[Став] Богословците и медресантите очекуваат одговорност од пратениците

Пишува: Самет Шабани

„Историското“ прашање за акредитација на верските средни училишта од државата останува нерешено. Иако во последните три години се постигна значаен напредок за усогласување помеѓу власта и двете верски заедници со средни училишта (МПЦ-OA и ИВЗ), веќе цела година продолжува блокадата во Собранието. Дали пратениците конечно ќе го усвојат Предлог законот за акредитација пред изборите во 2024?

По вооружениот конфликт во 2001, Македонија се препознава како умерено напредна држава во областа на верските слободи. Институциите активно се залагаат за донесување на меѓународни стандарди во гарантирање на ова универзално човеково право.

Како пример, Управата за извршување на санкции, по барање на затвореник, обезбедува исхрана според верски стандарди (халал, кошер, итн.). Во соработка со верските заедници, институциите напредуваат во воведувањето на военото капеланство (military chaplaincy) како стандард во сите земји членки на НАТО. Извештајот за 2022 година на Стејт Департментот на САД за меѓународно верска слобода ја одбележува соработката помеѓу Владата и верските заедници за многу поврзани прашања…

Сепак, акредитацијата на верските средни училишта (Богословското училиште „Св. Климент Охридски“ и Медресата „Иса бег“) останува отворена рана што со децении не се лекува. Извештајот на Стејт Департментот ја опишува оваа рана во детали.

Парадоксот е во тоа што Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група им овозможува основање на средни училишта на регистрираните верски субјекти, но од друга страна, истите (сè уште) не се акредитирани како средни училишта од Министерството за образование и наука.

Така, богословците и медресантите кои завршуваат наставна програма во верските средни училишта се дискриминираат и не може да продолжат со образованието во која било насока на универзитетите во татковината.

Ограничени во изборот

Тие се принудени да изберат една од трите можни „судбини“: 1. Да продолжат на теолошките факултети во земјата (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје или Факултет за исламски науки): 2. Да продолжат во било која насока на одредени универзитети во регионот, Турција или на Блискиот Исток (сите најчесто основани од верски фондации); 3. Да не продолжат воопшто со образованието (што е најчесто случај на женските ученички поради што се соочуваат со тешкотии да се преселат во Скопје или во странство).

Извор: data.sobranie.mk

За дополнително да бидат дискриминирани, тие што стекнуваат додипломски или постдипломски студии во странство (регионот, Турција или Блискиот Исток) се соочуваат со непризнавање на студиите по враќање во земјата, односно Министерството за образование не им овозможува нострификација на стекнатата диплома.

За да и се стави крај на системската дискриминација на „верските средношколци“, претставниците на Владата и на верските заедници интензивно работеа на усогласување на наставен план што во крајната верзија предвидува 55% гимназиско (природно математички и општествени науки) и 45% верска (фундаментални знаења околу Христијанството и Исламот) настава.

Ваквата пропорција им овозможува основа на јавните институции да ги акредитираат двете средни училишта. По низа преговори во последните три години, и по изготвеното усогласување, 11 пратеници на ДУИ во јули 2022 година поднесоа Предлог закон што ќе ја овозможи акредитацијата..

Со тоа, ќе им се овозможи на дискриминираните средношколци да стекнат акредитирана диплома и да може да се запишат на која било програма од општествени и хуманистички науки во универзитетите во земјата (член 7 во Предлог законот).

Предлогот доби позитивно мислење и од Владата, одбележувајќи дека „има потреба за донесување на овој закон“. Сепак, судбината на илјадници ученици продолжува да биде „игри без граници“. Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието постојано ги одложува седниците за понатамошна постапка по предлогот. Комисијата е една од трите најбројни во Собранието, односно брои вкупно триесет членови од редовите на СДСМ (11), ВМРО-ДМНЕ (11), ДУИ (4), Алијанса за Албанците (2) и независни пратеници (2).

За да биде уште поиронично, власта и опозицијата изразуваат поддршка за усвојување на законот, и истовремено, се обвинуваат едни со други за запирањето на процесот.

Кое е можното понатамошно сценарио

Пратениците почнуваат со двомесечен летен одмор од 1 јули до крајот на август. Од септември почнува традиционалната нефункционалност на Собранието пред изборите предвидени за наредната година.

Така, постапката за акредитацијата се соочува со предизвик да се одложи за најмалку уште една година. Дополнително, подготовките за примена на акредитацијата може да траат подолго. Toa значи дека во најдобро сценарио, ќе има уште две дискриминирани генерации на верски средношколци.

Пратениците треба да го решат овој проблем што ја засега судбината на илјадници млади (523 актуелни и 4068 дипломирани) како и на кадарот во самите училишта. Решението е кратко и јасно: Претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт свикува седница, предлог законот поминува низ прво читање, се дискутира, се донесува на пленарна седница, и се гласа.

Пратениците се одговорни да преземат чекор час поскоро за и средношколците од верските училишта да можат да уживаат еднакви права со нивните врсници. Во спротивно, и оваа неусогласеност може да биде причина за дел од младите да ја планираат иднината надвор од Македонија.

*Самет Шабани е главен управител во Хоризон Цивитас– Здружение за граѓански активизам и поттикнување на општествена одговорност. Претходно тој работел како истражувач за надворешни и безбедносни политики при Аналитика Тинк Тенк. Неговиот фокус е насочен во темата насилен екстремизам, при што има објавени истражувања и работи на неколку проекти на оваа област. Самет има завршени додипломски студии за политички науки и меѓународни односи во Универзитетот на Истанбул, и Школа за Јавни Политики од Советот на Европа. Тој актуелно е кандидат за магистерски студии во областа Организативен Менаџмент во Меѓународниот Универзитет на Бурч (Сараево), и учесник во две програми: Школата за Политики при Председателството на Северна Македонија, и Одржлива Јавна Администрација при Универзитетот на Малмо.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.