[Став] Бојкотот од гледиште на една средношколка

Празни кабинети, полни холови, збир на луѓе од различни класови и генерации, смеа, дружење, размена на ставови. Единство кое зрачи уште од првото зачекорување во училиштата полни љубов и позитивна енергија. Ова за мене е сликата која ја изваја неодамна прогласениот бојкот на наставата, пишува средношколката Симона Туфегџиќ, во својата колумна за средношколскиот весник „Медиум“.

На почетокот се соочувавме со проблеми со организација, нервоза, страв, но со секој поминат ден сето ова поминуваше, дозволувајќи им на позитивните вибрации да ги исполнат средните училишта. Секое утро од почетокот на нашата форма за изразување на младинскиот револт, се пречекувуваме со насмеани лица, убави мисли, прегратки. Да не постоеја тие секојдневни притисоци со кои очајно се обидуваат да ја згаснат средношколската позитива на ведрата мисла, ќе си помислев: ,,Можеби ова е добрата страна на ова лошо време во кое живеам….“, „Можеби ова се деновите кои ќе остават траен и неизбришлив белег во моето срце, овековечувајќи ги и така незаборавните средношколски денови.“

Иако оваа наша тешка борба, која започнавме да ја водиме за подобро образование и подобро утре, нѐ созреа пред време и неспремни не соочи во суровоста на денешницата, чувствувам колку нѐ сплоти и обедини како генерација, како средношколци. Напорните состаноци, дискусии и дилеми, кои ние пленумците ги имаме овие денови, можеби премногу истоштуваат, изморуваат, исцрпуваат, но од друга страна, пријателствата кои ги стекнавме, активирајќи се во рамките на Пленумот ќе останат засекогаш тука и нема ништо да ги избрише. Играњето карти, табла, шах, монопол, музиката, шегите…Целиов збир на форми на младешки излез од досадата можеби од надвор остава впечаток на несериозна ,,збирштина од деца“ кои сакаат да губат часови.

Но, зачекорувајќи низ вратите на училиштата впечатокот го менува отворениот средношколски ум, мисла излезена од рамките кои ни се наметнати од општеството и образовниот систем, зраци од креативност и слободоумност кои се дарба на младиот човек. Ние учениците, кои делуваме ,,несериозно“, всушност, со заедничкиот став, без страв, покажуваме поголема зрелост дури и од нашите професори и родители, покажуваме силна желба да не станеме уште една цигла во ѕидот на надлежните органи. Нашиот отпор е наше несогласување и обид да го срушиме истиот тој ѕид, обезбедувајќи притоа, наша и на идните генерации, појасна перспектива кон иднината.

Симона Туфегџиќ, СУГСГ “Орце Николов” – Скопје