[Став] Албумот на моите деца, тука и во светот

На почеток сме на нова година. Време за сумирање на минатото и нови желби и надежи.

Моето сумирање започна на почетокот на декември со една неочекувана порака на Facebook. Во пораката една слика со три насмеани фаци и порака: „Ете сме 🙂 Ми поминаа синоќа на гости па викаме ајде одма да штракнеме една за Фросе :-)“ . Порака која боли од убавина.

Триесет и седум години работа ми пролетаа низ главата за триесет и седум секунди. Моето богатство. Богатството кое само професор може да го ужива. Моите деца. Стотици кои го обележаа мојот живот и направија од мене она што сум.

Овие тројца кои „штракнале една за Фросе“ се јавија од Швајцарија. За некои знаев каде се и што прават. Знам дека Владо е во Доминикана и дека е среќен таму. Знам дека Ангел и Шунка се среќни во Њујорк. Сестрите Соколови се во Австрија и Швајцарија, Ивана е во Австралија, браќата Хрисафови се во Швајцарија, Дарко е во Лос Ангелес, Филип е во Сан Диего, Екац е во Шведска, Мице и Џана се во Канада… Ух. Не можам да ги добројам…

И така почна… Од љубопитност и со желба да ги соберам точките од мојот живот на едно место, се случи албумот „Моите деца во светот“. Почнав да добивам пораки и слики од сите страни на светот. Сега веќе луѓе, ама за мене секогаш – мои деца. Сите среќни и исполнети.

Секој од нив отишол од свои причини. Повеќето од нив се заминати затоа што се претесни границите на оваа држава, за да можат да се остварат професионално. Го прифатиле предизвикот од големиот свет, а тој широкоградо ги примил и им дал шанса за исполнет, среќен и спокоен живот. И нашле таму некаде дом.

Албумот што започнав да го правам, разбуди безброј убави спомени и чувства и кај мене и кај нив. Некои од нив ми кажаа дека се запознале меѓу себе преку Facebook. Го разбудија во себе чувството за припадност. Се создадоа некои нови пријателства, се обновија некои стари. Долг е списокот и на мои ученици кои се овде, во Македонија. Добив пораки и од многу од нив. Им се допаѓа албумот. И тие се присетиле на старите пријателства од безгрижните денови на растењето и убавините на другарствата кои се создаваат во тој период. Се присетија на луѓето што се далеку, но и на оние кои се овде, а со кои им се разминале патиштата. Така, празниците ги искористија за возобновување на старите пријателства. Се споија во истоста на спомените, но и во различноста на сегашното живеење.

Ми пролетуваат низ глава годините што ги поминав со сета таа младешка енергија. Со нив го доживеав распаѓањето на една голема држава која ми беше дом. Со силата што ми ја даваа, ги преживеав стресовите од небулозните војни со кои беше придружено тоа распаѓање. Нивниот ентузијазам ми ги олесни годините на создавањето на новата држава, со сите породилни болки кои го следеа. Ми создадоа нови надежи за подобар живот. Ниту економските кризи не беа толку страшни, олеснети низ нивните шеги и смеа. И низ очекувањата и љубовта во нивните очи. Нивното созревање ми даваше надеж дека еден ден се ќе се среди, дека сите заедно ќе придонесеме за подобар живот на ова мало парче земја…

Најбројни во албумот се оние кои се иселија последниве години. Е, тие… Повеќето од нив бегаат. Но, не од несреќните љубови. Бегаат од безнадежноста. Боли пораката на Јасна од Мајорка која многу прецизно и јасно ги опиша нивните мотиви:

„Често доаѓам во Скопје, се нервирам за моите, сестра ми, внука ми, плачам на неправди, за сите другари што не ми дојдоа на свадба пошто беа ‘по светот’ и тие што останаа и што не знаат како од први до први. Кога ѝ викав на сестра ми да дојде кај мене, таа ми рече: Јасна, ако и ние дојдеме, кој ќе остане да ја одржи револуцијата? Младоста ми помина на протест, и жал ми е што се откажав. Имав надеж дека нештата ќе се сменат, но по сé, вака себично, моето заминување е најдобрата одлука што ја имам донесено.“

Од Амстердам ми се јави Ефи. Нејзиниот опис на тоа што ја задржало таму кажува за тоа колку малку им е потребно за среќа: „Стилот на живеење им е доста релаксиран, дури на моменти досаден но сепак релаксиран. Никој не се занимава со политика, нити баш се секира за работа.“

Последните години, оние со помладите во албумот, беа потешки. Покрај веселоста што ја следи младоста, над нив секогаш стоеше и една сенка на загриженост. Носеа на плеќите бреме кое не би смееле да го носат на таа возраст. Деца кои предвреме пораснаа водејќи безнадежна борба за своите основни права на нормално образование и достоинствена младост. Тешки борби заедно водевме со безнадежноста. Како да ги мотивираш во средина која опстојува на изградба на погрешни мотиви? Средина која од невредноста прави вредност, а од вредноста невредност. Не можеш на таа возраст да ги лажеш со розови сликички. Премногу мудри се за тоа. Можеш само нивната верба во самите себе да ја подржуваш и јакнеш. Е, тие деца избегаа… Верни на себе, отидоа во потрага по надежта. Им пожелувам да бидат среќни каде и да се, да се најдат себе си, да се остварат и да ги живеат своите младешки соништа. Да бидат релаксирани и успешни. Овде, во нивната татковина, ги изневеривме. Но, кога ќе дојдат на гости знаат дека секогаш ќе имаат некој кој ќе ги пречека со раширени раце и многу љубов.

Се надевам дека албумот ќе ги потсетува моите (и не само моите) деца на тие денови на младешка невиност и среќа, на изгубените вредности кои некогаш им биле свети, на заедништвото и младешките желби и идеали. Сакам да им се врати дел од ентузијазмот и вербата дека секогаш се може подобро и дека сѐ зависи од нив. И да ги охрабри да се борат за својата и подобрата иднина на своите деца.

Се надевам дека барем на некои ќе им го свртам вниманието кон најголемото богатство кое треба да го чуваме и негуваме – човекот во нас и луѓето околу нас.

А јас, како професор, ќе останам секогаш неизмерно богата, имајќи ги во мислите и срцето моите деца тука и во светот.

За Цивил Медиа пишува професорката Фросина Митрушева, од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“