[Став] Активизмот на луѓето кои употребуваат дроги во Македонија

Прво, не знам колку можеме да зборуваме за ’драг јузер активизам‘, како што јас го замислувам, затоа што премалку луѓе имаат свесност, храброст, слобода на мислата, а дури во последно време што е за мене најстрашно – луѓето се плашат да зборуваат за такви теми затоа што живееме во едно тоталитарно општество што на времето, на пример комунизмот за ова денес е мачји кашаљ – корисник на дроги, март 2014 година.

Во Македонија не постои формална „грас рут“ (grass root) организација на луѓе кои користат дроги, која дејствува активно. Историски гледано, ХОПС, како организација, е настаната на иницијатива на луѓе кои користеле дроги и во почетокот функционираше како вистинска „грас рут“ организација која со текот на времето ја прошири својата професионална структура. Во изминативе петнаесетина години имаше две иницијативи за формирање на уште две нови „грас рут“ организации. При првата иницијатива се формираше Македонската асоцијација на корисници на дроги (МАКД), во 2003 година, а со втората иницијатива во 2006 година се формираше организацијата Пасаж. Двете иницијативи беа поттикнати од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. И додека МАКД воопшто не заживеа, Пасаж беше формално регистрирана и одреден период активно дејствуваше. Една од позначајните активности на Пасаж беше издавањето на фанзин во кој се обработуваа разновидни теми блиски до интересите на луѓето кои користат дроги. Сепак, иако оваа организација формално-правно сѐ уште постои, веќе подолго време не спроведува никакви активности.

Непостоењето на активна „грас рут“ организација, секако, претставува ограничување за мотивацијата за активизам меѓу луѓето во Македонија кои користат дроги. Сепак, дури и да постојат вакви организации, во конкретниов случај организација на луѓе кои користат дроги, тоа не е доволно за застапувањето на нивните интереси и права. Имено, ако членовите на организацијата немаат развиено политичка свест за активизам и за активистичка посветеност, борбата за нивните права ќе биде безуспешна.

Самиот факт што на јавниот повик на ХОПС за пишување текстови за ова списание на тема активизмот на корисниците на дроги не се пријави ниеден корисник од Македонија најдобро ја опишува моменталната ситуација.

Но, кои се причините за таквата ситуација? Ова прашање нè интересираше и во 2014 година. Тогаш заедно со моите колеги и пријатели Ирена Цветковиќ и Вања Димитриевски спроведовме истражување чија цел беше да дознаеме кои се клучните проблеми кои ги спречуваат луѓето кои користат дроги да се организираат, да излезат јавно и да се застапуваат самите себе. Дали е тоа општествената стигма кон нив или пак нешто друго е во прашање? Во продолжение на овој текст ги пренесувам клучните сознанија кои ги добивме од тоа истражување.

Причини кои го ограничуваат активизмот на ЛКД

Општествениот контекст во кој живееме и неговите стеги

Прво, не знам колку можеме да зборуваме за ’драг јузер активизам‘, како што јас го замислувам, затоа што премалку луѓе имаат свесност, храброст, слобода на мислата, а дури во последно време што е за мене најстрашно – луѓето се плашат да зборуваат за такви теми затоа што живееме во едно тоталитарно општество што на времето, на пример комунизмот за ова денес е мачји кашаљ.” – корисник на дроги, март 2014 година.

Општествениот контекст во кој живееме не овозможува или поточно ги ограничува можностите за активизам воопшто, а посебно кога станува збор за активизам на маргинализираните заедници. Водечките политички партии во голема мера го поларизираа македонското општество на фракции како по идеолошка така и по национална припадност. Во нивната борба за власт тие го уништија речиси секој модел на граѓански активизам. Македонија е редок, ако не и единствен пример во светот каде што на граѓански протест се организира контрапротест. Исто така голем број граѓански иницијативи завршија без епилог – случаите Полициска бруталност, Граѓанска иницијатива Аман, Инцијативата на МОФ во врска со екстерното тестирање на учениците итн. Крајниот ефект од сите овие – а и многу други – граѓански иницијативи е апатичниот граѓанин. Сепак последнава година сме сведоци на повеќе масовни протести од кои некои траат и повеќе месеци (Шарена револуција, Студентски протести) и сето тоа дава надеж дека конечно активизмот и јавното застапување за сопствените права ќе заживеат и ќе биде наше секојдневје.

Системот во кој живееме го релативизира политичкиот активизам преку повеќе начини. Ја уништува културата на дебатирање и критичкото размислување преку медиумите, со прикажување евтина комерцијална програма (турски, индиски серии, реални шоуа и сл.) заснована на општоприфатливи сентименти и „сигурни територии“, нешто што е сосема спротивно на активизмот кој е јавен – сфера каде што има перманентен антагонизам и подразбира излегување од комфорот. Опресијата која луѓето кои користат дроги ја трпат во македонското општество не значи по автоматизам и висока политичка свест за активизам.

Луѓето во Македонија кои користат дроги се огледало на општеството во кое живееме. Па така, тие многу и не се разликуваат од поголемиот дел од своите сограѓани кога станува збор за политичката свест, односно не постои доволно развиена свест за застапување на интересите на заедницата на која ѝ припаѓаат поради остварување на заедничките цели. Имено, како и повеќето жители на Македонија, повеќето од луѓето кои користат/користеле дроги, пред сѐ, настојуваат да остварат лична корист од околностите во кои егзистираат. Ретки се примерите во кои одделни лица кои користат/користеле дроги јавно се застапувале за остварување на цели од интерес на заедницата како, на пример, застапување за подобрување на односот кон луѓето кои користат дроги, менување на законската регулатива поврзана со употребата на дроги и сл. Луѓето кои се на лекување со супституциска терапија со метадон или со бупренорфин се борат за правата на заедницата само до линијата која им обезбедува одржување на личната комфорна позиција во Програмата за зависности. Таа линија на комфор најчесто подразбира неделно наместо секојдневно примање фармакотерапија, избегнување повторна тријажа при која може да се утврди дека треба да се намали дозата на фармакотерапијата чиј вишок се продава поради егзистенцијални причини, а во најлош случај да се изгуби статусот на миленик/миленичка на докторот/докторката.

Неразвиената политичка свест е само последица на непознавањето на сопствените права, во случајов непознавање на правото на лекување, што е една од основните причини за пасивизација. Ова го потврдуваат и луѓето од заедницата.

„Па ние не си ги знаеме сопствените права. Еве и јас не знам кои се моите права поврзани со лекувањето.“

Јавна идеолошко-морална перцепција за употребата на дроги

Употребата на дроги во Македонија се смета за неморален чин, а лицата кои користат дроги како „лудаци“, „отпадници на општеството“, „криминалци“ и слични непожелни епитети. Луѓето кои користат дроги се свесни за постоечката општествена перцепција. „Нас нѐ гледат како пониска врста затва ш’о демек – еј, ’џанак‘– мора да оде да открадне петсто денара или да излаже некој… Јавното гледиште за луѓето ш’о користат дрога е многу ниско.“

Дека луѓето кои користат дроги се најнепосакуваните граѓани во Македонија се потврдува и со истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка,  спроведено во 2010 година. Според ова истражување, дури 96,8 % од македонските граѓани не сакаат да имаат соседи кои се зависници од дроги, што е убедливо пред останатите заедници како: зависници од алкохол – 93,6 %, лица со криминално досие – 84,1 %, лица заболени од СИДА – 82,9 %, хомосексуалци – 77,9 % итн.

Луѓето кои во минатото користеле дроги и се лекуваат од зависност само делумно се исклучени од опишаната перцепција. Околината настојува повторно да ги прифати во своите „прегратки“, но со забележлива недоверба затоа што најчесто преовладува ставот „еднаш наркоман, секогаш наркоман“. Затоа луѓето кои се лекуваат од зависности од дроги не можат целосно да се издвојат од луѓето кои активно користат дроги.

Стигма и дискриминација

Стигмата кон луѓето кои користат дроги е дефинитивно најголемата пречка за развој на активизмот во оваа заедница и како таква беше потврдена од сите испитаници. Постојат неколку извори на оваа стигматизација.  Пред сѐ, „нашето општество не признава грешки од типот загрозување на сопственото здравје заради задоволство, односно свесно донесена одлука за употреба на дроги заради задоволство која подоцна ќе предизвика болест на зависност. Стигмата во овој случај не произлегува заради болеста, иако и тоа е можно, туку, пред сѐ, заради одлуката да се зема дрога која доведува до зависноста“. Затоа најчесто во јавноста може да се слушне – самите се виновни, оправдувајќи ја со тоа стигмата, па дури и омразата насочена кон луѓето кои користат дроги затоа што, нели, тие се неуспешни и неморални луѓе кои заради сопствено задоволство се уништуваат и себеси и сопствените семејства.

Според некои теоритичари Македонија претставува општество со развиени маскулинистички норми што подразбира став на „машко држење“. Овие норми му наметнуваат на поединецот „успешно“ и „машки“ да се соочува со сите проблеми и предизвици во животот. Оние кои не можат да се вклопат во овие нормативи се маргинализирани и стигматизирани, каков што е случајот со луѓето кои користат дроги.

„Сепак носењето на одлуки во животот не се автономност на личноста, туку зависат од многу општествени фактори, како и од контекстот во кој личноста живее и дејствува.“

Стигмата и дискриминацијата ги принудува луѓето кои користат дроги да се засолнуваат на маргините на општеството и да избегнуваат јавни настапи, особено за прашања преку кои може да се дознае дека користат/користеле дроги. Овој страв од јавно препознавање го оневозможува или го ограничува активистичкиот дух, особено поради тоа што при вакви општествени вредности јавното препознавање значи загуба на основните човекови права. Така, на пример, поради јавното препознавање на практиката за употреба на дроги се ризикува можноста за вработување, односно задржување на работното место. „Кој?… На кое работно место ќе те трпи така секој втор ден да му касниш (заради одење на метадонска терапија, н. з.)? Многу се ретки тие работни места, директори што…, газди што разбираат дека си на метадонска терапија и да те остаи да работиш. Многу се ретки. Постои дискриминација кај нас во врска со работа. Ако дознае дека си на метадонска терапија, одма ќе ти даде отказ.“

Страв од Полиција

Застапувањето за некоја идеја бара јавен настап. Луѓето кои користат дроги ретко излегуваат во јавноста, а покрај стигмата како друга причина која ја истакнуваат е и стравот од Полиција. Тие сметаат дека ако Полицијата дознае дека тие се корисници можно е да бидат следени и да имат проблеми со Полицијата.

„Постои страв кај народот. И од Полиција и од системот на работа во институциите… Ќе си обележан. Чим сакаш да излагаш на протест… ти фактички си обележан и кај и да те види ќе те стопира, ќе те контролира, ќе те претресува, ќе те… едноставно ќе те брука пред народот… Овде е сепак полициска држава.“

Самоосудување

Иако не е присутно кај сите испитаници, сепак самоосудувањето претставува уште еден ограничувачки фактор за личен ангажман и за активизам. Имено, некои од испитаниците изјавија дека заради тоа што употребата на дроги предизвикала многу непријатности и проблеми на нивните најблиски, тие се осудуваат самите себеси, а тоа ги прави повлечени и немотивирани за активизам. Иако нивото на самосудување не го испитувавме беше забележливо дека тоа се разликуваше од еден до друг испитаник. Исто така некои од ЛКД се срамат поради тоа што употребуваат дроги, пред сѐ поради срамот кој му го нанесуваат на семејството, но и поради мислењето на пошироката заедница.

„Е, па не би зборувал јавно затоа што… како прво срамот од нас… како да ти кажам сега… денеска… на пример денеска еве јас живеам еве у Центар… и еве кај мене на пример таму кајшто живеам викаат срамота е на пример во двајспрви век да се дрогираш. Како да ти кажам. Така го кажуваат тоа .”

Овде се поставува прашањето дали доколку идеолошкото гледање на употребата на дроги и општествениот контекст беа поинакви ваквото самоосудување ќе постоеше во помали рамки и дали тоа ќе значеше и подобри услови за активизам и за застапување за сопствените права.

Законската регулатива

Мал број испитаници покажаа свесност и споделија дека постоечката законска регулатива ја гледаат како пречка за поголема активност на ЛКД. Сепак, по објаснувањето од страна на интервјуерот за тоа како законот може да придонесе за поголема слобода, а со тоа и поголем активизам, повеќето испитаници се согласија дека доколку дрогите бидат поинаку регулирани, односно не се казнуваат употребата и поседувањето дрога за лична употреба тоа ќе придонесе тие да го изгубат стравот од Полицијата и поголеми се шансите за нивно активистичко дејствување.

„Апсолутно. Апсолутно ќе допринесе да бидат повидливи и да се окуражат, да добијат, едноставно храброст да излегуваат отворено да разговараат за проблемот.” (AU_MZZ2014_I_VB)

Идни перспективи

Од самата студија произлезе заклучокот дека во Македонија јавната идеолошко-морална перцепција за дрогите и за практиките за употреба на дроги е во заемна зависност со политичкиот и со институционалниот контекст и крајно ограничувачки влијае на политичката самосвесност на луѓето кои се лекуваат од зависности од дроги, како и на луѓето кои користат/користеле дроги во целина. Изложеноста на постојана стигматизација, на дискриминација и на полициски прогон поради навиките за употреба на дроги предизвикува чувство на срам кај луѓето кои користат/користеле дроги и ги принудува да го прифаќаат маргиналниот статус наметнат од општеството и од законите. Во недостаток на поддржувачка околина, луѓето кои користат дроги избегнуваат јавно да настапуваат и поради тоа трпат дискриминација.

Време е ова да се промени и луѓето кои користат дроги да го искористат моментумот на будење на активизмот во Македонија и конечно да излезат од плакарот и јавно да ја искажат максимата „Nothing about us without us“. Кога ако не сега?

Влатко Деков

Извор: ХОПС

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.