Стапката на самоубиства во САД е највисока во последните 30 години

Бројот на самоубиства во САД се искачил на речиси 30-годишен максимум, покажува анализа на податоци на Националниот центар за здравствена статистика. Во секоја старосна група, освен кај постарите возрасни луѓе, има зголемен број самоубиства. Порастот е особено изразен кај жените, а тој е висок и кај средовечните Американци, група кај која стапката на самоубиства била стабилна и опаѓала уште од 50-те години на минатиот век.

Кај жените од 45 до 64 години, самоубиствата зачестиле за 63 проценти во периодот на студијата, додека стапката пораснала за 43 проценти кај мажите од истата возраст. Севкупно, во периодот од 1999 до 2014 година, бројот н асамоубиства се зголемил за 24 проценти. Со ова, во САД има 13 самоубиства на 100 000 жители, што е највисока стапка од 1986 година наваму. Во 2014 година забележани се 42 773 смртни случаи од самоубиства, наспроти 29 199 во 1999 година.

sr-2„Навистина е шокантно да се види толку голем пораст на стапките на самоубиства, кои ги засегаат безмалку сите старосни групи“, вели Кетрин Хемпстед од фондацијата „Роберт Вуд Џонсон“, која идентификува линк меѓу самоубиствата во средни години и растечкиот стрес поради загубата на работно место и проблемите со личните финансии.

Истражувачите исто така утврдиле и алармантен пораст на стапката на самоубиства кај девојчиња на возраст од 10 до 14 години – кај оваа старосна група стапката, иако и натаму ниска, се зголемила тројно. Во 1999 имало 50 девојчиња на оваа возраст што се самоубиле, додека овој број во 2014 година бил 150.