„Статуафест“ повторно на улиците на Скопје

Преку мотото „Скопје во време на корона“ на 4 и 5 септември на Плоштад Македонија ќе се одржи овогодинешното издание на „Статуафест“.

Целта на овогодинешниот фестивал е преку уличните живи статуи да прераскаже во вкочанета слика, каков беше, а и се’ уште е животот од март и што точно му се случува на нашиот град, држава, па и светот воопшто.
Поставката на фестивалот преку молчеливата уметност ќе испрати порака за тоа каков не треба да биде периодот кој следува- вториот бран на пандемијата.

Од организацијата на фестивалот дополнуват дека основната цел на уметноста е да поставува прашања и да испраќа пораки, пораки кои имаат за задача да го замислат, односно да го насочат општеството и истовремено да го одржуваат социјалниот живот во постојана кондиција.