Стакленик и метеоролошка станица доби средното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово

Стакленик и метеоролошка станица за едукативни цели се поставени во кругот на средното стручно училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. Тие треба да помогнат во развојот на земјоделството во Полошкиот регион така што ќе понудат простор за обуки за одгледување на различни земјоделски култури и изработка на бизнис планови.

30 ученици од земјоделско ветеринарна струка овде ќе стекнуваат вештини за одгледување на култури во стакленик, а со тоа како што велат од Министерството за локална самоуправа, ќе се подобрат и условите за изведување на практична настава во училиштето. Проектот, во вредност од 2.169.000 денари, има цел да го зголеми и бројот на жители кои имаат вештини за одгледување на култури во стакленик, по 5 лица од секоја општина или вкупно 45 лица од регионот.

„Околу 179 ученици од електротехничка струка пак ќе стекнат вештини за автоматизација и програмирање ќе ги подобрат своите познавања со изведување на практична настава во училиштето заедно со 20 наставници од електротехничка и земјоделска струка што ќе ги зголемат  компетенциите за работа во стакленик. Покрај тоа ќе порасне и бројот на на жители кои имаат компетенции за претприемништво и изработка на бизнис планови, на тој начин ќе биде обезбедена функционалност на стакленикот преку негова физичка адаптација и доопремување“, изјави министерот Горан Милевски при посетата на стакленикот.

Стакленикот содржи опрема за автоматска регулација на температурата, технологии за прихрана на културата и автоматика за наводнување на база на системот капка по капка. Метео станицата, пак, го потпомага компјутерот за автоматска регулација на условите во стакленикот.

„Иако Полошкиот регион има долга традиција во земјоделското производство, одгледувањето на култури во стакленик не е достапно за голем број на земјоделци поради потребните инвестиции. Стаклениците од друга страна овозможуваат одгледување на култури во контролирани услови, со примена на нови научни сознанија и технологии, а со тоа и оптимизирање на производство“, посочи Милевски.

Проектот е поддржан од Швајцарска агенција за развој и обнова.