Статуата на слободата во центар на препирка на пресконференција на Белата Куќа

Статуата на слободата беше во фокусот на вербалната расправија помеѓу советникот на Белата Куќа, Стивен Милер и новинарот на СНН, Џим Акоста, откако претседателот Доналд Трамп предложи промени во имиграциската политика, која ги фаворизира пообразованите индивидуи.

„Статуата на слободата вели: Дајте ми ги вашите уморни, вашите сиромашни, вашите насобрани маси луѓе желни да дишат слободно. Не вели ништо околу тоа дека мора да зборуваш англиски“, му рекол Акоста на претставникот на Белата куќа парафразирајќи ги стиховите кои стојат заедно со статуата.

„Поемата на која се повикувате е додадена подоцна“, возвратил Милер.

Промените во имиграциските политики, поддржани вчера од Трамп, значат намалување на бројот на дозволи за траен престој во САД секоја година, како и приоритизирање на оние кои зборуваат англиски или имаат повисоко образование.

Милер, високиот советник за политика на Белата Куќа, на пресконференцијата изјави дека оваа политика е „сочуствителна“.

Потоа пресконференцијата се претвори во повеќеминутна жестока препирка помеѓу него и новинарот Акоста. Статуата на слободата беше искористена во прашањата и одговорите како симбол за слободата и нејзиното значење во врска со имиграциската политика.

Акоста, видно незадоволен од одговорот, го искористи дневниот брифинг со новинарите да ја обвини администрацијата на Трамп за „обид да направат инженеринг на расен и етнички проток на луѓе во земјата“.

Милер изјавил дека таквите обвинувања се „скандалозни“, опишувајќи ја политиката како „Промериканска имиграциска реформа“, која ужива „огромна“ доверба во јавноста.

„Џим, ова е едно од најскандалозните, навредливи, неинформирани и глупави работи кои некогаш си ги кажал. Знаењето дека мислиш дека овој предлог-закон е расистички е многу погрешен и многу навредлив“, додал Милер обраќајќи се на новинарот.

Тој дополнително изјавил дека предлог законот, кој предвидува и ограничување на семејната миграција само на сопружниците и децата, е чекор напред кон остварување на планот на администрацијата за воведување на имиграциски систем по примерот на Австралија.

Предлог законот има долг пат пред навистина да стапи на сила и веројатно ќе се соочи со голем отпор во Конгресот од членови на двете доминантни партии во САД.

Ова не е прв пат Џим Акоста да влегува во расправии со претставници на Белата Куќа. Во јануари, тој беше предупреден од тогашниот портпарол Шон Спајсер дека ќе му биде забрането да присуствува на понатамошни пресконференции доколку продолжи да води препирки со Трамп.