Недостатокот од критичко размислување, неупотреба на алатки за пристап до истото и отсуството на аргументи во секојдневната комуникација се резултат на низа неимплементирани или погрешно преземени мерки и се навистина запрепастувачки кога излегуваат на површина, пишува Стефани Спировска од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Повеќе од кога било ни се потребни ефективни реформи, промени и унапредувања на и во целиот образовен систем, фокусирање на практичните наспроти сувопарните теоретски материи и лекции, пренесување на вештини кои младите практично ќе ги употребуваат во процесот на себе-надградување и ефективно учество во општествените процеси и случувања. Ова е едно од поважните прашања, сега кога се наоѓаме пред почетокот на уште една учебна година која ќе наполни клупи и училници со ученици и нивниот потенцијал и вештини кои допрва треба да се реализираат и оформуваат.
Изминатите неколку години свесно или несвесно како општество дозволивме генерации и генерации ученици да поминуваат низ материјалот определен за нив без нешто позначајно од сето тоа да биде суштински пренесено во форма на употребливо знаење. Отидовме дотолку повеќе во крајност што секоја од тие години завршуваше со квиз „Кој подобро и повеќе ќе запамети а, б или в“, секако без квалитативна процена на стекнатото знаење. Недостатокот од критичко размислување, неупотреба на алатки за пристап до истото и отсуството на аргументи во секојдневната комуникација се резултат на низа неимплементирани или погрешно преземени мерки и се навистина запрепастувачки кога излегуваат на површина. Говорот на омраза, нетолеранцијата, неразбирањето на различностите, чуството на неприпадност во една или друга група, а секако и отпор кон било кој механизам за надминување на овие појави се должат на фрагментираноста во која функционира нашето општество. Било тоа поради политичка, етничка, верска и низа останати поделби.
Суштинската потреба од воведување на дебатата како задолжителна активност во училиштата е потреба на која укажуваат повеќе индикатори. Нетолеранцијата на неколку нивоа, невклученоста во процеси исто така на неколку нивоа, како и генералниот недостаток од аргументиран дискурс се само дел од нив. Дебатата како задолжителна активност во образовната програма е нешто што веќе постои и во понапредни и помалку фрагментирани општества од ова во кое живееме ние, што по себе не го прави апстрактен и непознат далечен процес. Една од низата на промени кои сега е погодно време да се случат и направат е токму воведувањето на оваа задолжителна активност во училиштата и вистинско запознавањето на што е можно поголем број на ученици со алатките и вредностите кои дебатата со себе ги носи. За разлика од стандардните предмети и активности кои години и години наназад биле на листата на задолжителни предмети за секој ученик, дебатата како активност не само што придонесува за личниот развој на младите и им пренесува вештини употребливи во повеќе насоки, туку таа е особено корисна алатка за надминување на веќе споменатите општествени проблеми во чиј корен е токму некритичкото размислување и генералната незапознаеност со вредностите на другиот.
Неодамнешното истражување на Интернационалната дебатна образовна асоцијација со седиште во Холандија од кое дел беше и Македонија преку Дебатната програма на Младински образовен форум, покажува дека дебатата ефективно прави промена во секојдневното однесување.
Првенствено, значителен дел од учениците кои во текот на своето образование биле дел од дебатен клуб (формално – дел од училишната програма или неформално- преку регионална невладина организација) се повеќе склони кон демократски вредности, истите ги ценат и можат да ги препознаат, а воедно покажуваат повисок праг на толеранција кон појави кои за нив се нови или се едвај запознаени со истите.
Ефектите што дебатата ги има врз учениците – членови на дебатните клубови ги гледаме во форма на издржано аругментирано изразување, согледување на проблемите и појавите од повеќе аспекти и квалитетно критичко размислување. Ова само по себе води до активно учество на младите во нивната примарна средина – училиштата и одлуките кои се носат таму, па и пошироко, во креирањето на сите повисоки младински политики кои ги засегаат токму нив.
Имајќи го сето ова предвид јасно е дека дебатата е алатка која пред сè за младите носи многу бенефиции, на лично ниво кое пак се рефлектира и во низа општествени параметри. Воведувањето на дебатата како задолжителна активност во училиштата нема да ги реши во целост проблемите што се таложеле во образовниот систем, но од друга страна е одличен почеток за негово подобрување и унапредување.