[Став] Бесплатното скапо ќе нè чини

Студентите се жалат дека немаат книги, немаат од што да учат – екс премиерот, како на шега, ветува бесплатна ласерска корекција на диоптер. Се чини „розовите очила“ кои ги продаваа до сега, веќе никој не ги купува, па сега ќе ги делат бесплатно, пишува Демијан Хаџи Ангелковски од Студентски пленум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Последниве неколку месеци, како никогаш до сега, фокусот на владејачката партија е завртен кон младите, а особено кон студентите. Се користи овој долг „предизборен“ период да се промовираат десетици проекти, со цел да се поврати дел од загубената доверба и дел од загубените млади гласачи. Се промовираат бесплатно возење во ЈСП, бесплатна корекција на диоптер и очила, намалување на партиципацијата за најдобрите студенти итн. Но, се поставува прашањето, дали овие промени, односно т.н. „реформи“ ќе го постигнат саканиот ефект? Да разгледаме…

Настрана што велат официјалните статистики од Светска Банка, разгледајте малку што се случува околу вас… Сигурно познавате најмалку тројца другари кои ја имаат напуштено државата, можеби и повеќе. Големи се шансите дека и вие што ја читате оваа колумна сериозно сте го размислувале истото. Половина од сите млади во државата се невработени, студентите учат од книги кои или се лошо преведени или воопшто не можат да се наречат книги, а воопшто да не почнувам да говорам за студентските домови… Накратко, ситуацијата е страшна и повеќе од сериозна!

Отворено и искрено ќе речам: И јас сакам да ја напуштам Македонија. Не ја гледам мојата иднина тука. За пар години ќе бидам дипломиран лекар и искрено не знам што понатаму во оваа држава. Четвртина од моите пријатели веќе заминаа, со уште еден голем дел кои ќе си заминат, каде и да е. Зошто да останам во држава каде мојот глас не значи ништо, каде не смеам да критикувам, каде забрането ми е да бидам објективен и конструктивен. Место каде што се гледа само залепената светкава фасада, а не јадрото кое труло и се распаѓа.

Всушност, ако сакате малку подетално да анализираме, тоа е и суштината на владината политика во последнава декада – фасада политика. Сè додека нештото однадвор изгледа убаво, не е важно што има внатре. Студентите се жалат дека немаат книги, немаат од што да учат – екс премиерот, како на шега, ветува бесплатна ласерска корекција на диоптер. Се чини „розовите очила“ кои ги продаваа до сега, веќе никој не ги купува, па сега ќе ги делат бесплатно.

Има една тешка лекција, која ние младите сè уште не сакаме да ја апсолвираме – во животот ништо не е бесплатно, сè си има своја цена. Македонија длабоко и со голема камата ја плаќа цената на „бесплатното“.

Навидум сите владини проекти насочени кон младите изгледаат многу примамливо, но нивната позадина е трула. Ги игнорираме долгорочните проблеми и се обидуваме да ги маскираме со некакви си брзи реформи кои треба да донесат брзи резултати. Стратегија имаме само на хартија. Бесплатно ова, бесплатно она, а младите пак си заминуваат. Значи, сепак има нешто што не сакаме да го видиме, нешто што се обидуваме да го сокриеме под килимот.

Во сржта ниту еден млад човек не сака да го напушти својот дом, своите родители и пријатели, но не ни оставате избор. Преку глава ми е да зборувам за општество кое не сака да ме слуша. Вистинските промени ќе се случат тогаш, кога ние ќе сакаме да ја согледаме тежината и бруталната реалност на моменталната ситуација, кога ќе ги спуштиме розовите очила и ќе ја погледнеме сивилата околу нас.

Ќе звучам можеби неблагодарно, но мене во оваа држава нема да ме задржат со тоа што ќе можат бесплатно да се возам во ЈСП или пак ако ми ја намалат партиципацијата. Сакам да ја видам својата држава просперитетна и високо исправена. Сакам реални и долгорочни стратегии. Сакам чекор по чекор да ја градиме Македонија, а не преку брзи реформи. Најважно од се’ сакам да се вреднува мојот збор. Но, пред да можеме да стигнеме до тоа подобро утро, треба да се ослободиме од илузијата на бесплатното, бидејќи тоа, на крајот, многу скапо ќе не чини.

Ние младите не сме најпаметни, ниту сме најмудри, но верувајте имаме доста добри идеи (пример: Студентски Пленум).