Светски познатиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го сруши рекордот во длабочина и се спушти 240 метри во подводната пештера Врело на Матка.
Старнавски во придружба на неговиот тим и со поддршка од домашните спелео-нуркачи од клубовите „Акватек“ и „Врело“ од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да ја освои оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен ребридер.
„Подводната пештера Врело е извонредна, со кристално чиста вода и огромни галерии. Сакам да изразам голема благодарност до мојот тим, како и до македонскиот тим од нуркачи, со кои успеавме да направиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и над 800 метри во должина. Она што е најважно е што утврдивме дека постојат уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас како човек и нуркач сум во потрага по најдлабоката истражена пештера во светот, а Врело има голем потенцијал да стане токму тоа“, изјави Старнавски.
Како што информираат од „Акватек“, минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.
Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции, од кои е истражен само дел од нејзината внатрешност и не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.