[Став] До моите врсници кои нема да гласаат

Нема да ви сугерирам за кого да гласате, или подобро кажано, против кого – вашиот глас е ваше право. Нема да се обидам преку вина да ја натерам совеста да ви проработи, ниту ќе ве обвинам затоа што таа се уште мирно спие. Ќе претпоставам, најискрено, дека сте ја имале среќата политиката се уште видливо да не навлезе во вашите животи.

Велам видливо, бидејќи таа е сеприсутна во нашите животи од самиот почеток. Од квалитетот на здравството во болницата во која сме се родиле, преку содржината на лекциите на кои во училиште не учеле, па се до можностите кои сега ги имаме или немаме додека студираме.

Можеби формално сме демократско општество, но реалноста е, дека во најголем број на случаите, одлуките кои директно влијаат врз нашите животи, паѓаат во рацете на оние кои се на власт. И жал ми е што постои таква инертност кога се работи за нешто што ве засега вас лично, ги засега вашите блиски и вашите сограѓани. Можеби е полесно, сред сиот овој хаос во кој живееме изминативе две години, сите протести и конфликти, да се сврти главата на другата страна. Можеби е полесно да се рече „Не се замарам со политика, џабе е.“ и да се преправаме дека ништо не се случува. Но, ве замолувам, барем овие неколку дена, да ги отворите очите и да ги начулите ушите.

Да седнете, да изгледате некоја дебата, да ги разгледате програмите на партиите и да видите што ви нудат. Сигурна сум дека сите имате некое мислење кое што можеби не сте го артикулирале во говор. Можеби имате и децидни ставови, но сметате дека не вреди да ги искажете. Јас сакам да ви кажам дека тие ставови може да ги обезвредните само вие, ако не излезете да гласате во согласност со нив.

Гласачкото право не е само право, тоа е и должност. Должни сме им на сите оние кои се бореле да направат нешто од државава и должни сме им на идните наши деца. Должни сме да учествуваме во креирањето на иднината на оваа држава, ако сакаме самите да имаме иднина во неа. Должни сме да бидеме судии на работата на оној кој е на власт – да искажеме што ни се допаѓа, а што не. Должни сме да изгласаме власт која што ќе ги почитува и слуша граѓаните кои со доверба и ја дале моќта да донесува одлуки во нивно име.

Должни сме да изгласаме власт која што ќе се грижи за својот народ и на сите граѓани ќе гледа со истите очи. Власт која нема да дозволи меѓу нас да настане раздор, а уште помалку ќе го потпалува тој раздор со омраза и закани. И, ако некоја власт не изневери, должни сме да ја казниме. Затоа што ако не ја казниме, што ќе и покажеме на евентуалната наредна влада, како може да владее со нас?

Политичкиот фанатизам кон одредена партија никогаш не смее да не ослепе пред неправдата и фактите. Но, најважно од се, должни сме никогаш да не престанеме да се бориме за државата која што веруваме дека треба да станеме. Не само што нашиот глас вреди, тоа е најбезболниот и најдемократскиот начин да издејстввуаме промена. Знам дека сите имаме обврски, ограничено време и ослабени нерви од сите платено политички програми. Но, во недела, нема ништо поважно од тоа да се излезе на гласање.

Можеби на многумина од вас не ви се допаѓа изборот на кандидати, но тој избор нема да се промени само затоа што вие нема да гласате. Напротив, така целосно ќе ја отфрлите граѓанската моќ што ја имате да ги доближите своите ставови до начинот на управување на државата.

Бисера Влахова