Стартуваше европската кампања „Здрави работни места – управување со стресот“

Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA) во Брисел ја започна двогодишната европска кампања под мотото „Здрави работни места – управување со стресот“.

Стартуваше европската кампања „Здрави работни места - управување со стресот“

Според последната пан-европска анкета на EU-OSHA, половина од работниците сметаат дека стресот поврзан со работата е вообичаен на нивното работно место, а 4 од 10 работници мислат дека во нивната организација не се справуваат успешно со стресот. Кампањата „Здрави работни места“  е насочена да им помогне на компаниите успешно да управуваат и да го спречат стресот поврзан со работата и психосоцијалните ризици.

Почетокот на кампањата ги здружи комесарот на ЕУ за труд и социјални работи, Ласло Андор,  грчкиот заменик министер за труд, социјална сигурност и социјална грижа, Василис Кегкероглу, како претставник на грчкото претседателство со Советот на ЕУ, и директорот на EU-OSHA, д-р Криста Седлачек . Тие ги повикаа европските претпријатија (приватни и јавни) да ја препознаат потребата за решавање на стресот поврзан со работата.

Според комесарот Андор управувањето со стресот поврзан со работата е еден од камен-темелниците за обезбедување на здравјето, безбедноста и благосостојбата на европските работници.

„Работните места не можат да си дозволат да го игнорираат стресот на работното место, кој го зголемува отсуството од работа и ја намалува продуктивноста. Стратешката рамка на ЕУ за здравјето и безбедноста при работа 2014-2020 ќе нагласува дека подобрата заштита на менталното здравје на работникот е клучен фактор за превенција на заболувањата поврзани со работата.Позитивната работна средина е важна не само за подолг работен век на работниците, туку и да им овозможи на работниците, откако ќе се пензионираат, и понатаму да останат во добро здравје“, смета Андор.

Кампањата „Здрави работни места“ сака да прикаже дека психосоцијалните ризици можат се решаваат на истиот систематски начин како и секој ризик за безбедноста и здравјето при работа. Таа ќе трае две години, а ќе вклучи стотици организации од цела Европа како и низа активности , обуки, конференции и работилници, конкурси за постери, филмови и фотографии, квизови, предлог шеми, рекламни кампањи и прес конференции. Клучна активност во календарот на кампањата се Европските награди за добра практика, која ќе биде лансирана на 15 април.