[Став] Е–генерација: Генерацијата што одбива да умре во тунелот на транзицијата

Ниту една генерација не го донела, и нема да го донесе совршениот систем, но, секако, секогаш донесува подобар од претходниот. Тој циклус не смее да запре. Време е да се соочиме и да ѝдадеме за право на е-генерацијата.

Пишува: Зоран Бојаровски

Разбиените илузии за војната во Виетнам, аферата Вотергејт, оставката на Никсон, тогаш најмоќниот човек на светот…, беа настаните кои ја одредија рамката на големата пресвртница во историјата на Соединетите Aмерикански Држави во која, во седумдесеттите години на минатиот век, се раѓаше новата епоха за новата американска генерација: Генерацијата Икс (Х). Генерацијата родена од слободната љубов на бејби бум генерацијата. Како последица или поука од неефикасноста на хипи родителите, генерацијата Икс научи три важни нешта:

  1. Владата дефинитивно лаже или ја крие вистината
  2. Медиумите се моќно оружје на лагата или на вистината
  3. Маската на Никсон е кул маска за Халовин

Не мора да е секогаш прецизно причинско-последична врската, но од желбата да ги систематизираме работите и да ги ставиме во одреден разбирлив контекст, слична паралела можеме да повлечеме и во однос на новата генерација граѓани во Република Македонија, која ја дефинираа неколку важни и определувачки процеси во нашата понова историја: е-Генерацијата.

Генерација порасната на интернет

Родена на крајот на осмата декада на 20 век во поранешната заедничка држава на сите народи и народности – Југославија, припадниците на е-генерацијата се синови и ќерки на југословенската хипи генерација која која се сеќаваше на убавите денови од тоа време, но и генерација која беше сведок на распадот на некогашната идеална држава.

Војната во Југославија, беше нашиот Виетнам.

е-Генерацијата порасна на интернет, се конектираше на новите медиумите и споделуваше на социјалните мрежи. Тоа е генерацијата која го артикулира бунтот во Македонија како реакција на системот што целосно потфрли. Тоа е генерацијата која сфати дека се роди и дека може да умре во тунелот на транзицијата. Тие одбиваат тоа да го прифатат. Тие одлучија да не бидат надвор од настаните, да ја преземат судбината во свои раце и да си ја вратат моќта за одлучување која е автентично нивна.

Ниту една генерација не го донела, и нема да го донесе, совршениот систем, но, секако, секогаш донесува подобар од претходниот. Тој циклус не смее да запре. На патот до слободата…

Нашиот Вотергејт е аферата „Прислушкувани разговори“ или „Бомбите на Заев“

Е-генерацијата го пишува својот манифест

И додека едните, задушени и изгубени души во сопствената корупција си го купија ВИП местото од другата страна на рајот, слободните граѓани од е-генерацијата го испишуваат граѓанскиот манифест.

Тоа се луѓе од целата земја кои си ги вратија правата сами да одлучуваат за сопствената судбина. Тие со љубов и одговорност се грижат за сопствената животна средина, за парковите и дрвјата, за трговските центри и училиштата како места на кои растеа и во кои се вљубуваа…

е-Генерацијата знае дека нашите животи се поврзани со идните, и дека тоа што го прават сега, ќе има влијание на идните генерации. Тоа го препознаа на своја кожа од самодоволноста, корумпираноста и алчноста на елитите на транзиционата македонска генерација. Затоа ја презедоа одговорноста за себе, но и за нивните пријатели и граѓани од идните генерации. Сосема е јасно дека никогаш до крај не можат да се предвидат деталните резултати од нивната иницијатива, но едно е сигурно – ја презедоа одговорноста за да ја направат Македонија подобро место за живеење, а не земја од која е подобро да се замине.

е-Генерацијата во Република Македонија одбива да прави разлика по етничка основа, одбива да биде само потрошувач, клиент и пасивен примач на информации. Оваа генерација става до знаење дека нејзе и припаѓаат институциите, процесите, алгоритмите и системите кои го обликуваат нивниот живот, кои беа украдени, окупирани, присвоени од актуелната политичка елита. Поврзаната е-генерација сака да знае како и зошто се донесуваат одлуките од прва рака, и сака да го реализира своето право да ги контролира оние кои привремено, во еден изборен мандат, управуваат со ресурсите кои се соптвеност на граѓаните. е-Генерацијата сака да биде понепосредно вклучена во креирањето на законите и процедурите, во работата на институциите кои се формирани за да ги заштитуваат и да им служат на граѓаните, а не да бидат алатка за богатење и корупција на елитите.

Променети се околностите и токму тие околности на е-генерацијата ѝ го овозможуваат тоа. Оваа генерација, за разлика од корумпираните елити кои сѐ уште мислат дека со општеството треба да управуваат со алатките од деветнаести век, ги дели еден клик од светот на информациите и знаењето. е-Генерацијата знае како да пристапи до тоа знаење, знае да ја направи проценаката за сопственото место во светот на информациите, знае да чита, да процесуира и да визуелизира податоци, и – како круна на сето тоа: знае да донесе заклучоци и акции и знае дека тоа може и мора да го прави заради иднината која им припаѓа на сите наредни генерации.

Со алатки од 19 век,не се решаваат предизвиците во 21-от

Кога велиме дека е-генерацијата знае дека може и дека мора да преземе акција, наспроти тоа ја имаме сликата на актуелната поставеност на владата, која со ментална структура од деветнаесеттиот век се покажа некадарна да ги решава предизвиците на 21-от век. Пред сѐ, условите за пристоен живот и безбедноста на граѓаните. Тоа е така во најголема мерка зашто не го препозна, а потоа, во занесот од грабежи и алчност, си го помрачи умот и го изгуби контактот со новата, е-генерација.

Што не може да види помрачениот и корумпиран ум:

  • Граѓаните на е-генерацијата ја загубија довербата во старовековните елити и повикаа дека сакаат тие да бидат одговорни за своите животи, места во кои живеат и работат и кои ги љубат;
  • Политичката моќ не може да биде сопственост, туку до неа имаат пристап и од неа имаат придобивки сите граѓани;
  • е-Генерацијата знае каде да ги добие потребните алатки, знаење и поддршка;
  • За новата генерација најзначајни вредности се сочувството, дијалогот и довербата;
  • Граѓаните на е-генерацијата ја приспособуваат технологијата на сопствените потреби;
  • Им помагаат на луѓето на паметен начин;
  • Поставуваат прашања, и откако ќе ги постават, прашуваат уште, пред да испорачаат одговори;
  • Активно учествуваат во препознавањето на феномените за да донесат најдобри одлуки;
  • Работат со искрена страст, моделираат претпоставки, тестираат бргу и знаат кога да почнат одново;
  • Не се откажуваат пред големи предизвици;
  • Безрезервно споделуваат знаење, вештини и информации зашто знаат дека оттаму произлегуваат новите и вистински вредности.
  • Знаат кога треба да се побара дозвола, а кога прошка.

Новата, е-генерација, сака пред себе да види влада, од било која политичка провиниенција, која ќе преземе одговорност да се впушти во отворен дијалог за радикално преосмислување на системот.

За да се понудат одговори на предизвиците на новиот век, е-генерацијата бара да се редефинираат поимите „влада“ и „владеење“. НИЕ сме нашата влада, порачуваат од оваа генерација. Без нас, нема никој таму. Луѓето, народот, граѓаните, го прават општеството, а не членовите на политичките партии.

е-Генерацијата знае како се прави тоа. Со новите технологии е полесно од било кога. Ако луѓето знаат да прават паметни телефони, паметни телевизори, паметни автомобили, паметни градови, зошто не би знаеле да прават паметни општества.

Тоа го знае е-генерацијата, а не оние од племенски организираните партии.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).