*Од своја перспектива
Централноевропскиот универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта е под закана да ги затвори своите врати по 25 години постоење и придонес во квалитетот и нивото на унгарското и европското високо образование. Универзитет чија мисија е да ги унапредува принципите на слободното и отворено оштество и кој е олицетворение на слободата на изразувањето. Како таков, често го нарекуваат „остров на либерализмот во Унгарија”, земја која во последно време за жал во уставно-правната теорија стана пример за илиберална демократија и примена на злоупотребувачки конституционализам (abusive constitutionalism)[1].
Амандманите кон Законот за високо образование изгласани од унгарскиот парламент минатиот вторник се директен напад кон оваа институција. Како таков, овој напад е напад врз академската авотономија и е спортивен на сите вредности на кои се темели едно демократско општество. Овој закон е резултат на “хајката” против организациите и институциите кои имаат каква било поврзаност со бизнисменот и филантроп Џорџ Сорос, кој е основач на ЦЕУ. Настрана хипокризијата на унгарските власти, чии високи функционери меѓу кои и моменталниот Премиер Виктор Орбан, имале шанса да се образуваат токму благодарение на организациите поддржани од г-динот Сорос, ЦЕУ е многу повеќе од универзитет основан од г-дин Сорос. Универзитетот е академска институција со свој Борд и Сенат и со свој ректор избран од страна на овие тела да одлучува за неговите политиките и фунцкионирање. Универзитет кој е независен и автономен и кој покрај финансирањето од страна на многубројните донатори, располага и со свои сопствени средства на финасирање. Од Септември минатата година, ЦЕУ е мојот дом. Велам дом, бидејќи да се биде дел од заедницата на ЦЕУ во академски и социјален контекст, несомнено за многу кратко време создава чувство на припадност. Средина во која владее атмосфера која те прави жеден за знаење и надоградување и која ти ги покажува своите вистински можности и способности. Средина која го вади најдоброто од секој студент при процесот на академско и културно надградување и во која секое мислење и основан став на студентите е важен и придонесува во развојот на академската мисла.
Она што на ЦЕУ никој не може да му го оспори е неговиот академски квалитет. ЦЕУ е највисоко рангираниот унгарски универзитет, кој истовремено котира многу високо на сите светски ранг-листи. Универзитетот е чест домаќин на најреномираните имиња во светската академија кои заедно со прочуените имиња кои се дел од постојаните катедри на унивезитетот, ја прават академската атмосфера на ЦЕУ непроценлива. Јас како студент на програмата по Компаративно уставно право во иднина ќе можам да се пофалам дека сум слушала предавања од професори како Андраш Шајо, Мајкл Росенфилд, Сузана Манчини, Александар Бланкенагел и многу други врвни академци и водечки имиња во уставно-правната теорија и пракса. Дополнително, чувството да се учи и да се другарува заедно со над 1.400 студенти од повеќе од 100 држави, кои се таму не поради своето потекло, фининасиски можности или други привилегии, туку единствено поради своите академски капацитети и претходни достигнувања, е непроценливо. Тука е важно да се потенцира дека моето образование и целото мое искуство на ЦЕУ, како стипендист со masters excellence стипендија, не ме чинеше мене ниту моето семејство ништо. ЦЕУ им овозможува голем број на пакети за финансиска помош на своите студенти во многу голем број од магистерските програми и целосно ги финансира своите докторанди.
ЦЕУ мора да продолжи. Без ЦЕУ, многу помалку привилегирани млади академици и идни лидери од целиот свет не би имале шанса за квалитетно високо образование како што го имаат тука. ЦЕУ мора да продолжи и со својата мисија-унапредувањето и поддршката на слободното и отворено општество. Тоа е особено важно сега, во овој глобален контекст и е потребно повеќе од кога било кога во последниве 70 години. ЦЕУ мора да продолжи бидејќи општеството мора да оди напред наместо да ги деградира сите достигнувања за кои се изборило во последните 70 години. ЦЕУ ќе продолжи.
[1] Според Дејвид Ландау терминот злоупотребувачки конституционализам се дефинира како користење на механизми за уставни промени со цел една држава да се направи значително понедемократска од што била предходно. Види David Landau, ‘Abusive Constitutionalism’, UC Davis Law Review, 2013, vol. 47, pp.195
Пишува Дорјана Бојановска, студентка на ЦЕУ