[Став] Џа или бу? Младите треба да одлучат

Точно е дека Македонија во моментов се наоѓа пред историска одлука. Уште поточно е дека младите се во центарот на таа одлука иако можеби од далеку не изгледа така.

Моменталната ситуација во која се наоѓаат младите во Македонија е поразителна.  Над 60% од младите сакаат да се отселат од државата. Според проценките на ОЕЦД во 2014 околу 20 000 луѓе (воглавно работоспособно население) ја напуштиле Македонија, а иселувањето од година во година бележи растечки тренд. Податоците за 2017 на Меѓународната организација на трудот укажуваат на тоа дека речиси пола од младите во државата се невработени, а оние кои работат честопати се соочуваат со несигурно работно место, договори на определено време, помалку се плаќаат од останатите вработени итн. Покрај тоа што над 90% завршуваат високо образование, значаен дел се функционално неписмени,  а уште поголем дел се со образование кое не се совпаѓа со потребите на пазарот на труд и кое не е конкурентно на европскиот пазар. На оние, кои припаѓаат на маргинизираните групи на млади, им е потешко бидејќи голем дел немаат воопшто пристап до образование и живеат во сиромаштија.

Ако Македонија не може да има иднина без својата младина, а иднината на младите во оваа држава е загрозена, тогаш токму таа младина сега треба да се покаже и на дело и сама да донесе информирана одлука за претстојниот референдум.

Правото на глас е едно од најосновните и најважните демократски права и во европските држави претставува должност на граѓанинот, особено оној кој сака да види промени. Во теорија, колку поактивно учествуваат различни групи граѓани во донесувањето одлуки, толку поголема е демократијата во одредена држава.  Затоа имаме примери од држави во Европа, како Белгија и Луксембург, каде гласањето е направено задолжително по закон. Сепак, за младите од Македонија ова не е нималку лесна задача.

Првата причина е поврзана со ситуацијата во која се наоѓаат младите во нашата држава, која трае толку долго што кај многумина истата е нормализирана. Тешко е некако да се замисли поинаков, посреден, постабилен и посреќен живот, па оттаму и немоќта на младите да мислат дека нивниот глас ништо не значи. Но, низ Европа имаме бројни примери каде гласот на младите ги сменил или ќе ги сменел изборните резултати на локално и национално ниво. Брегзит е можеби еден од најзначајните примери за тоа што сè може да случи кога младите имаат став но не излегуваат да гласаат. Можноста за се гласа на 30 септември е историска од два аспекти. Првиот аспект се однесува на можноста на сите граѓани да го дадат своето мислење за одлука која е од голема важност за иднината на нашата земја, а вториот се однесува на последиците од истата, бидејќи доколку референдумот не успее, одговорноста ќе лежи кај нас, и ќе треба да помине уште доста време додека можеби би добиле уште една ваква можност.

Втората причина е поврзаната со тоа како се гледа на младите и нивниот глас. Сосема е нормално одлуките да се носат во име на младите, почнувајќи од фамилија и образовниот систем па сè до носењето на младински политики од страна на политичарите. За жал, во Македонија нема доволно место за младите во јавниот и политичкиот дискурс, освен тогаш кога може да се добијат дополнителни политички поени со нивното присуство. Но, ова нема да може да се смени доколку младите не почнат поактивно да бараат и да учествуваат во носењето одлуки. На 30ти септември младите ќе имаат една таква шанса да пресечат минатите практики на послушност и покорност кон одлуките донесени во нивно име.

Последниот предизвик е поларизираноста и поделеноста на нашето општество. Во обидот да се активираат младите и да учествуваат во дел од процесите се случува да се етикетирани (вака или онака) бидејќи успеале да го размрдаат статус-квото. (Ова, апсолутно не треба да претставува пречка во донесувањето на одлуки различни од очекувања да другите бидејќи повеќе укажува на ограниченоста на оние кои етикетираат отколку способноста и потенцијалот на оние кои се во еден одреден момент етикетирани.) Секој предизвик носи нови можности за промени, а промените кои ги сакаме се резултат на процес на напорна работа кој мора да се отпочне набрзо, додека сè уште имаме млади заинтересирани да придонесат кон иднината на Македонија.

Борбата за промени започнува прво со детално информирање за ситуацијата, можните решенија и последици, а потоа продолжува со правото на глас.

Во пресрет на референдумот, постојат многу информативни кампањи, факти и статистики кои се споделуваат, но и многу приказни и искуства од млади луѓе кои живееле, работеле и студирале во странство. Постојат и многу извори кои сами може да ги истражите и многу можности да ги поставите прашањата и да добиете одговори на темите кои ве засегаат за потоа да донесете информирана одлука.

За Македонија да има иднина со својата младина, младите мора да донесат своја одлука и да бидат одговорни за истата.

Весна Илиевска, Democracy Lab

* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.