Стапија во сила мерките и препораките за заштита од загадувањето во Тетово

Во Тетово од денеска стапуваат во сила мерките и препораките за заштита од аерозагадување, поради надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина од 10 микрометри во два последователни денови.

„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 188 мg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, истиот е надминат на мерното место Тетово“, соопштуваат од Владата.

Среднодневните концентрации на PM10 во Тетово на 29 изнесувале 210,58, додека на 30 јануари 210,48 микрограми на метар кубен.

Во меѓувреме, мерките и препораките се во сила и во Струмица.