Станува ли Македонија хомофобично општество!?

Станува ли Македонија хомофобично општество!?Политичарите ги игнорираат, власта ги дискриминира, а за само 5 месеци регистрирани се осум случаи на насилство врз млади луѓе токму поради нивната сексуална ориентација.

Ова се дел од заклучоците во последниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, каде повторно посочуваат на проблемите со дискриминација и игнорирање на ЛГБТИ заедницата. Недостига поддршка од институциите, а сегашната владејачка гарнитура само долева масло на огнот, децидни се од Хелсиншки.

Како позитивен пример во Извештајот се споменува работата на ЛГБТИ Ценарот за поддршка. Објектот сместен во Старата скопска Чаршија, беше отворен пред пет месеци за да помогне во решавање на проблемите на ЛГБТ луѓето, но и на нивните родители. Непосредно по отварањето, Центарот беше каменуван од сеуште непознати сторители. Ова се случуваше неколкупати. Но иако разочаран од игнорантскиот однос на институциите, активистот Кочо Андоновски останува оптимист. Вели, власта води силна хомофобична кампања, но свесноста кај граѓаните за постоењето на хомосексуалците и трансексуалците, полека расте.

И додека Македонија оди чекор назад во препознавањето и прифаќањето на луѓето од ЛГБТИ заедницата, западноевропските држави одамна ги надминаа ваквите препреки. Во Белгија на пример,токму власта е носител на позитивните општествени промени.
Сепак во Македонија, стравот е дел од животот на луѓето од ЛГБТИ заедницата. За многумина од нас, полесно е да се молчи, велат од ЛГБТИ Јунајтед.

Ниту една политичка партија пред изборите не најде за потребно да даде одговор на прашалникот испратен од ЛГБТИ Центарот за тоа какви мерки преземаат партиите за подобрување и заштитата на правата на ЛГБТИ заедницата. Во хелсиншкиот комитет се разочарани од односот на политичарите. Од Центарот пак велат дека хомофобијата се претставува како политички коректен избор, но ако сакаме да станеме дел од Европа, ова мора да престане.

Почитувањето на еднаквоста независно од сексуална определба е основно човеково право, посочуваат од Хелсиншкиот комитет. Оттаму бараат зајакнување на правната заштита за жртвите на насилство поради својата сексуална ориентација и прифаќање на различностите. Разочарани се од односот на политичарите кон оваа заедница.

Јасмина Јакимова