ССНМ: Расправата за законот за медиуми е глумење транспарентност

ССНМ: Расправата за законот за медиуми е глумење транспарентностСо вчерашното усвојување на амандманот на ВМРО и ДУИ за проширување на ингеренциите на Агенцијата за медиуми за набљудување на работата и на  печатените и интернет медиуми конечно е разоткриена вистинската намера на инсистирањето за носењето на медиумските закони, реагираат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

„Тие ниту се барање од Eвропската унија, како што впрочем и соопшти делегацијата на ЕК во Македонија, ниту се обид да се адресираат клучните прашања во медиумската сфера – рекламирањето како алатка за корупција и гушењето на слободата на изразувањето во редакциите, прашања кои  воопшто ги нема во предложената легислатива, туку се проект за ставање под контрола и на печатените и интернет медиуми,  како и  дисциплинирање на електронските со казни, за да не мораат да се поткупуваат со реклами“, велат од новинарскиот синдикат.

Според нив, се покажа дека јавните дебати и расправи, експертизи од ОБСЕ и Советот на Европа за законот за медиуми се фарса, „со цел да се одглуми транспарентност и инклузивност на еден малициозен процес за ставање под контрола или озаконување на веќе постојната контрола врз јавниот збор и јавното мислење“.

Во Собранието пак, на јавната расправа за предлог-законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, беше одбиен амандманот на СДСМ со кој се предлагаше да се забранат донации на медиуми во политичките партии. Според опозицијата, на последните локални избори, ТВ Сител донирала девет милиони денари, МПМ донирале 15 милиони денари, ТВ Канал 5 донирале 8 милиони денари и ТВ Алфа – 4 милиони денари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

„Амандманот го поднесуваме за превенција на оваа состојба која се јавува сè почесто во овие седум години откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Да се прекине спрегата меѓу владејачката партија и дел од медиумите кои се ставаат под нејзино влијание. Со овој амандман ќе се забрани медиумите, без разлика дали се радиодифузери, печатени или интернет медиумите, да не смеат да бидат донатори на политичките партии“, рече пратеникот од СДСМ, Емилијан Станковиќ.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски го одби предлогот. Во изминатите два дена на амандманската расправа по Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни комуникации на седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија се поминати 63 амандмани, од вкупно 94 поднесени за овој закон, од кои прифатени се 20. За Предлог-законот за медиуми и за аудиовизуелните медиумски услуги се поднесени околу 130 амандмани, повеќето од опозицијата. Денеска е последен ден од предвидените три, според Деловникот за работа на Собранието за комисиско изјаснување по амандманите.