Завчера славевме победа.
И бевме среќни и се гушкавме и се журкавме до сабајле, зашто заслуживме да прославиме после цели четири месеци битка.
Битка која ја водевме преку улици до институции, со аргументи и со дебати, ги обединивме студентите, ги поттикнавме на здружување и професорите, стоевме рамо до рамо, и направивме штит околу и во универзитетот за да му ја зачуваме автономијата.
14 дена Автономна зона, на повеќе факултети. Дузина предавања, трибини, изложби и претстави, филмски проекции, свирки. Се уште немаме точна бројка, но набрзо ќе сумираме. Толку многу живост, радост, учење еден од друг, споделување знаења, ставови, насмевки, и константна меѓусебна поддршка и охрабрување.
Барањата ни ги прифатија. Интегрално нов закон. Ќе нема државен испит. Ќе не има во работни групи. Ќе ги има и професорите. И ротирачки членови. И се.
Утрово си поставив прашање и се уште не можам да си дадам точен одговор.
Зошто денес не ја чувствувам еуфоријата од завчера? Зошто не ми пулсира и денес зборот победа?
Добивме сè што побаравме, после сè низ што поминавме и повторно чувствувам дека нешто недостасува.
И ќе си речев, вака ми е бидејќи после четири месеци сум толку уморна и после сиот стрес, напор и неспиење и настинки, што сум заборавила да се радувам.
О, не е тоа причината. А знаете зошто?
Затоа што живеам во студентски дом и затоа што веќе две години се будам во соба со мувслосани ѕидови и провев, а вецето е на крајот од ходникот.
Затоа што денес кога се симинував од 14-ти кат повторно лифтот тресеше и заглавуваше. Затоа што прв пат одам во менза после неколку месеци и повторно е истата валкана материја таму која од учтивост ја нарекуваат храна.
Но, кулминацијата беше кога слушнав на масата до мене неколку студенти кои разговараат како Владата ни попуштила и дека добро што ќе има од утре регуларна настава бидејќи веќе им се здосадило да немаат што да прават во денот. Како не сожалиле, па ајде ни дале нешто и зашто не сакале да се губи веќе настава. Е, ова им го сервираат на полтрончињата. И овие ги слушаат и им веруваат! Пукнав и мораше да станам и да им објаснам дека ова не е попуштање на Влада кон нас, туку дека ние бевме милостливи кон неа. Ние бевме во позиција да побараме многу многу нешта, за доброто на сите студенти.
Почнувајќи од нови домови (зашто секој ден гледаме со која „брзина на светлината“ тече реконструкцијата на Б блок) до зголемен студентски стандард, превоз за студентите (не одиме само во четврток на факултет), лаборатории, вистински учебници – а не квази преведени дела кои мора да ги читаш на англиски зошто преводот е толку безвезен што после прочитана една реченица бараш кој бил преведувачот и од добра волја некогаш планираш да му уплатиш почетен курс по англиски јазик.
Владата да не се најдеше во теснец кога во ист период имаше фронт со нас како Студентски пленум, со СОНК и со хонорарците, и најавите за бомби никогаш немаше да седне со нас и да разговара. Се уште курирци ќе не заокружуваа и ќе не викаа изманипулирани.
И тоа што ние одлучивме да извојуваме една битка во едно време, место вистински да постапевме како што имавме на еден слоган „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ е наша грешка.
Затоа денес не можам да почувствувам опиплива победа. Не можам да го допрам новиот закон. Точно, можам да бидам дел од работните групи. Секој еден пленумец, кој ќе биде изгласан за претставник на својот интерен пленум, како што всушност Студенткиот пленум и функционира од самиот свој старт, ќе може да биде дел од работните групи, кои ќе работат на предлог закон.
Но, нема да застанеме! Ќе продолжиме! Вчера после состанокот во ректорат не тркнавме на славење во кафана, туку се собравме на Генерален Пленум каде дискутиравме. Преполн беше амфитеатарот на Машински факултет и целиот ходник кој води до него. Не знам дали 500 дали 700 студенти, или повеќе. Не студенти кои заокружуваат 5 прашања ТУКУ Студенти кои поставуваат прашања, одговараат прашања, искажуваат ставови, даваат предлози.
Аргументирани, гласни и смели.
Сега кога си ја измеривме силата во сплотеноста, нема веќе враќање на маргините на апатичноста и незаинтересираноста. Сега знаеме колку можеме, кога сме здружени и кога веруваме во целта. Цел која е за подобро утре за сите нас. И за тие после нас.
Го привршувам текстов и веќе ми се враќа еуфоријата која ја имав до вчера.
Блокадата на наставата е прекината но автономните зони остануваат. Ќе продолжат да се одржуваат предавања од алтернативниот курикулум, ќе има трибини, и дебати, изложби и свирки и концерти. Денеска на Автономна зона на ФЗФ/ФЛФ ќе се одржи и хуманитарна акција. Дојдете и поддржете ја. Се работи за собирање на средства за операција на срце за сестричката на малата Тамара, Теона. Да не дозволиме уште една болка, уште една загуба.
Колеги студенти, драги пленумци, заедно до уште поголеми победи! Затоа што докажавме дека имаме капацитет да ги освоиме.
Автор: Марија Павлеска, Студентски пленум