[Станица Студентска] Василески: Иднината е во развојот на роботиката

[Станица Студентска] Интервју: Иднината е во развојот на роботикатаСтудентите кои навистина се интересираат за роботиката во Македонија можат да научат доволно и со тоа да бидат силна конкуренција  на странските пазари како поединци, вели Иван Василески, студент од трета година на насоката Компјутерско системско инжинерство и автоматика од ФЕИТ. Во интервју кое го добивме по неговото предавање на Станица: Студентска 2.0, тој говори за иднината во роботиката како и за импресиите на публиката кога ќе ги видат роботите кои ги создаваат студентите.

Роботиката како наука се изучува и кај нас на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Дали предметите, начинот на студирање и програмата на факултетите даваат доволно добра основа за проучување на роботиката?

Она што го изучуваме сега на ФЕИТ сигурно дава некоја основа, но сите настани на ФЕИТ не  поттикнуваат усовршување во одредена насока. Она што може да се добие на ФЕИТ е добра основа, но за сите понапредни фази понатаму подобро е да се наоѓаат други ангажмани. Сепак и во Македонија имаме многу светли точки како што е настанот „Робомак“.

Каква е твојата и иднината на твоите колеги кои го студираат ова? Дали оние кои сакаат да учат роботика и навистина да се занимаваат со предизвиците кои со себе ги носи роботиката треба да се образоваат тука и потоа да останат тука или пак многу подобра опција е дел од своето образование и работа да ги продолжат надвор?

Тие кои навистина се интересираат за роботиката како и за се’ друго, тука можат да научат доволно и со тоа да бидат силна конкуренција  на странските пазари како поединици. Оние кои размислуваат за тоа да се занимаваат со роботика во Македонија, прво одат кон тоа да организираат некоја своја фирма или некој нов начин на работа наместо класично вработување бидејќи реално фирми кои вработуваат ваков тип на стручњаци во Македонија има релативно малку.

Како што спомена и во текот на предавањето, еден од најзначајните настани за сите љубители на роботиката е „Робомак“. Во март 2014 година, Робомак ќе се организира по петти пат. Како изгледа целиот процес на подготовка на еден ваков настан кој секогаш привлекува многу внимание?

„Робомак“ е еден од оние ретки настани кои може навистина да те продлабочи во роботиката ако навистина си заинтересиран за неа и да го зголеми интересот за неа понатаму.  Јас сум бил на Робомак од својата прва година на факултет и сите искуства од тогаш се позитивни. Тоа што мене ми е интересно е што „Робомак“ не е еден обичен, класичен натпревар туку целонеделен настан каде што во првиот дел од денот има предавања од стручни лица и професионални од Македонија и пошироко, а во вториот дел работиме практично сами, сами се соочуваме со проблемите и сами бараме решенија за истите. Тој практичен допир со роботиката на „Робомак“ е многу позитивна работа за оние кои ова навистина ги интересира оваа наука.

Какви се реакциите од публиката за „Робомак“ со оглед на тоа дека се работи за отворен настан каде сите можат бесплатно да ги следат и предавањата и работилниците и крајните натпревари?

Иако најмногу посетители има на финалето, нас не’ посетувале и групи од основни и средни училишта и додека работиме. Самото  тоа што не’ посетуваат и тогаш покажува дека има голема заинтересираност за еден ваков настан. Последниот „Робомак“беше преплавен со публика и нивните реакции беа фантастични. Приликата да видиме како една роботска рака прави кафе или како игра некој хуманоид е навистина импресивна, затоа што во нашите глави е кодирано дека тоа го нема во Македонија, туку дека го има само во Америка, Германија и Кина. Но реално го има и тука и публиката тоа навистина ја воодушевува.

Анастазија Димитрова