[Став] Автократија

Автомобилот во Македонија е светост. Нешто како златното теле во филмскиот класик на Сесил Б. Демил, „Мојсеј“. Пред да се појави, сите беа изгубени. Откако се појави, сите скроз полудеа.

Земјава е сиромашна. Отсекогаш и била. Не е тоа нешто од кое што би требало да се срамиме. Слабата економска моќ, сепак, со себе носи и одредени начини на функционирање. Многу од нив се заборавени или потиснати, но денес се испоставува дека биле вистински позитивниот избор. Во суштина, тоа значи водење поскромен живот. Таков кој што е во допир со реалноста, наместо залутан во фантазијата.

Ова се отсликува во секој дел од опстојувањето. Вклучително и во начинот на којшто се движиме од точка А до точка Б, односно во личниот превоз и во колективниот транспорт. Затоа, кога ќе се навратиме на фотографии од Скопје, отприлика од 50-тите до почетокот на 90-тите, гледаме стотици луѓе како се движат пеш, на велосипед и со автобус. Автомобилите се исклучок, а не правило. Осамостојувањето од нас не направи финансиски посилни граѓани. Капитализмот само поголем број работи ни ги направи подостапни за помалку пари. Најосновните, како храната, но и тие кои што, само деценија и кусур претходно, воопшто не биле дел од нашите животи. Како, на пример, автомобилите. Притоа, иако не сме ги поседувале, не сме чувствувале празнина што, едноставно, мора да се пополни.

Изминативе три децении, сепак, забегавме во спротивна насока – не само ние, секако и остатокот од планетата. Во таа реалност, сопствената индивидуална вредност не ја градиме врз основа на сè што правиме за светот да биде подобар. Туку, се убедуваме себеси дека акциите ни скокаат со тоа што купуваме евтини материјални добра до недоглед – и есенцијални и крајно непотребни. Со други зборови, возењето велосипед, користењето автобус или одењето пеш се слика за други, дамнешни и посиромашни, времиња од кои што конечно сме се ослободиле. Како во ова се вклопија тие што сакаат да се докопаат до власт? Исто како и мнозинството граѓани на Македонија. Сонувајќи да дојдат на позиција што ќе им овозможи: да клатат врата и да земаат плата, потоа да добијат службен автомобил, полн резервоар, а зошто да не и – шофер.

Што е ова ако не себичност, дури и самобендисаност. Поради ваквите мотиви, со земјава над 30 години наизменично раководат лица кои ниту се обидуваат да најдат системски решенија корисни за целото општество. Овој намерно назаден пристап се однесува на секоја област, вклучително и на превозот, односно на сообраќајот. Со цел, сепак, да се одржи интересот, напнатоста, или просто, за да биде забавно, повремено се најавуваат крпеници. Сосема е јасно оти тие се безвредни, но во јавноста се пласираат со помпезност како божем Македонија изработила ракета што најбрзо ќе пристигне на Марс.

Таква драма, со набој интензивен како кавга во мексиканска теленовела, периодов се испишува за велосипедистите, тротинетистите и за пешаците. Инспирација за овој заплет е новиот закон што предвидува палета од казни за наведените учесници во македонскиот сообраќај. Такво нешто сигурно има и во старата легислатива. Не значи оти овие групи не треба да подлежат на регулација и на глоби ако истата ја прекршат. Тоа што овие корисници на, да го наречеме, „алтернативен транспорт“, се турнати во фокусот на јавноста има друга цел. На одреден начин, ова е обраќање до автомобилистите, кои што се мнозински учесници во сообраќајот и клучно, мнозинско гласачко тело. Ним им се кажува оти не се само тие што добиваат казни иако токму корисниците на возила се мнозинство и по друг основ – правење најголем број прекршоци. Завиден дел од нив и со смртни последици за велосипедисти и пешаци.

Фото / визуелизација: Александар Сазодовски 

Без разлика на сето ова, гревовите, веќе направени или потенцијални, мора да бидат изедначени во јавноста. Во спротивност, тие што се надлежни да ги создаваат решенијата и условите за живот, треба да засукаат ракави и да направат вистински промени. За ова да се случи, тие мора да застанат и отворено да кажат: „Драги сограѓани, овој наш начин на сообраќајно функционирање е штетен. Мора да стиснеме заби и заеднички да го промениме“. Само што, тоа подразбира нивно лично откажување од разноразни удобности, меѓу кои, една од најважните е комфорот на кожните седишта во службените возила. Ако се решат на ваков чекор, тие ќе мора да останат и без чистата добивка преку мито и корупција, а ќе треба лично да се вложат во осмислување и во реализирање долгорочни решенија.

За вакви поместувања да се случат не може да го чекаме Мојсеј. Џабе ќе се надеваме дека ќе се симне од планината и со златен велосипед ќе ги маѓепса државните службеници да засукаат ракави и да се фатат за работа. Шансите за тоа ќе се зголемуваат пропорционално само ако и ние го интензивираме притисокот. Доколку и натаму избираме да сме невидливи, ќе си купиме привиден индивидуален мир. Тие што се изгласани ќе си добијат колективна тишина во која што ќе бидат раат. Нема да мораат буквално ништо да превземаат. За нив работата е завршена штом собрале доволен број заокружени гласачки ливчиња за да победат.

Лажен интерес повторно ќе покажат непосредно пред следниот изборен циклус. Поради трикови како овој со казните, сега сите прават глупави шеги за кеширање 40 евра за преминување пешачки премин со слушалки на уши. Никој, во исто време, не се бунтува дека: градовите ни се направени исклучиво за возила, тротоарите се претворени во паркинзи, јавниот превоз практично не постои, а урбанизацијата дозволува максимална узурпација на просторот за станбени згради и минимално отстапување место за луѓе кои превозот не го гледаат само низ призмата на автомобилите.

Ако се знае дека сме на прагот на изборот на нови локални власти, не изненадува тоа што се пласираат дефокус-теми со кои, во исто време, се импонира на мнозинството. Со ова се потврдува оти во Македонија има тиранија на колите, закоравена автократија, односно автомобилска недемократија. Таа подразбира дека секој има право на глас, но најмногу се ценат гласовите на возачите. Останатите, мора да научат да бидат безгласни. Во вакво опкружување, само се зајакнува веќе општоприфатеното сфаќање дека сите велосипедисти, тротинетисти и пешаци само непотребно го комплицираат ефикасниот и удобен транспорт што го обезбедуваат возилата.

Решението е баеги просто: тие треба да се опаметат и да се откажат од „алтернативниот“ начин на транспорт. Откако поради удирањето по џеб ќе се префрлат исклучиво на четири тркала, конечно ќе можат да заборават на казните. На крајот на краиштата, тој начин на живот е мнозински. Јавна тајна е дека автомобилистите можат да прават буквално што сакаат. И воопшто да не се оптоваруваат со некакви си последици бидејќи тие нема да постојат. Ако сите сме во кола, никој не може да биде удрен или прегазен, ниту, пак, да бара стеснување на булевари, одзаробување на тротоари и модерен јавен превоз. Паметно, нели?

Александар Саздовски

*Текстот првично е објавен на asega.substack.com и реобјавен со дозвола на авторот

**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ