[Став] Бесмислениот јубилеј во МКЦ – нов мурал за 30 години стариот мурал

Пишува: Небојша Вилиќ
Оригинално објавено на Фејсбук
Деновиве интензивно се прашувам/в: дали, доколку бев денес во Скопје, ќе отидев вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) на одбележувањето на триесет годишнината на муралот на Групата ЗЕРО со „огромниот мурал на фасадата на МКЦ“[1] изработен од истите, но сега веќе „култните ЗЕРО“? Се разбира дека дилемата е лажна: ќе отидев од професионални причини! Но, тоа што ќе недостасуваше ќе беше мојот емпатичен влог во настанот. „Ладниот“, да не кажам антипатичен пристап кон овој навистина невообичаен настан ќе се должеше на непомирувањето со погрешните политики кои ликовната редакција при МКЦ продолжува да ги спроведдува и остварува.
Уште при првата објава на овој настан, пред десетина дена, останав запрепастен не само од оваа идеја, туку и од започнувањето на нејзиното остварување. А највеќе од поводот: по повод 30 години од сликањето на муралот „Кога диносаурусите умираат“ во холот на МКЦ (тогашниот Дом на младите „25 Мај“, кој во најавата се именува како „ЈУ МКЦ“) во 1986 (sic!), како дел од отворањето на Скопскиот џез фестивал (за помладите и за оние кои не знаат: тој започна и повеќе години се одржуваше токму во Домот) (сл. 1).

 

1

Сл. 1 Група ЗЕРО, мурал „Кога диносаурусите умираат“, 1986, хол на МКЦ (десен ѕид)

Поинаку кажано, се запрашав: зошто МКЦ, како институција чија определба е (или, барем, како таква е пропишана) младинската култура (во сите нејзини аспекти), вака прославува јубилеј: со покана до Групата ЗЕРО да направи уште еден, нов мурал? Особено заради тоа што, како што пишува во објвата на и за МКЦ: „Основната задача и цел на МКЦ е промоција на културата, културните и научните вредности на младите“.[2] Ниту членовите на Групата се млади (сл. 2), ниту Групата е нешто посебно „култна“, ниту, пак, тоа што ново го насликаа носи некоја нова вредност (сл. 3-4). Тогаш, зошто сè ова? Навистина би сакал конечно еднаш некој од МКЦ да ми одговори во јавниот простор на ова мое прозивање.

 

2

Сл. 2 Група ЗЕРО при работата на новиот мурал: (горна скела од лево) Горанчо Георгиевски и Беди Ибрахим; (средна скела од лево) Стефан Шашков, Владо Манчевски – Марсо и Синиша Цветковски; (долу од лево) Александар Станкоски и Златко Трајковски – Хинки

3

 Сл. 3 Новиот мурал

14196171_10154098751403220_2257517945847811774_o

Сл. 4 Детаљ од Новиот мурал, 2016

***
Кога за прв пат прокоментирав на Фејсбук за ова, еден колега иронично ми забележа дека не ме поканиле (та затоа сум можеби навреден или лут). Мојот одговор на оваа прозивка беше следниот: „И не треба да ме викнат. И да ме викнеа ќе одбиев: па, до ѓавола, имам 53 години! Тоа би било контра моите критики. Јас сум веќе кон СКЦ – Старински културен центар. Кога го мачкавме внатрешниот ѕид 1986 имав 23… … :) Со други зборови: сè во свое време. :)“
Зад овој мој коментар стоеше моето професионално убедување и искуство дека во Домот секој уредник на ликовната програма ја внесувал, воведувал и претставувал генерацијата на уметници која доаѓала на сцената и сè тоа што како творештво подразбира младата генерација на уметници. И согласно таквите политики и не само со нивните самостојни или групни изложби, уметниците оставале и „траги“ во и вон зградата на Домот. Така на пример, во најраните 1980ти Лира Грабул изведе просторна инсталација над шанкот на бифето на катот, а на спротивниот ѕид имаше огромно сликано платно (чиј автор, нека ми биде простено, не се сеќавам кој беше); Мирослав Поповиќ го покани и Степановиќ Милун – Жуби да го ослика големиот ѕид на првото бифе (сегашниот Клуб МКЦ) со реплики на Ворхоловата Мерилинка (1984/5?); јас ги поканив Групата ЗЕРО за веќе спомнатиот мурал (предмет на јубилејот) во 1986 (N.B една година по нивното озваничување, кога поголемиот дел од членовите сè уште беа студенти на ФЛУ); Глигор Стефанов покани повеќе уметници да постават свои дела пред влезот и во паркот пред Домот (1987/8); а пред сите нас, чинам дека тоа го има направено сликарот Владимир Георгиевски (?) кога е поставена скулптурата на Драган Попоски – Дада во раните 1970ти (најверојатно 1972 при отворањето на Домот). Своевидно, секоја генерација на уредници имала детаљен увид во ликовната сцена и согласно тој увид вршела своевидно „впишување“ во сеќавањето на оваа институција со дела на младите уметници.
Се разбира, тоа беа времиња кога, како уредници, сите настојувавме да бидеме не само барем, туку и еднакви со тогаш водечките СКЦ (Студентски културен центар) и Биљана Томиќ и Бојана Пејиќ во Белград и СЦ (Студентскиот центар) и Владимир Гудац во Загреб. Сите ја разбиравме можноста да се поттикне и афирмира младата или новата уметност која во тој период почна да се јавува во Скопје и во Македонија. (cf. Вилиќ, 1994) (Барем мене како уредник, тоа ми беше основната цел, намера и задача, но во тоа не се разликуваа ниту Поповиќ ниту Глигоров.) Во средината на 1980те, низ галеријата поминаа безмалку сите уметници кои подоцна се впишаа во историјата на македонската тогашна уметност, вклучително и самата Група ЗЕРО и некои од нејзините поединечни членови. Галеријата при Домот долго време беше „лакмусовата хартија“ за претставување (прво или второ) на целата таа генерација, а на отворањата доаѓаа сите критичари кои, секој со своето убедување, препознаваше, вреднуваше, избираше и понатаму следеше што тие уметници ќе направат. Сите уредници го имаа тоа предвид и темелно работеа на тоа. Бидејќи нивната работа беше тоа: да промовираат млади и квалитетни уметници.[3]
***
Во оваа прилика, мојата забелешка беше (или е) упатена кон програмската (а оттука и суштинската) концепција и (а како таква и контрадикторна на) институционалниот карактер на МКЦ, а не кон Групата „Зеро“. Своеовидно, улогата на уредникот на ликовната програма била од суштинско значење за препознавање на новите појави на македонската уметничка сцена. Конечно, последниот уредник (историчар на уметноста) на оваа програма, Зорица Лојпур Богдановска [†], до своето пензионирање, редовно ја посетуваше завршната Годишна изложба на студентите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, со цел и намера да избере и да предложи на конкурсите за финансирање млади и ветувачки уметници и успеваше, колку-толку, со добиените скромни средства да организира барем десет изложби годишно.
Тоа е, за жал, последниот професионален ангажман на долгата и успешна серија на уредници кои, без разлика на својата возраст, им овозможуваше пристап до прва самостојна изложба на младите. После тоа, младите го изгубија и единственото место за прво професионално претставување, и побараа други места. МКЦ, поточно, неговата ликовна програма и нејзината уредувачка програмска политика, а благодарение на изборот и назначувањето на несоодветни директори во низа, со тоа, ја изгуби и својата смисла за постоење. Тоа што оваа сегашна раководечка гарнитура го прави со галеријата и со ликовната програма (со што подолг период е предмет на мојата критика) се токму ваквите чекори коишто ги прави и кои навистина не можам да го разберам!? Не би сакал да се повторувам, но само како пример ќе ги наведам безразложните и неоправдливи изложби на уметници од најстарата генерација, на пример. Уште повеќе, ниту во еден каталог ниту објава никогаш не беа/се образложени причините за нивно организирање. Заради тоа, сметам дека од севкупното одлично работење на МКЦ под раковоство на Златко Стевковски, ликовната програма е најнесоодветно програмски ориентирана. Точно е дека под негово раководство МКЦ повторно стана епицентар на младинскиот културен (особено музички) живот и секогаш ми е многу драго кога ќе ги видам ходниците полни и преполни со млади и кога (како и во мое време) во една вечер има и по неколку настани. МКЦ заживеа нов живот – тоа е факт кој сакам позитивно да го нагласам. Но, овој сектор, во кој е ангажиран и Горјан Ѓорѓиев (иако не знам дали како уредник на ликовната редакција), од проект до проект сè повеќе се оддалечува од младите. Повеќе пати повикав на ангажирање (дури и на вработување) на некој од (веќе не толку младите, но работливи и познавачи на тековните уметнички прилики) невработените историчари на уметноста и ликовни критичари, но МКЦ не пројавува слух за тоа и продолжува со сè полошите проекти во ликовната уметност.
Затоа, повторно ќе (се) прашам: зошто овој јубилеј и зошто повторно Групата ЗЕРО?
***
Доколку резимирам, не само што е логично, туку е и во смисла на основните задачи на МКЦ, наместо да прославува ваков бесмислен и безразложен јубилеј со група уметници кои и после триесет години (sic!), ама баш ништо ново не насликаа во новиот мурал, некој од МКЦ требаше да прошета и да погледне малку низ градот и да види што таму се случува. (На пример, на Skopje Street Festival) (сл. 5). [4]

 

5

Сл. 5 Работилница за сликање на фрижидери, Skopje Street Festival, Градски парк, 10-12 јуни 2016

Поточно, да види дека нешто во уметноста во меѓувреме (за овие треисет години) – се сменило! Дури и не мораа да го прават тоа, тој напорен, мачен и долготраен ангажман. Можеа само да дојдат на Годишната изложба на Факултетот за ликовни уметности, како што тоа го правеше и Лојпур Богдановска, и да погледнат како најмладите го подразбираат ѕидното сликарство, односно, муралот (сл. 6-7).

 

6

Сл. 6 Графити и тагови на студентите на Факултетот за ликовни уметности, мај 2016

И доколку сакаа да дадат придонес кон одбележувањето на 25 годишнината од независноста на Републиката, да ги поканат токму овие млади и тие, со своето тековно разбирање за уметноста и начини на работење и со своите ставови кон стварноста кои ги опкружува и формира, да остават белег за едно време, за времето во 2016 година, за нивното време! Поставувајќи го суштинското прашање за овој сегашен мурал: која е смислата да се преповтори нешто од едно сосема поинакво и одамна поминато време, време и сензибилитет од пред триесет години, со овој напор, со ангажирањето на сегашните (а не тогашните) млади, овој настан за овој повод (25 годишнината од независноста на Републиката) во потполност ќе беше прилог на Младинскиот културен центар кон јубилејот!

 

7

Сл. 7 Графити и тагови на студентите на Факултетот за ликовни уметности, мај 2016, детаљ

На тој начин, само така МКЦ ќе ја продолжеше линијата и политиките за/на допишување на стварнооста на еден миг кој ќе го продолжеше напластувањето и создавањето на заедничкото сеќавање на времето започнати уште 1972, допишување направено од вистински младата генерација на уметници. Така МКЦ ќе ја потврдеше својата општествена функција, важност и значење.
***
А зошто членовите на Групата ЗЕРО (сите, горе-долу мои врсници, дури и постари, што значи 53+ години)[5] прифатила, и зошто и врз основа на што таа е прогласена за „култна“, тоа нека остане за некоја друга прилика.