[Став] 2020 (не) беше година на младите

Годината 2020 не беше лесна за никого, вклучително и младите. Ова беше година на тест на издржливост, приспособување и изнаоѓање нови начини на функционирање. Никој не беше поштеден при оваа трансформација, но многумина успеаја да излезат посилни од истата. Но, што значеше оваа година за младите и младинските прашања? Имавме ли младинско учевство, креиравме ли младински политки и поддржавме ли младинска информираност? Во оваа колумна ќе се осврнам на сето она што 2020 година го понуди и одзема за младите во Македонија.

Анализата ќе опфати две перспективи – младинскиот сектор и носителите на одлуки, т.е. младите и младинските организации, наспрема владејачките структури.

При крајот на февруари, се случи ковид 19 пандемијата чија реалност ја живееме сѐ уште. Истата нѐ натера драстично да го промениме начинот на функционирање на целиот свет. Сега, од кога помина малку повеќе време, имаме шанса за продлабочена анализа на последиците од истата.

Што значеше пандемијата за младите во Македонија? 

На светско ниво, еден од шест луѓе кој изгубил работа за време на пандемијата е млад човек, додека во Македонија таа статистика е еден од четворица, како што е објавено од Агенцијата за вработување. Една од причините за ова е фактот дека младите се најчесто на работни позиции кои се несигурни и пониско платени, на привремени договори, што ги прави ранливи како таргет група на неочекувани шокови на пазарот на трудот.

Истовремено, една од главните промени која нѐ потопи како бран за време на пандемијата е дигитализацијата. Моментално огромен број на работни дејности се одвиваат онлајн. Онаму каде што младите имаат проблеми со социјален капитал и искуство кое би ги лансирало на заслужени високи и перманентни работни позиции, тие надоместуваат со меки вештини и одлично познавање на дигиталиот свет –  Генерација Зет се често нарекувани и дигитални номади. Она што јас го просведочив во полето на работа со млади е размена на моќи и привилегии со другите генерации – одеднаш младите станаа оние на кои се очекува да водат сечии дигитални транзиции. И ако ништо, оваа можност отвори простор за размена и градење на меѓусебна интергенерациска доверба која е предиспозиција за успешни партнерства и вклученост. Мојот најтопол совет до младите е да ги искористат овие можности во нивниот локален космос колку што можат повеќе.

Што направија младинските организации? 

Младинските организации се еден од првиот праг на вклучување кои младите ги користат кога развиваат општествен интерес. Како такви, играат мошне важна улога во младинското дејствие и вклученост. Многу од нив се користени и од страна на институциите при обезбедување на младинска експертиза за различни прашања. Што значи дека младинските организации сѐ уште претставуваат мост помеѓу младите и носителите на одлуки. Дали и како тоа ќе се промени со дигитализацијата е друга тема, но засега сме кај што сме.

Не е необично за младинските организации да имаат финансиски потешкотии. Па така, доста организации имаа(т) проблем со финансиска поддршка која малтене гаснеше полека за време на пандемијата. Но сепак, многу од нив не престанаа со работа, воопшто.  Младинските организации продолжија да нудат хуманитарна помош секаде каде што можеа – од постојано организирање информативни и образовни вебинари онлајн, до работа на терен преку поддршка со основни потреби на најранливите, до служење како безбедни зони за оние млади кои не можеа да си дозволат безбедна изолација дома, до поддршка на сечии различни дигитални транзиции, и до креирање на дигитални хабови за иновација и претприемништво, користење модели на социјално претприемништво.

На младинските организации не им треба државата колку што на државата и требаат младинските организации.

Што направија институциите за младите? 

Ова не беше лесна година за владеење и кога давам осврт за се она што се има случено до сега го правам истото низ призма на емпатија. Не сметам дека би имале бенефит од дополнителна критика и поларизација, бидејќи сега е времето да се обединиме.

Кога помислувам на македонските институции и како тие се појавуваат за младите, секогаш го очекувам најлошото. До степен да она најлошото ни стана на сите безбедна зона. Но во последниве неколку години научив, дека колку и да изгледа лошо – секогаш имам простор да се вклучам и да и подобрам работите.

Ова беше годината кога добивме шамар не само од пандемијата, туку и уште неколку последователни од Европската Унија. Ова беше годината на парламентарни избори. Ова беше година кога се смени директорот на АМС – со назначување на бивши спортист на директорската позиција, младите добија уште еден шамар дека спортот е поважен од младинското учество, менталното здравје, младинското информирање и вработување итн. – аномалија која АМС ја носи со себе од своето постоење.

Но истовремено, ова беше година кога се установи законот за младинско учевство, кога се изгласа новиот закон за анти-дискриминација, кога се изгласа законот за легализација на канабис, кога се започна имплементација на сеопфатно сексуално образование и образование за животната средина, и кога се започнаа дискусии за нов закон за младински стандард. Споредено со други години, и покрај потешкотиите, младинскиот стандард продолжи да расте и оваа година низ призма на елиминација на дискриминација и климатска криза, кои се едни од најважните компоненти за кои младите се грижат во своето дејствување.

Што е следно? 

Како што видовме, иако календарската година си замина, вирусот остана. Кризата ќе трае и покрај тоа што вакцината излезе, распределбата и достапноста на истата ќе биде спора и без целосна гаранција.

Целата среќа во несреќа за оваа пандемија е што истата нуди шанса за реобмислување и промена на статус квото. Некои од младинските организации веќе имаат развиено и блупринти, тоест предлог политики за се она што може/треба да се промени со излезот од кризата и влезот во периодот на опоравување. Имаме навистина уникатна шанса да го изградиме нашиот свет одново – по критериумите на младите, кои ионака ќе ја наследат планетата земја наскоро.

Пишува Андреа Угриноска, заседавач на Комитетот на млади при Советот на Европа