[Став] Цијанид – последици по земјоделството

Почвата е природен ресурс и подршка за сите економски активности, но нејзината улога е особено важна во земјоделството. Агросистемот е подложен на разни природни и антропогени нарушување како што се ерозијата, органското и неорганското загадување. Брзиот развој на индустријата резултира со зголемено загадување на почвите со тешки метали кои се голема опасност за еко-системот. Почвите се контаминираат со тешки метали најчесто од антропогени извори, особено оние почви кои се наводнуваат со непрочистени отпадни води. Всушност, овие води кои се користат за наводнување на обработливи земјоделски површини придонесуваат за таложење на најразновидни хемиски и биолошки контаминенти, со што доаѓа до промена на физичко-хемиските и биолошките својства на почвите, а со тоа и до нарушување на еколошката рамнотежа.

Исто така, почвените микроорганизми играат витална улога за плодноста, како и за преобразбата на хранливите материи во почвата, правејќи ги достапни за растенијата. Со самата контаминација на почвата со тешки метали, доаѓа до намалување на популацијата на микроорганизмите, што негативно се одразува на целокупната почвена микрофлора, а со тоа и на синџирот на исхрана на самите растенија.

Несреќи предизвикани од рударски цијанид

Високо токсичниот Натриум цијанид (NaCN) се користи од страна на рударството со цел да дојде до екстракција на злато и другите благородни метали од рудата. Овој процес бил започнат во Шкотска во далечната 1887 година. По неколку години се установило дека цијанидниот комплекс создал голем број сериозни еколошки проблеми кои влијаеле врз живиот свет и водостопанството.

Сите водени површини кои содржат цијанид кој се употребувал во рударството се опасни за природните ресурси. Доколку дојде до несакни последици од други фактори, со што би дошло до истекување на тие водни базени, би се случиле катострофални последици, како што се несреките од копање на злато во Гвајана во 1995, во Киргистан во 1998, во Зимбабве во 1978, во Јужна Африка во 1994, потоа случајот со загадени реки во Нов Зеланд во 1995 итн. Во Турција, во 1999 година судот забрани употреба на цијанид при процес на екстракцијата на златото. Во 2000 година, огромен базен во Романија со милиони литри цијаниден раствор бил испуштен во притока која што се влева во реката Тиса, при што изумреа енормно количество риби.

Смрт на растенијата и семињата

Физиолошките ефекти врз растенијата како резултат на загаденоста на почвата со цијанид се следниве: Негативен ефект врз фотосинтезата преку пореметување на синџирот на транспорт на електрони во митохондриите; јоните на цијанидот се абсорбираат од страна на почвените честички, кои подоцна влијаат на целокупниот развој на растението, а подоцна истите може да се најдат во самите продукти, што ќе има штетно влијание врз човековото здравје.

Цијанидот во почвата исто така може да допринесе до контаминација на водите со што може да дојде до негативно влијание и врз рибниот фонд и врз здравјето на луѓето. Со концентрација од само 5-7 микрограми на литар вода доаѓа до намалување на подвижноста на рибите како и намалена репродукција на рибите. Од 20-76 микрограми на литар вода доаѓа до изумирање на рибите.

Влијанието на цијанидот врз животниот развој на растението може да има најразновидни ефекти во зависност од самата концентрација во почвата и од видот на растенијата. Како последица од зголемена концентрација на цијанид врз самото растение најпрво се гледа ефектот на инхибирана респирација на самото растение, а воедно и слаба абсорпција на хранливите елементи од почвата, што последователно доведува до изумирање на самото растение. Во помали концентрации, влијанието на цијанидот влијае на новите вегетативни развитоци на растението кога тоа е веќе развиено. При сеидба на почва контаминирана со цијанид доаѓа до значително намалување на процентот на р`тење на семето.

Најважно е да се напомене дека самите честички на цијанидот се високо мобилни во почвата и почвениот раствор, со што има висок потенцијал за негативно влијание врз растенијата и почвените микроорганизми.

Како цијанидот во почвата го загадува и воздухот

Индиректното влијание на цијанидот од почвата е тоа што истиот го загадува и воздухот. Дел од микроорганизмите кои се наоѓаат во почвата го претвараат цијанидот во водороден цијанид (хидроцијанидна киселина – HCN) и останати компоненти кои лесно испаруваат од почвата и ја загадуваат околната средина. Со самото тоа, водородниот цијанид всушност претставува разредена киселина во почвениот раствор. Таа киселина всушност негативно влијае и врз плодовите на овошјето и зеленчукот, со тоа што ги прави невкусни за јадење, може да причини и изгореници по плодовите со што ја намалува нивната физиолошка пазарна вредност, а воедно ги прави отровни за исхрана на луѓето и животните.

Бидејќи е лесно подвижен во почвата, цијанидот лесно го наоѓа патот до подземните води кои го пренесуваат неговото штетно влијание на поголеми далечини. Со самото подигање на подземните води лесно доаѓа до загадување на другите површини, иако не се во непосредна близина на изворот на загадување на цијанид или ридникот, и така се доаѓа до зглемување на загадената површина.

Друг ефект на идиректно влијание на цијанидот е следниот: почви кои се загадени со цијанид, а на кои што се одгледуваат растенија кои служат за исхрана на добиток, претставувааат главна зараза на добиточната храна. Во зависност од концентрацијата може да дојде до најразлични здраствени проблеми врз самиот добиток, вклучително и смрт. Доколку тоа загадување е во реони каде што се одгледуваат големи количини добиточна храна или пак се наоѓаат пасишта, ефектот врз сточниот фонд во регионот може да биде крајно негативен.

Загрозување на земјоделството

Сите овие загадени елементи го засегаат и човековото здравје, директно и индиректно. Доколу луѓето дојдат до храна која што е контаминирана со цијанид, или пак во допир со вода за пиење лесно може да бидат затровени. Водородниот цијанид е брз акциски отров. Кај луѓето и другите топлокрвни животни предизвикува задушување со инхибиција на респираторните ензими, со што ткивата имаат отежната абсорпција на кислородот од крвта.

Цијанидот е многу токсична супстанца и за многу видови на инсекти. Има многу брз парализирачки ефект кај повекето групи. Со тоа ќе бидат засегнати и корисните инсекти кои се наоѓаат во природата, на пример. бубамарите и сл. Да не го заборавиме и пчеларството. Познато е дека пчелите се можеби едни од најважните елементи во природата за опрашување на растенијата, а воедно и дарители на најздравата компонента во исхраната на луѓето, медот.

Може да се зборува уште многу за негативното влијание на цијанидот кој што се користи во екстракцијата на златото во рударството и за неговото штетно влијание врз еко-системот, со своето моментално и долгогодишно катастрофално влијание врз почвата, растенијата, животните, водниот режим, а со тоа и врз човекот. Во светот има многу примери на еколошки катастрофи поврзани со употреба на цијанид во рударството. Сите се доволно поучни за нас во Струмичкиот регион кој егзистира најмногу благодарение на висококвалитетно земјоделството како познат и признат бренд. Големите количини цијанид планирани за процесот на работа на Иловица сето тоа ќе го загрозат до темел.

Методи Митев, дипломиран земјоделски инженер

Извор: Здрава Котлина