[Став] Двојазична инфлација

Колегите економисти од генерација скоро повеќето дипломираа, ама сметките за живот уште од дома им ги плаќаат, иако дел од нив и се вработија, за месечна сума колку партиципација за семестар во државна квота. Ама тие никогаш не прашуваа многу, од дома им рекле така. Па затоа имаат време на долго и широко да расправаат платформи, коалиции и да шеруваат мемиња и досетки, пишува активистката Марија Павлеска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Околу седумстотини од вкупно илјада студенти сместени во студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, минатата година беа излистани на списоци кои беа закачени на портирниците како опомена за неплатени кирии. Ова беше слика и во сите домови низ земјава, 70 отсто од станарите на домовите за студенти да не бидат во можност да ги исплаќаат достасаните кирии на време. Во меѓувреме на групата студентски стипендии студенти пишуваа, прашуваа и известуваа од јавувањата во МОН кога ќе се исплатат стипендиите. Постои група студенти која сакаше тие рати од стипендијата да ги уплати за на апсолвентска екскурзија или нешто слично, но поголема беше групата која таа мала сума ја чекаше да ги плати заостантите кирии.

Месечната стипендија не е доволна да ја покрие киријата од минимум 3.400 ден, но проблемот е што таа доаѓа во две рати од кои едната околу април, а другата доцен јули, а се случувало да биде исплатена и на почеток од месец август. Година дена подоцна ситуацијата потполно иста. Но од Државен студентски дом, може да ти пратат писмо со опомена од извршител на домашна адреса и ако имаш се уредно платено. Затоа што знаете, се прават грешки – System error во секоја една пора од македонското надреално општество.

Кога поминуваш две години во студентски дом всушност запознаваш многу луѓе. Со некои од нив стануваш пријател, со некои остануваш само познаник, но несомнено со сите нив заеднички ги споделуваш сите маки на животот во еден просечен македонски студентски дом.

Ако во еден таков дом па уште застанеш и почнеш да го креваш гласот и да ги поместиш работите од мртва точка каде сите молчат со години, тогаш те знаат и тие со кои се немаш запознаено. И кога после сè се создава прилика за запознавање, приказната се развива и веќе кликнувате, бидејќи имате многу заедничко без разлика што размислувате различно за тековните настани или сте дијаметрално спротивни во сè. Меѓусебна доверба се раѓа зошто сепак после сè свесни сте кој низ што поминал за да се најде тука денес.

Тоа ме замисли додека ги следев реакциите од на еден настан кој се случи деновиве. Која е поентата да се посетува „Волчја дупка“ во ден во кој не се изведува операција „Валкири“?

***

Во 1989-та година кога Чесите и Словаците ја прават својата кадифена или нежна револуција за независност, тие немаат пластични труби, свирчиња, налепници во боја и протестирачки дресови. Звукот на незадоволството го изразуваат тропајќи со врзопчето клучеви кое го имаат. Затоа што ниту имаат пари за такви расфрлања, ниту затоа што им дошло да трубат.

Кога немаш избор наоѓањето начин е чисто снаоѓање. Тогаш го употребуваш она што го имаш или во превод употребуваш сè што имаш, затоа што знаеш дека полошо не може да биде. Луѓето што протестираа #СекојДенВо6 и овие денес кои излегуваат на улица час порано иако се потенцира дека нештото во кое учествуваат е протест. Но снимките, музиката, опремата од дрес, свирче и селфи стикче потсетуваат повеќе на концерти, па дури и на митинзи отколку на протести на луѓе кои немаат алтернатива и масовното излегување на улица им е последна опција.

***

Кога со група ентузијасти филмаџии се осмеливме да го предизвикаме формалното образование преку документарен филм кој претставува остра критика на модерното образование, преку анализа на алтернативни начини на едукација , првиот коментар која ми остана во сеќавање после проекцијата беше на еден од средношколците е кои го гледаа филмот и гласеше вака:

„Единствено важно е на крајот од денот фрижидерот да е пн’ “.

Ама во Македонија ни тоа веќе не проблем, фрижидерот и нека си е празен, радост е човек да го отвори и да работи сијаличката, зошто мрак е невиден штом со донации се почна да се покриваат сметки за струја. Затоа од пустата двојазичност, мене единствено ме грижи двојазичната инфлација.

Ама тоа некако не се дискутира или можеби јас сум ги пропуштила сите економски дебати и статии. Колегите економисти од генерација скоро повеќето дипломираа, ама сметките за живот уште од дома им ги плаќаат иако дел од нив и се вработија, за месечна сума колку партиципација за семестар во државна квота. Ама тие никогаш не прашуваа многу, од дома им рекле така. Па затоа имаат време на долго и широко да расправаат платформи, коалиции и да шеруваат мемиња и досетки.

Секаде може да се појави грешка во системот, само кај нас грешката е систем – и образовен и економски и административен. И не одете на претстави за кои препораката е само „оди да ја гледаш“ или „добра брат“. Тоа е исто како одговарањето со „еве“ кога некој ќе те праша како си. Не значи ама баш ништо.

И уште ова. Избиравме пратеници за да комуницираат со рајата преку фб статуси и комeнтари додека седат дома во пижами? За една демократка прашувам.

 

Марија Павлеска