„Стар современ град“ – мултимедијална платформа за промоција и развој на млади уметници

Во Сули ан во Старата скопска чаршија вечер од 20 часот ќе се одржи второто издание на „Стар современ град, проект чиј идеен и концептуален автор е младиот уметник Матеа Мијановиќ.

Според најавата, основната цел на проектот е да служи како платформа за промоција и развој на млади уметници, низ тематска мултимедијална работа со која уметниците треба да вдахнат современ дух во историската градба на Сули ан, едно од обележјата на градот во срцето на Старата чаршија.

Оваа година во проектот учествуваат седум млади музичари кои ќе имаат концертен настап вклопен во интерактивната инсталациска поставка, со придружба од 3 танчери од Скопје Танцовиот Театар.

За музиката ќе бидат задолжени Благоја Алачки и Александар Бошков на гитара, Михаил Грујовски на бас, а Влатко Пате на перкусија. Вокалниот состав со сочинуваат Кики Пецовска, Ана Мицевска и Михаела Атанасовска.

Видео инсталацијата е на Јана Деловска, Дамјан Илиќ и Владислав Гавриловски.

Костимите се на Медина Хоџа, а танчери – Анастасија Данчевска, Бобан Русевски и Сара Цветковска. Организацискиот тим е Моки Деловски и Кире Величков.