[Став] Берлин во 80-тите – повеќе реклама за хедонизам отколку град

Берлин во 80-тите – повеќе реклама за хедонизам отколку град. Како млад филмаџија, Крис Петит барал инспирација во поделениот град Берлин, каде композиторите биле агенти на Штази, а ноќ во клубот знаела да заврши со „нуклеарна експлозија“.

Годината е 1984 година, а јас се возам низ Источен Берлин во Jaguar XJ6, единствениот во градот. Го снимавме Chinese Boxes, евтин трилер со неразбирлива приказна за смртни случаи од дрога меѓу тинејџерите, берлинските гангстери и разузнавачките служби на САД. Буџетот на филмот е околу три илјадарки и, за да заштедиме пари, музиката се снима во Источен Берлин. Возачот на Јагуарот е композиторот, а подоцна дознаваме дека е и агент на Штази. Пиеме црвено вино од Бугарија и зборуваме за она што не може ни да се замисли – повторното соединување, тогаш познато како Германската пролет.

Во тие денови, јас живеев во Западен Берлин, кој во контраст беше помалку град, а повеќе реклама за контролиран вид на хедонизам: бела прав, секс во такси, водка. Најблизу што дојдов до размислување за Студената војна беше на крајот на една долга ноќ, кога видов бела светлина за која се колнев дека е нуклеарна експлозија. Секако, тоа беше само вратата на клубот која се отвори за да видиме дека надвор е веќе ден.

Во Лондон сèсе затвораше во 11. Во Париз, можеше да се стигне до еден. Во Берлин, никој никогаш не ти кажуваше да си одиш дома. Алкохол и амфетамини во ноќта, додека се возиш по празни улици со бели линии на патот кои се појавуваат над покривот на автомобилот. Тоа беше стар Воксваген со расипан покрив кој понекогаш знаеше да ми истури еквивалент на кофа вода во вратот, што е единствениот совршен лек за мамурлак кој сум го нашол.

Вечерите почнуваа доцна и беа одбележани со театралност – и полни со предаторски мажи и диви жени, такви какви што нема да најдете на друго место. Геј квартот беше поблага верзија на улицата Кристофер во Њујорк, во област која сега е речиси искучиво посветена на машки парови со минијатурни кученца.

Тоа беше град на младите и на старите – бидејќи машката професионална класа беше во Западна Германија за да ги градат своите кариери, а имаше само многу вдовици од војната и фризерки. Меѓу жителите на Берлин немаше млади мажи за воена служба, иако остануваше под воена состојба и окупиран од војска, со смртната казна сè уште како опција.

Јас престојував во соба која гледаше кон бел ѕид и немаше сончева светлина. Бев импресиониран бидејќи сопственикот на станот имаше свој фотокопир во ходникот. Врвот на софистицираноста беше електрична дактилографска машина – голф топче, произведена од IBM, една од најубавите машини кои некогаш биле дизајнирани. Она што не го знаевме е дека IBM некогаш ја понудил својата најнова технологија на Третиот рајх, како прв чекор кон регрегирање на Евреите во државата.

Секогаш бев повеќе заинтересиран за Германија отколку за Англија, откако поминав време во доцните 50-ти како дете на припадник на армијата во градот Иселорн, на крајот на индустријалниот Рур. Дури и на осумгодишна возраст, бев свесен за збунувачките прашања за победата и поразот. Поразената Германија се чинеше чудно заробена, чудно прогресивна, потехнолошка и комплицирана, и интересно повредена од нејзиниот психолошки товар.

Подоцна, на патување назад во Германија, купив книга која се вика „Последните Евреи во Берлин“. Сите знаеме за возовите и што се случувало потоа, но не знаев ништо за Германија пред тоа, свет на морална забуна и непријатни вистини: како, на пример, дел од изопачената генијалност на Третиот рајх е тоа дека посредувал и соработуваласо оние кои сакал да ги уништи, прво за депортациите а потоа и во камповите.

Најневеројатниот дел од книгата е за оние познати како грабнувачи: Евреите кои волонтирале да „ловат“ други Евреи кои се кријат. Стела Киблер била најозлогласена, девојка што само ги поминала тинејџерските години, особено убава и позната како „русокосиот дух“. Траги од неа сè уште се влечеа по улиците на кои јас се најдов: нејзините чекори ги треселе кафулињата. Театрите и баровите во дел од Берлин кој јас добро го знаев.

Во меѓувреме, сликата која ја добивавме за Британија во 1984 беше дека тоа е земја клекната на колена (штрајкови во рудниците, напади во амбасадите), но кога се вратив дома, видов дека Лондон станува метропола со огромна брзина.

Не ми падна на памет да пишувам за Берлин тогаш. Си заминав дома и ја напишав „Робинсон“, роман за лондонскиот кварт Сохо. После долго време сфатив дека без Берлин, немаше да пишувам за Лондон, за мојата верзија за него, која беше повеќе заснована на искуството од Берлин, кое во доцните 1970-ти и 1980-ти нудеше доволно деконцентрација за да се тестираат граничните зони на сечиј идентитет.

Пишува Крис Петит, автор на книгата „Месарите од Берлин“, за Guardian