[Став] Борба против прерамките – Сараевскиот универзитет забранува мини здолништа,шминка, тетоважи, пирсинг

Ведад Смаилагиќ, професор по германска лингвистика на сараевскиот Филозофскиот факултет, критички го разгледува предлогот на Универзитетот во Сараево да воведе „Кодекс на однесување и облекување за вработени и студенти“, кој предвидува голем број забрани. Иако и самиот смета дека универзитетот не е плажа, сепак верува дека „не може да се забрани се што не ни се допаѓа.“, пишува тој за Депо.ба.

Универзитетот во Сараево иницираше донесување Кодекс за однесување и облекување на вработените и студентите на овој универзитет. Овој кодекс, со 16 членови, на 6 страници, содржи многу одредби со кои се спречува она што им пречи на мнозинството од граѓаните и за кое велат дека не треба да го има на универзитетот. Сепак, ако се има во предвид дека на европските јавни универзитети не постои такво нешто како кодекс на облекување за студентите, мора да си го поставиме прашањето: Зошто е така?

Прво, треба да се забележи дека во кодексот има дел за однесувањето на вработените кој е непотребен, бидејќи тоа може да регулира со договорот за вработување: на пр. дека не треба да се пие на работа. Но кодифицирање на однесувањето на учениците на јавен универзитет навлегува во личната слобода на поединците, што особено се гледа во предложената забрана кај начинот за облекување.

Предлогот гласи дека на Универзитетот се носи работно-лежерна облека, а забрането е да се носи: облека која го открива стомакот, грбот или длабоко деколте, облека на прерамки, проѕирна, тесна и намерно распарана облека, мини здолништа, бермуди, панталони и тренерки, влечки , сандали и чевли со екстремно високи потпетици, шминка, накит, тетоважи и пирсинг, како и облека со пораки кои ги навредуваат чувствата на другите. Можеби јас сум дел од мнозинството на граѓани кои би кажале дека голем дел од набројаното навистина не е погодно за на факултет, а посебно експлицитно- навредливите пораки. Конечно, универзитетот не е плажа, и за тоа треба да се води грижа.

Сепак, основниот принцип на современите европски либерални демократии е: Не можеме да забраниме сè што не ни се допаѓа. Зборуваме за оние демократии и оние земји во кои ја гледаат својата иднина многу млади луѓе од Босна и Херцеговина, но, исто така, и од сите делови на светот кои се во развој. Како по правило, овие земји немаат вакви универзитетски кодекси. И имаат добри причини за тоа.

Универзитетот во Сараево е европски јавен универзитет, и како таков треба да поседува или да бара што е можно побрзо усвојување на европските вредности кои се огледуваат во верувањето дека слободата на поединецот која не загрозува никој е темелна вредност на општеството, што го знаеме уште од Кант, но и претходно, од големите цивилизации како грчката, римската или рано- исламската, кои и самите се засновани на слободата и кои го создадоа модерното либерално европско општество.

Покрај тоа, академската слобода не гарантира на професорите само слободата на работа, истражување и учење, но академската слобода се рефлектира и на слободата на изразување и дефинирање на сопствената личност на еден студент. Може ли некој да има надеж во развојот на општеството кое се заснова на непристојни кодекси на однесување на студентите?

На секое развиено општество му е потребна креативната енергија на младите луѓе што се повеќе се ослободува бидејќи нејзините поединци и групи имаат поголема слобода. Во таа смисла, не се оправдани забрани и ограничувања, кои се оправдуваат, како што кажува предложениот кодекс со „ етички, морални и професионални стандарди, односно општоприфатени цивилизациски вредности“. Па слободата што никој не ја загрозува е најголемата цивилизациската вредност – тоа е вредноста за која се војува со векови, а милиони луѓе и денес ги даваат своите животи за таа слобода.

Кодексот на облекување е посебно неоправдан бидејќи јавниот универзитет има јавна образовна функција која се одразува во тоа што јавниот универзитет е место за припадниците на сите светогледи, верувања, и на сите општествени групи им гарантира пристап до образование. Таквиот универзитет и самиот е цивилизациско достигнување кое го изгради континентална Европа во последните двеста години, и на кое ние во Босна и Херцеговина треба уште многу да работиме , за самопофалбите за босанскохерцеговачката убавина на различноста да не остане само туристичка пропаганда, туку да биде општоприфатена форма на акција.

Во која смисла тетоважата или пирсингот имаат негативно влијание врз моралот, етиката или можат да влијаат врз професионалните односи? Дали е тоа можеби поголем проблем на тој што набљудува, а не на набљудуваниот? Дали истетовираниот Лионел Меси морално и етички е полош од Роналдо, кој не е тетовиран, и дали оваа разлика е од клучно значење за нивниот професионален однос кон топката?

Универзитетскот кодекс е само обид за унифицирање на општеството во имагинарните и наследени етички модели кои во суштина претпоставуваат само форма. Овој конзерватизам во сфаќањето на моралот во модерното европско либерално општество, а Босна и Херцеговина вложува голема енергија за да стане дел од тоа општество, ја изгуби својата оправданост и го гуши правото на самоопределување на поединецот со тоа што ја попречува креативноста, подготвеноста и желбата на младите луѓе да делуваат во ова општество на начинот кој тие го знаат и можат.

Во исто време, дефиницијата на етиката, моралот и професионалност преку облеката, а не преку делата на човекот, јасно ни кажува колку лесно сме подготвени да се одречеме од младите луѓе само затоа што визуелно се разликуваат од нашите очекувања. И тоа во Сараево, кое и денес се гордее со некогашниот младалашки дух, кое пред само неколку децении, во некоја своја слобода, го основаше и живееше познатиот сараевски рок и сараевската друштвено-критичка филмска сцена.

Јасно е дека дозволата за некакви прерамки или пирсинг, нема сама по себе да биде револуционерен чин во академската заедница. Повеќе се работи за слобода за младите луѓе да побараат нешто за себе, да покажат  бунт, да ги поместат границите на општеството. Универзитетот во Сараево е научна и образовна институција која има многу проблеми во својата општествена оправданост, во своето функционирање, во својот развој, во речиси уништената академска слобода, во техничкиот недостигот на опрема, во намалувањето на бројот на студенти. И затоа, енергијата на сите засегнати страни, вклучувајќи ги сите студенти, оние со прерамки,  тетоважи, високи потпетици и тренерки,  треба да се искористи за опстанокот и развојот на Универзитетот и да се настојува околу оваа мисија да се соберат сите сегашни и идни студенти, а не со прогон на прерамките да се свртува вниманието од вистинските проблеми кои доведуваат на деградација на научната релевантност на самиот Универзитет во Сараево.

Евентуалните поединечни случаи на несоодветно облекување на студентите, би можеле, сосема сум сигурен, да се решат со разговор со било кој добронамерен професор или професорка со студентот или студентката. Пишан кодекс за тоа не е потребен и би бил само еден меч од хартија во борбата против сосема други ветерници. Конечно, босанско-херцеговското општество досега повеќе страдаше од некои вратоврски, отколку сега, поради прерамките.