум свесна дека месечно заработувам една шефовска хрватска плата, па и понатаму, од навика, живеам со 300-400 евра месечно“, пишува на својот блог „Blogerica Gastarbajterica“, 24 -годишна Хрватка која пред една година се преселила во Германија.

Во својата последна објава, таа прави резиме од првата година самостоен живот во странство.

„ Ова за мене беше една од најтешките и најстресни, истовремено и најтажна, но и една од најубавите и највозбудливи години.

Неколку седмици по 24 -тиот роденден, ги спакував куферите и влегов во авионот со огромна кнедла во грлото и карта во еден правец. Беше ужасно тешко да се остави зад себе целиот досегашен живот, убавата и голема куќа во која живеев цел живот, градот кој го сакам, семејството, пријателите и најмилото животинче.

Беше ужасно тешко и да не стиснам на „откажи ја резервацијата“ и да не го платам влезот во авионот, но некако успеав да се соберам. Ова беше една од најтешките и најголеми одлуки кои некогаш сум ги донела!

Како личност која пред ова патување никогаш не живеела сама ( не го сметам летувањето со пријателите), самостојниот живот далеку од родителите и познатитете ми беше многу тежок. Не само што се преселив буквално преку ноќ, туку и во странска држава со јазик кој отсекогаш ми бил ноќен кошмар. Чувствував дека за неколку месеци пораснав неколку години.

И по една година се уште не можам да донесам заклучок дали ова беше правилна одлука.

Плачев како никогаш во животот, неколкупати бев на раб на сиромаштија, скоро и да добив ќотек од албанската мафија, ги трпев безобразните Германци кои ме исмејуваа бидејќи понекогаш нешто погрешно сум разбрала, наврнав стотина пати и изгубено лутав сама по улиците на непознати градови, осамена и потажна од секогаш.

Но не можам да кажам дека годината беше лоша бидејќи на крајот сепак го постигнав она по кое што дојдов. Работам канцелариска работа на јазик кој пред една година ми беше неразбирлив како кинески, запознав многу добри луѓе и искусив живот во мултинационално опкружување во странство, научив многу за животот и за самата себе, за првпат се осамостоив и се издржувам себе си. Се уште е далечен пат пред мене, ме чека уште многу учење и тешки денови, но се е полесно кога на крајот на месецот ќе ми легне платата на сметка и кога знаеш дека не мора да го броиш секој цент во продавница.  Уште не сум свесна дека месечно заработувам една шефовска хрватска плата , па и понатаму од навика живеам со 300-400 евра месечно и го бројам секој цент. А подобро така и да остане додека се уште не сум почнала да купувам скапи играчки како автомобил и нов лаптоп :)

Добив многу , но платив висока цена.

Освен што ги пропуштив сите родендени и други важни датуми во животот на своето семејство и драгите луѓе, меѓу другото и раѓањето на внук ми кој се уште не сум го запознала, минатата година го изгубив омиленото домашно милениче и најверен пријател. Таа почина, а јас не бев таму, тоа ме мачеше со месеци, боли и при самата помисла ми течат солзи по лицето. Знаев дека и не остана многу време, и да речеме дека си рековме збогум последниот ден кога бев во Загреб, но не можам да си простам за последната година од животот што не ја минавме заедно. Ми беше главната причина за враќање во Хрватска и најголемата среќа секојпат кога слетуваше авионот. Со луѓето, иако си далеку, секогаш може да се слушнеш и не е толку страшно да се издржат неколку месеци одвоеност, но од неа можев само да гледам слики и видеа, а секој пат едвај дочекував да го прегрнам крзненото топче.

Најдобрите години од младоста ги минувам сама, во стан без греење.

Сега кога останав без миленичето, не ми се брза толку многу дома. Јас се уште планирам посета на секои 2-3 месеци во Хрватска, бидејќи во спротивно мислам дека сериозно ќе се изгубам и ќе ми се слоши, но живот и работа во Хрватска засега не планирам. Првичниот план беше само да го завршам курсот за интеграција, да научам германски и да добијам полесно работа во Хрватска. На половина пат,  зад грбот на моите родители се одлучив за промена на плановите и останување во Германија. Тие не беа ниту малку среќни, бидејќи моите баба и дедо одамна рекоа дека заминуваат на неколку години, а останаа 40. Се надевам дека во мојот случај нема да се оддолжи толку многу.

Си помислив, зошто би работела за 1.600 куни (околу 220 евра), кога можам да работам за 1.600 евра? Не се вели за џабе, нема и пари и живот. Јас одбрав пари. Дали погрешив? Не го знам одговорот. Силно ме боли тоа што најдобрите и последни години од младоста, наместо на ноќни излегувања ги трошам во руиниран стан без греење во непозната земја, па ако веќе е така, тогаш јас ќе се обидам да ги земам последните можни евра од оваа земја, да работам повеќе и заработам доволно за да можам да се вратам што поскоро и да живеам со полни гради.

Од сето ова заклучувам….

Остварени цели за 2015:
– Положен B1 степен за германски јазик
– Успешна интеграција
– Канцелариска работа со полно работно време

Цели за 2016:

– Да положам C1 степен за германски јазик(или барем B2)
– Да најдам работа по струка
– Да научам уште еден странски јазик
– Да купам автомобил иии…
– Да си купам стан!

Многумина ми се смеат дека имам преголема имагинација и премногу високи цели, но исто така сите мислеа и дека нема начин со оскуден германски и диплома по економија, како и без ден работно искуство, да најдам работа во канцеларија.

„Погледни ја, дојде до Германија и наместо да бара каква било работа, таа е арогантна и цели веднаш на високи позиции, не може тоа така …”.

Е па, можам и сакам !! Германија е тврда земја, сурова и не простува – ова е најдобар опис на Германија кој сум го прочитала досега, но исто така ќе додадам – и земја на бескрајни можности.

Извор: Gastarbajterica007.blog.hr