[Став] Дали е сè дозволено во војната и љубовта?

Ристо Савески

Човековата историја е исполнета со војни и вооружени конфликти. Всушност целата човекова историја се изучува низ призма на конфликтите. Низ историјата и историските лекции, ретко може да се видат човековите судбини во целата слика. Денес вооружените судири и конфликти, ги надминуваат конвенционалните војни од минатото. Медиумите и социјалните мрежи овозможуваат директен пристап, до човековите страдања и судбина. Но во такви ситуации, кој е заштитник на луѓето од страдањето?

Поаѓајќи од „ѕверствата“ кои биле извршувани во минатото и препознавајќи го фактот дека воените агресии, го прекршуваат мирот и човековото достоинство, се донесува Римскиот статут за Меѓународниот суд на воените злосторства. Меѓународното право, се јавува како заштитник на човековите права, за време на вооружениот судир. Статутот препознава неколку категории кои се сметаат за казниви. Меѓу нив спаѓаат воените злосторства, злосторствата против човештвото и злосторства на агресија. Оттука како овие злосторства и дела, се набљудувани во денешните конфликти?

Војната во Украина претставува најголемиот вооружен судир, кој се случил на тлото на Европа по Втората светска војна. Информациската војна, која Русија ја води паралелно со воената, оневозможува јасен увид, на тоа што се случува кај цивилното население. Од тоа што е достапно до пошироката јавност, има индиции за извршување на злосторствата препознаени од меѓународното право.

Фокусот го ставаме на злосторствата на агресија. Русија врши воена агресија на територијалниот интегритет на Украина. Русија ситуацијата ја нарекува специјална воена операција, но, евидентни се судирите со редовната украинска армија, други вооружени групи кои се активираат за одбрана на Украина и цивилното население.

Самата воена агресија, која ја има извршено Русија, претставува злосторство. Планирањето, подготовката, отпочнувањето и извршувањето на дејства кои се насочени кон суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност, всушност претставува прекршување на меѓународните правила според Римскиот статут.

Агресијата најнапред го нарушува достоинството и благосостојба на луѓето затекнати во таа ситуација. Стандардните шеми на секојдневието на голем број на луѓе, се уништени. Дополнително агресијата предизвикува други синдроми, како раселување, миграција, сквернавење на историското, културното и природно наследство, што се наоѓа во завојуваната зона.

Злосторството на агресија, е ново начело на меѓународното право кое ги санкционира злосторствата за време на војна. Она што е карактеристично за ова начело е тоа што се фокусира на лидерите на земјите. Цел на гонењето се оние кои ги даваат наредбите за извршување на злосторствата. Самото начело, исто така, се фокусира на индивидуи, наместо на цели држави. Овој институт, ќе овозможи, поголема одговорност од страна на лидерите воопшто, а особено на оние лидери кои се затекнати или отпочнуваат вооружен судир. Дополнително ќе ги спаси општествата и целите држави од агонија и патење, поради одлуките на одредени лидери, кои на каков-таков начин се нашле на таа позиција.

До сега не било ова начело, не било аплицирано. Но со оглед на отсуството на принуда на меѓународните правила, дали ова начело би било применливо и во ситуацијата во војната во Украина?

Тешко е да се каже, дека како човекова цивилизација имаме стигнато до тоа ниво, да државите на меѓународно ниво, се придржуваат до прописите и правилата, кои самите ги носат. Често се вели дека во војната и љубовта, сè е дозволено. Меѓутоа, позитивен е фактот што пред сè, се препознаени овие форми на злосторства. Следниот чекор и задача на човековата цивилизација и на меѓународниот правен и политички поредок, е да најде начин, како да ги примени, без државите да се правдаат со принципот на сувереност и интегритет, што претставува легитимна страна на приказната.

Како за крај, историјата до сега ги осудувала војниците и генералите, за злосторствата кои биле вршени врз човековите судбини. Покрај тоа што, во хаосот на војната и тие имаат свој удел, никогаш фокусот не се ставил на гонење на лидерите. Можеби оваа ситуација, на човеково страдање во Украина, ќе придонесе (некогаш), за рушењето на милиони човекови судбини, да одговараат оние кои првично, поттикнале и придонеле до тоа.

Ристо Савески