[Став] Дали гимназијата е потенцијален убиец на детските таленти и амбиции?

„Ренесансата е преродба на знаење“ – ни вели новиот класен раководител, на нашето прво запознавање. Во тој миг, ние сме само едни мали и со светот недоволно запознаени дечиња кои – храбро или плашливо, самоуверено или срамежливо – чекорат кон новото животно поглавје наречено „гимназија“.

Не сме ни свесни за тежината на промената што ќе ни се случи во наредните четири години, но барем сме повеќе од сигурни дека гимназијата ќе ни ги отвори очите кон сите гледишта на светот, ќе нè насочи да тргнеме во најразлични правци и ќе ни подари знаење од речиси секое поле од животот.

Во тој миг, ние не се познаваме меѓу себе, не знаеме кој „колку вреди“ и каков потенцијал поседува во себе, не знаеме кој колку награди освоил во претходните години од своето образование и кој какви интереси има, кој во што верува, каква музика слуша и кој во каков свет живее и сака да живее. Не ги познаваме ниту професорите и нивните принципи на работа, ниту слатките „тајни“ за успех во средно училиште… Но, доволно добро се познаваме себеси и знаеме дека ќе успееме да се пробиеме во круговите кои отсекогаш сме ги посакувале, бидејќи сепак учиме во гимназија, а гимназијата во своите прегратки ги чува сите способности, интереси, потенцијали, активности и афинитети на градот во кој живееме.

Во тој миг, повторувам, ние имаме високи очекувања за себеси во гимназијата, за себеси во општеството и за себеси во иднината. Неколку мига подоцна, ние веќе знаеме доволно факти едни за други: едно девојче е врвна математичарка, таа ги решава задачите во истата секунда, ја користи својата логика и се снаоѓа во просторот повеќе од сите други; другарка ѝ сака мода и навистина добро ги комбинира боите, ги следи трендовите и црта подобро од сите други и кога ќе порасне сака да биде модна дизајнерка; едно сосема друго дете веднаш е забележано по своите говорни способности, по интересот за актуелните светски политички случувања и знаењето со кое располага на сите општествени теми; неговиот нов најдобар другар знае германски, француски и шпански, а во моментов е во процес на изучување на јапонскиот јазик; едно друго девојче е заинтересирано во литература, пишува поезија и чита книги за време на одморите, другар ѝ е самоук гитарист и уметник, а другарка ѝ е спортистка со низа успеси во минатото и, без сомнение, во иднината.

А веќе по неколку денови минати во училиштето, влеговме во „шема“, запознавајќи ги и професорите – една професорка ни беше направила прецизен распоред за нашиот ден, според кој би можеле да постигнеме успех на училиште, редовно да одиме на курс или на тренинг и да спиеме осум или девет часа во текот на ноќта. Тој план сè уште го помнам, но знам дека може да биде успешен само доколку ги оставиме настрана нашите чувства, здравствената состојба или нашите животни приоритети или, со други зборови, тој план ќе беше генијален доколку бевме роботи, а не ученици!

Друга професорка ни изјави дека таа не ги гледа оценките по другите предмети и дека нејзе ѝ е битен само нејзиниот предмет и ништо друго. Трета професорка се постави како наш пријател кој постојано нè разбира и е подготвена да нè сослушува и да ни даде по некој добар совет. Таа седмица го запознавме и професорот за кој не претставува никаков проблем трипати да ја повтори лекцијата, професорката која не сака да нè „заморува“ со предметот што го предава, како и професорот кој имаше многу што да каже, па зборуваше, зборуваше, зборуваше и постојано зборуваше, барајќи очи кои го слушаат, глави што се интересираат за она што го зборува и умови што го разбираат.

Уште веднаш можевме да ги карактеризираме, да направиме споредба помеѓу „лошите“ и „добрите“ професори и да процениме кои се строги, авторитетни и за нас неизаинтересирани, кои се демократски, трпеливи и мотивирани професори, а кои се рамнодушни и не ги интересира ниту часот, ниту учениците. Правевме и споредби за тоа кој колку ја познава психологијата на детството и младоста, кој колку е подготвен покрај знаење, да им подари и љубов на своите ученици и кој има правилен однос кон работата, односно е свесен и одговорен во својата професија.

Но, една од најглавните разлики коишто постојат меѓу нас (учениците) и нив (професорите) беше, и сè уште е, во степенот и желбата да се запознаеме – ние ги познававме професорите онолку колку што тие ни дозволуваа да ги запознаеме, а тие нè запознаваа нас онолку колку што тие самите се интересираа за нас.

Три години подоцна, професорите нè познаваат исто толку колку што нè запознаа во првата седмица од прва година. Едноставно кажано, тие воопшто не нè познаваат! Поради истата таа причина, тие не само што не нè почитуваат, туку и нè навредуваат или ни се потсмеваат, нè потценуваат и ни кажуваат зборови кои понекогаш знаат да нè повредат до срце и да ни останат засекогаш врежани во сеќавањата од средношколските денови.

Првата причина за која многу често нè навредуваат, а во никој случај не би смееле ни да помислат на такво нешто, е подрачјето за кое сме се определиле и стереотипите поврзани со истото. „Вие сте математичари – вие треба да знаете сè!“ и „Вие сте уметници – вие ништо не знаете и никогаш нема да знаете“ – се само дел од коментарите кои честопати се слушаат на часовите. И, она што е можеби најтажно во целава оваа приказна – тие навистина го мислат тоа, потценувајќи ја уметноста во секоја форма и ставајќи ја на последното место од нерелевантната листа битни  работи во животот. Страшно е какви сè таленти се убиваат со тие навредливи коментари и уште пострашно што тие коментари ги кажуваат професионалци кои пред сè би требало да бидат педагози.

Втората причина произлегува од првата, а тоа е незаинтересираноста на „уметниците“ за математика, хемија, физика и биологија и постојано поставуваните прашања: Зошто децата кои се определени за природно-математички смер не изучуваат уметност и музика, а децата кои се определени за уметност се принудени да изучуваат природни науки и математика?! Кој ја прави таа листа на „битни“ и „небитни“ предмети во нашето образование? Кој и зошто има право да го направи истото? Дали само математичко-логичката интелигенција е интелигенција и зарем нема 7 различни видови интелигенција која децата би можеле да ја поседуваат?

Пред неколку дена чув нешто што го запишав на последната страница од мојата тетратка: „Вашето знаење или незнаење е причината зошто ни се „распаѓа“ државата.“ Беше кажано на шега, па се трудев да разберам, да читам меѓу редови, иако не можев да сфатам кој е причината што зборот „успех“ е толку строго дефиниран во очите на нашите професори. Па, зарем успехот е предодреден и може да им се припише само на оние кои покажуваат афинитет кон емпириско поимање на нештата, базирајќи ги своите ставови на логика и каузалност?

Дали ние – поинаквите – треба да созреваме бележани дека сме инфериорни, помалку вредни, второстепени? Дали талентот и дарбата се евтина роба, а оние кои ги поседуваат треба да бидат несреќни затоа што се избрани од „Бога“? Јас добро го знам одговорот на овие прашања и немам никакви дилеми околу тоа што го прашувам. Прашањата им ги поставувам на оние кои си земаат за право да тераат шега на наша сметка, не помислувајќи ни за миг како ние го доживуваме сето тоа. Тоа што нема да покажеме дека нè повредуваат не е затоа што не нè боли, туку затоа што сме поинакви и добро знаеме дека, едноставно, има работи кои тие не можат да ги разберат. И, секако, не можам да го премолчам мислењето или ставот дека  државата ни се „распаѓа“ поради уметниците, музичарите и спортистите и, онака патем, ќе прашам: Забораваме ли колку вреди еден Стефановски (и Горан и Влатко), еден Манчевски, Унковски, Симон Трпчевски…

Го помните ли „Медена земја“ и тоа дека, секојдневието на Атиџе, гледано низ призмата на уметноста, за миг нè вивна меѓу избраните и нè направи да се почувствуваме еднакви со нив? А да не зборувам за спортистите со кои, нели, „гинеме“ на терен и прекуноќ стануваме спортска нација! Токму затоа боли кога оние кои се наши професори и кои треба да ни дадат пример за едно пошироко гледање на светот и на вредностите, не внимаваат што зборуваат и како се однесуваат со нас и какви влијанија, несвесно, ни наметнуваат? А и да не заборавиме:  нивото на знаење, функционална писменост и логичко размислување во земјата, според светски признати тестови, е на прилично ниско ниво и не е нешто со што можеме да се гордееме. Значи ли тоа дека, можеби, се тестирани само оние кои „ништо не знаат“ или кои избрале да живеат од и за уметноста?

Најинтересно од сè е тоа што меѓу децата на кои ни беше кажана истата шега, се наоѓаат веќе успешни дизајнери, фотографи, танчерки, спортисти, новинари, поети, музичари, креативци… и идни професори кои, дефинитивно, нема да работат според истиот принцип и пример.

Како и секаде, така и во оваа гимназија има многу исклучоци кои се доволно вредни да ни бидат инспирација, мотив и пример во животот. Има професори кои остануваат со нас по часот, за да нè прашаат зошто целиот час сме гледале низ прозорецот и дали сме добро, како се чувствуваме… Има професори кои се уште нè носат на настава во природа, во парк, на сонце. Има професори кои нè поттикнуваат да размислуваме надвор од коцката, да чекориме надвор од границите и да живееме за да создаваме уметност која ќе се памети. Има професори кои ни предложуваат дополнителна литература, книги, списанија… Има, ама – за жал – не се многу! И – да, има и ученици кои сè забележуваат, си запишуваат, паметат… И кои допрва ќе имаат што да кажат, за кои допрва ќе слушнете и со кои еден ден ќе се гордеете! Тие се сè уште таму, во некоја од училниците… Обидете се да ги пронајдете, да ги забележите, да ги пофалите… Тие сосема сигурно ќе го запаметат тоа!

И следната година ќе бидеме матуранти, ќе го завршиме животното поглавје кое можеби има најголема улога во нашето созревање како личности. Некои ученици веднаш ќе знаат за што и за каква кариера ќе се одлучат, некои ќе талкаат и ќе бараат професија која најмногу ќе им прилега на нивните интереси, некои ќе се запишат на факултетот за кој отсекогаш мечтаеле и за кој сонувале откако знаат за себе.

А што ќе се случи со гимназијата? Гимназијата ќе прими нови генерации и нови таленти. Некои ќе ги препознае, ќе ги чуе и ќе ги види… Но, многумина ќе ги разочара и ќе биде потенцијален убиец на нивните амбиции. Понекогаш, кога си размислувам, не ми е жал само за учениците на кои четири години ќе им биде скратена слободата да мислат со своја глава, да учат самостојно и да истражуваат, да покажат што знаат и умеат… Жал ми е и за гимназијата која не ги препознава талентите и генијалците и која наместо да ги гушне и да се гордее со нив, ги пушта низ вода затоа што се поинакви од другите!

Пишува: Ана Илиева, средношколка во СУГС „Орце Николов“, Скопје