[Став] Дилеми и отворени прашања за иднината на Отворен Балкан

Пишува: Стефан Ристевски

Дали државите од регионот можат политичките ветувања да ги претворат во реалност за граѓаните и компаниите?

Покрај обврските за регионална соработка и за одржување на добрососедските односи кои произлегуваат од Спогодбите за стабилизација и асоцијација, овие прашања се инкорпорирани и во преговарачките рамки во процесот на пристапување кон ЕУ. Тие претставуваат уникатен критериум според кој земјите во Западен Балкан се оценуваат во процесот на пристапување кон ЕУ.

Но, на регионалната соработка и интеграција не треба да се гледа како на наметнат процес или услов за членство во ЕУ, туку како можност за директна корист за граѓаните и компаниите од регионот.

Впрочем, 69% од компаниите сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е значаен за нивниот бизнис, додека 76% од граѓаните го поддржуваат овој процес во насока на подобрување на политичката, економската и безбедносната состојба во нивните држави. ЦЕФТА служи како пример дека регионалните договори даваат подобри резултати отколку билатералните трговски договори.

Затоа, иницијативите кои промовирааат и ја олеснуваат регионалната соработка се од особено значење за државите од регионот – Отворен Балкан и Берлинскиот процес. Комплементарноста на овие процеси, но и тоа дали воопшто има потреба да има два паралелни процеси е тема на дебата деновиве.

Ова прашање е веројатно позначајно за иницијативата Отворен Балкан, особено по одржувањето на Самитот на Берлинскиот процес. Потпишувањето на договорите за признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации беше окарактеризирано како надминување на мртвата точка во која се најде имплементацијата на акцискиот план за Заеднички регионален пазар.

Но, Отворен Балкан е единствен пример каде земјите од регионот покажaa дека можат да преземат одговорност и самоинцијативно да реализираат активности за регионална соработка. Напорите на земјите учеснички дадоа импулс за проектот за регионална интеграција на Западен Балкан. Претставниците од граѓанскиот сектор кои учествуваа на Самитот во Берлин со право и дадоа признание и заслуга на иницијативата Отворен Балкан за напредокот во рамките на Берлинскиот процес и за потпишувањето на трите договори. Отфрлање на оваа иницијатива би било погрешно без да се разгледаат предизвиците со кои се соочува.

Овој текст се осврнува на три дилеми, на кои ако даде одговор, веројатно иницијативата Отворен Балкан би го оправдала своето постоење.

Јасно дефинирани, а потоа и реализирани цели за Отворен Балкан

Отворен Балкан беше промовирана како инцијатива која ветува отворени граници и целосно слободно движење на стоките, услугите, луѓето и капиталот во регионот. Иако лидерите на земјите учеснички во иницијативата уверуваа дека ќе го реализираат ова ветување до крајот на 2023, иницијативата не е ни близу до исполнување на оваа цел.

Впрочем, договори кои досега беа потпишани предвидуваат механизми кои го потврдуваат спротивното – трговијата со стоки останува да подлежи на граничните контроли и увозни формалности, а пристапот на пазарите на труд може да биде ограничен, дури и забранет, за граѓаните од останатите земји потписнички. Дополнително, Отворен Балкан не презентираше јасен преглед на активностите кои треба да бидат реализирани, за визијата за единствен пазар на Западен Балкан, по примерот на европскиот пазар, да стане реалност.

Декларациите од Охрид и Тирана од 2019, кои служат како единствени патокази на оваа иницијатива, не го елаборираат планот за остварување на таа амбициозна цел.

Она што можеби повеќе загрижува, е фактот дека Отворен Балкан нема јасно дефиниран мандат. Независно дали станува збор за соработка во области во кои Албанија, Србија и Северна Македонија се понапреднати во однос на имплементација на европските правила (пример: авторизирани економски оператори) или во области во кои не постоеше политички консензус на регионално ниво (пример: признавање на универзитетските дипломи и професионални квалификации), договорите кои досега беа потпишани, а се однесуваат на 4те слободи, се активности кои беа предвидени или инкорпорирани во планот за Заеднички регионален пазар на Западен Балкан.

Се додека иницијативата Отворен Балкан се потпира на веќе утврдени области на соработка во рамки на Заедничкиот регионален пазар, a особено по потпишувањето на трите договори во Берлин, дилемата за потребата од нејзино постоење ќе биде присутна.

И последно, иако иницијативата досега продуцираше седум договори, нивната имплементација е сè уште неизвесна. Договорите сè уште не се ратификувани, а нивната имплементација се одложува. Ваквата состојба ја поткопува довербата во оваа иницијатива, но и создава негативна слика – дали државите од регионот можат политичките ветувања да ги претворат во реалност за граѓаните и компаниите од регионот.

Од друга страна, во изминатите неколку години, областите во кои дејствува иницијативата континуирано се зголемуваат. Земјите учеснички, најчесто пред одржувањето на самитите на Иницијативата Отворен Балкан, изненадуваа со нови иницијативи за соработка во целосно нови области. Ваквиот пристап не мора да значи дека е лош сам по себе.

Најавената соработка во областа на енергетиката и обезбедувањето на храна е соодветен одговор на кризата која настана како резултат на руската воена агресија во Украина.

Меѓутоа, (не)усогласувањето со санкциите кон Русија ги заостри политичките односи во регионот. Одржувањето на Охридскиот самит беше доведено во прашање поради несогласувањата околу најавената посетата на Белград од страна на шефот на руската дипломатија во јуни 2022 година. Овa e само еден пример за тоа колку иницијативата Отворен Балкан може да биде кревка при промена на приоритетите на владите на земјите учеснички во новата геополитичка реалност.

Непостоењето на јасни граници во однос на областите во кои (ќе) дејствува, го зголемува ризикот дека нови несогласувања би ја загрозиле стабилноста на иницијативата.

Дополнително, ваквиот начин на дејствување ја прави иницијативата помалку атрактивна за останатите земји во регионот и за трети страни. Без јасен долгорочен план со дефинирани области на дејствување, чинителите во земјите-учеснички, но и кај оние кои размислуваат да се приклучат, не би можеле да ја проценат додадената вредност од учеството во оваа иницијатива.

Отворен Балкан треба да ја искористи поддршката од меѓународните партнери

Отворен Балкан е поуспешна во обезбедување на поддршка од меѓународните партнери, отколку политичка поддршка во регионот. Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ја потврди поддршката од САД за оваа иницијатива уште во 2021 година. Европската комисија за првпат во пакетот за проширување за 2022 година формално посочи на позитивната улога на Отворен Балкан за промовирање на регионалната соработка и даде поддршка за реализација на активностите, се додека иницијативата се заснова на правилата на ЕУ и останува инклузивна за сите земји од регионот.

Но, за да биде успешен проект, иницијативата треба да ја искористи поддршката која ја ужива од меѓународните партнери. Досега, техничката поддршка која ја обезбеди САД за националните координатори е единствен пример на практична соработка со трета страна.

Присуството на претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка (RCC) и ЦЕФТА не донесе некаква дополнителна вредност, освен промоција на идејата за регионална интеграција. Освен Унгарија, досега ниту една друга земја членка не одговори на политиката на отворени врати. Иако унагрскиот министер за надворешни работи присуствуваше на самитот во Белград, оваа средба не резултираше со позитивен епилог во однос на продлабочување на соработката со земјите од регионот.

Она што недостасува е јасно утврдена улога на европските партнери во реализација на целите на Отворен Балкан.

Поддршката од земјите од регионот треба да биде предиспозиција за успех

Претседателите на Босна и Херцеговина и на Црна Гора учествуваа на ОБИ самитите оваа година, но сè уште не се потписници на ниту еден документ кој произлезе од иницијативата, додека Косово и понатаму е против приклучување.

Политички актери и граѓанскиот сектор посочуваа на нееднаквата позиција на сите земји учеснички и наводното доминантно влијание на Србија, и на (не)комплементарноста со Берлинскиот процес и процесот на пристапување во ЕУ како причини против оваа иницијатива.

Иако ја нема политичката, иницијативата ужива силна поддршка од граѓаните од регионот. Истражувањето на ИРИ покажува дека 75% од испитаниците во Србија ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан. Иницијативата има поголема поддршка во земјите неучеснички, Босна и Херцеговина (68%) и Црна Гора (66%) отколку во Северна Македонија (61%). Дури и во Косово, иако мнозинството (49%) е против, 42% од испитаниците ја поддржуваат иницијативата.

Отворен Балкан може да ја капитализира поддршката која ја ужива кај граѓаните од регионот. Во таа насока, треба да понуди одговор на главните дилеми кои ги имаат „противниците“ на оваа иницијатива. Покрај јасно дефиниран делокруг на дејствување, иницијативата може да ја зголеми својата транспарентност, особено во насока на процесот на управување.

Улогата на Советот за имплементација, процедурите на работа на Советот и телата одговорни за имплементација на обврските кои произлегуваат од потпишаните договори треба да бидат јавно искомуницирани, а имплементацијата и резултатите треба редовно да се следат и да се прават годишни извештаи (што не е случај во досегашната пракса).

Регионалната соработка е важна и во насока на помирување и решавање на отворените билатерални прашања. Но, без учество на сите држави, оваа цел е тешко достижна, ако воопшто може да се рече дека Отворен Балкан во сегашната констелација придонесува за подобрување на односите во регионот. Потпишувањето на трите договори во Берлин треба да служи како пример дека може да се изнајде решение за надминување на разликите.

Токму Отворен Балкан е можност државите од регионот да покажат зрелост и подготвеност да соработуваат и без присуство (или притисок) на европските партнери.

*Стефан Ристевски е истражувач во Институтот за европска политика (ЕПИ) од декември 2019 година. Тој магистрирал на програмата Европски економски судии [бизнис специјализација] на Колеџот на Европа во Бриж, а дипломирал на Економскиот факултет – Скопје на департманот Надворешна трговија. Стефан работи на следење на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија и секторските политики. Учествувал во пишувањето на неколку билтени за состојбата со Ковид-19 во Централна и Источна Европа. Пред работниот ангажман во ЕПИ, Стефан работел во ЕвроЕвентс – Институт за истражувања на пазарот на проекти од областите усогласеност со регулативи и транспарентност, и прекугранична здравствена заштита со фокус на Европското acquis.

***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.