ССНМ: Вербалното насилство промовирано од власта почнува да метастазира

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразува полна поддршка и солидарност со новинарот Борјан Јовановски кој беше нападнат од извршител на политиката на безумие, ментална и морална пореметеност која за жал се засилува во Македонија, реагираат од ССНМ.

Според ССНМ, вербалното насилство во континуитет промовирано од власта почнува да метастазира во состојба во која новинарите и медиумските работници веќе не се сигурни ниту на работното место ниту во својата приватност.

„ССНМ нема веќе илузии дека институциите ќе реагираат откако и по десетици напади и закани ниту еден извршител не е повикан на одговорност, а обвиненијата за поттикнувачите од страна на обвнителството се толкуваат како ’слобода на говор’. Сепак нема да пропуштиме уште еднаш да ја посочиме директната одговорност на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството кои навремено не рагираат и не ги казнуваат ниту извршителите, а уште помалку инспираторите, иако во четири дена сме сведоци на најмалку три напади на новинари, додека на социјалните мрежи се поттикнува правењето списоци за отстрел“, велат од ССНМ.

Она што очекуваат и во што се сигурни е дека времето на беззумие ќе заврши и тогаш, велат тие,  некој за ова мора и ќе одговара.

„Истовремено ССНМ ја уверува јавноста дека  овој и слични испади на примитивизам и вулгарност од заблудени интелектуално инфериорни ликови не само што нема да ја исплашат новинарската фела, туку напротив, ќе ја направат посилна и поединствена“, стои во реакцијата на ССНМ.