Често слушаме за теми поврзани со жените во светот на технологијата, или, можеби поточно, за некоја нееднаквост или дисбаланс на застапеноста на жени во ИТ сферата во однос на мажи. Овие теми понекогаш лесно преминуваат и во феминистички разговори или жестоки полови дебати. Но, колку навистина таквите дискусии практично делуваат на ситуацијата, и која е всушност реалната ситуација? Веројатно ова е прашање чиј одговор би бил индивидуален став на секој поединец. Го споделувам моето искуство како девојка во ИТ и во светот на стартапите.
Ако велат дека девојките не се предодредени за технологија и дека тешко напредуваат во тие професии, веројатно мојата приказна не би одела во насока на таа теза. Се родив и пораснав во Македонски Брод, мал град во Западна Македонија. Бев дете кое сакаше да си игра со компјутери повеќе отколку со кукли и барбики. Завршив општа гимназија на општествено хуманистичка насока, но во себе секогаш ја негував љубовта кон технологијата и технологијата во полза на подобар живот на луѓето. Студирав компјутерски науки и инжинерство на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде моментално го доработувам магистерскиот труд. Дипломирав со висок просек, а паралелно со студиите со тим од колеги од факултет работевме на разни апликации и фриленс проекти, што значеше солиден џепарлак за време на студиите и по некој проект плус во CV-то. Кога ги завршив студиите, зад себе имав повеќе мали но успешни проекти, одредена мрежа на релевантни ИТ контакти, 2 успешно организирани Codefest настани – маратони во програмирање и огромна волја и мотивација да напредувам и да изградам кариера.
Искуството како студент каде од 100 запишани студенти во генерација, бев една од вкупно 7-те девојки, од самиот старт значеше влез во свет што барем во студентските клупи делуваше како машки. Но, не дозволив тоа никогаш да ме исплаши или обесхрабри. Напротив, тоа ми беше некоја мотивација плус да се докажам и да напредувам. Во многуте соработки и проекти каде претежно доминираа колеги наместо колешки, никогаш поради ниту една причина не се почувствував дискриминирана или со помала можност или помала вредност.
Денес работам на неколку различни нешта – со тим од колешки одлучивме да започнеме со бранша на глобалната организација Girls in Tech во Македонија, со цел да мотивираме повеќе млади девојки да одлучат да градат кариера во ИТ. Истовремено сум ко-основач и Претседател на Стартап Зона, организација која веќе 5 години по ред го организира Codefest Tech Festival, кој од студентски настан прерасна во препознатлив технолошки фестивал во овој дел од Европа и на едно место го собира цел технолошки екосистем и бројни експерти и ментори од странство. Стартап Зона исто така го организира и летниот камп за стартапи и претприемништво StartQube, а нуди и инкубациска поддршка за тимови – идни стартапи. Работам и како дел од менаџмент тимот на Данско-Македонско-Американскиот стартап Cylindo, кој се занимава со пласирање на SaaS (software as a service) продукт за е-трговија на глобалниот пазар.
На работните месечни состаноци со колегите од менаџментот на Cylindo, сум единствена девојка и воедно сум најмлада во тој тим. Можеби звучи застрашувачки, но не е ништо поразлично од било која професија и било кој работен состанок. Според мене, професиите немаат пол и половите немаат предодреденост за одредени професии. Мислам дека е време да ги надминеме темите за полови (не)еднаквости и не престанеме да гледаме на занимањата според полот, туку да се фокусираме на талент, успех и вистинскипридонес од страна на било која индивидуа во било која професија – се додека секој го работи она што го сака.
Понекогаш се запрашувам кој беше факторот поради кој во ниеден момент не престанав да се пробивам во ИТ светот. Мислам дека одговорот на тоа прашање го наоѓам во упорноста и огромната пасија и љубов за она што го работам. Исто, многу важна беше и поддршката од семејството и најблиските, кои не секогаш во целост го разбираат ИТ светот, особено повозрасните генерации. Моите родители во ниту еден момент не преиспитаа ниту еден мој избор и секогаш ми беа максимална поддршка за сите активности. Благодарение на таа поддршка и разбирање, јас успевам да изградам ИТ кариера тука, во Македонија, и истовремено да правам нешта кои имаат ефект и пошироко, надвор од државата. Заедно со мојот тим се обидуваме на младите во ИТ во Македонија и да им покажеме дека не секогаш проблемите се проблеми, туку се можности. Можност е да можеш да работиш од дома, од својот град или од своето село, со помош на интернет, за компанија во странство. Можност е да креираш и создаваш работи кои ги користи добар дел од светот, од комфорот на сопствениот дом, или од некоја тераса на планина, или покрај Охридско езеро. Можност е кога ваквиот начин на гледање на нештата ќе почне да го намалува одливот на мозоци.Родители, никогаш не дозволувајте ништо да им се испречи на патот на себе-реализацијата и успехот на вашите деца, почнувајќи од самите вас, дури и да е тоа во област која за вас е недоволно позната. Само така ќе имаме напредни и среќни идни генерации кои ќе се чувствуваат исполнето и задоволно со својот придонес кон општеството.
Јасна Тренгоска, управен директор на Girls in Tech Macedonia