Белград , Крагујевац, Нови Сад, Љубљана и Ријека…Сите овие градови имаат студентски културни центри кои функционираат одлично, истакнаа говорниците од „Отворен куфер“ на целодневниот настан за студентите „Станица: Студентска“.
Според нив, овие центри се одлично средени и се достапни за сите студенти и таму студентите постојано се дружат и се чувствуваат како дома. Во студентските центри постојано се одржуваат галерии, концерти, се издаваат книги и музички изданија, а најчесто тие се самоиницијатива на студентите. Дали е возможно отварање на еден ваков центар и во Македонија?
Ана Тодоровска од иницијативата „Отворен кофер“ вели дека ваков центар и е потребен на Македонија.
„ Имам посетено автономен културен центар на младите во Љубљана и токму поради тоа сметам дека ваков простор е потребен бидејќи тоа ќе биде место каде што студентите ќе се дружат и запознаваат меѓу себе и ќе ја развиваат критичката мисла. Ние сме иднината и оние кои ќе го донесат подоброто утре“, вели Тодоровска.
И нејзината колешка Елена Геровска го дели нејзиното мислење и вели дека еден ваков центар би одиграл улога во подобрување на комуникацијата на студентите.
„На Македонија и е потребен ваков центар многу затоа што е потребно место за дружење и за критичко размислување. За да се има ваков центар е неопходно да има поврзување на студентите од сите факултети и луѓе со различни интереси. Токму поради таа неповрзаност, Македонија сеуште нема ваков културен студентски центар“, рече Геровска.
Даница Караташова