Бронзена статуа од жена, инспирирана од позната песна од 19 век, предизвика расправија за сексизам во Италија, пренесува Индепендент.
Статуата на жената во проѕирен фустан беше откриена во саботата во градот Сапри во присуство на мажи, меѓу кои и поранешниот италијански премиер Џузепе Конте.
Статуата е изработка на скулпторот Емануеле Стифано, во чест на песна на поетот Луиџи Меркантини. Песната е базирана на неуспешната експедиција на италијанскиот револуционер и социјалист Карло Писакане против Кралството на Неапол во 1857 година, каде што животот го загубија 300 луѓе.
Неколку италијански политичари побараа статуата да биде „урната“.
Лаура Болдрини од Демократската партија рече дека статуата е „навреда за жените и за историјата што треба да ја слави“.
„Но, како може дури и институциите да го прифатат претставувањето на жените како сексуализирано тело? Машкиот шовинизам е едно од злата на Италија “, напиша Болдрини на Твитер.
„Уште еднаш, треба да го трпиме понижувањето кога гледаме дека сме претставени во форма на сексуализирано тело, без душа и без никаква врска со социјалните и политичките прашања на приказната“, рече група политичарки од Демократската партија во Палермо преку соопштение, повикувајќи се на уривање на статуата.
Моника Цирина, членка на Сенатот, ја критикуваше работата на Стифано и побара нејзино отстранување.
„Шлаканица за историјата и за жените кои сe уште се само сексуализирани тела. Оваа статуа не кажува ништо за самоопределувањето на оној кој одлучил да не оди на работа за да заземе страна против бурбонскиот угнетувач “, напиша таа.
Градоначалникот на Сапри, Антонело Џентиле рече дека „ниту една социјална или политичка партија не ја критикувала работата или не го искривила концептот на работа создаден од уметникот“.
Скулпторот ја бранеше својата работа преку изјава со која тврдеше дека го покрива човечкото тело „што е можно помалку, без оглед на полот“ секогаш кога правел скулптура.
Во случајот, Стифано рече дека „го искористил морскиот ветер“ за да го „истакне телото“.
„Ова е за да се истакне анатомија што не требаше да биде верна слика на селанка од 19 век, туку да претставува идеал на жената, да ја предизвика нејзината гордост, будењето на совеста, во момент на големo страдање“, напиша тој на Фејсбук.